Реален или предизборен буџет?

Архивска фотографија: Собраниска комисија за финансирање и буџет. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески. 02 мај 2012.

За владата, буџетот за наредната година е реален и соодветен одговор на економската криза, а за опозицијата буџет за предизборно купување гласови.
За владата буџетот за наредната година е реален и соодветен одговор на економската криза, а за опозицијата-буџет на тешка сегашност и украдена иднина.
Буџетот ги отсликува реално состојбите во македонската економија и последиците кои ги има македонската економија од случувањата во европската економија и во тој контекст претставува адекватен одговор во насока на поддршка на стопанството и поддршка на заштитата на најранливите категории.
Зоран Ставрески, министер за финасии.


Министерот за финансии Зоран Ставрески на собраниската седница за финансирање и буџет рече дека очекува во 2013 година БДП да има раст од два отсто, а инфлацијата да изнесува три отсто. Основната задача на владата, според него, била да се одржи економскиот раст и да се заштитат најранливите групи.

„Буџетот ги отсликува реално состојбите во македонската економија и последиците кои ги има македонската економија од случувањата во европската економија и во тој контекст претставува адекватен одговор во насока на поддршка на стопанството и поддршка на заштитата на најранливите категории. Со овие податоци, со овие проекции Република Македонија и во 2013-та година ќе биде конзистентна, ќе ја задржи конзистентната фискална политика и ќе остане во рамките на петте најмалку задолжени земји во Европа.“
Буџетот за 2013-та година е буџет на кредити и долгови. Ова е буџет за предизборно купување на гласовите на пензионерите, на корисниците на социјална помош.
Марјанчо Николов, СДСМ.

Марјанчо Николов од СДСМ вели дека буџетот покажува дека владата е немоќна и е признание дека нема визија како да ги реши проблемите на граѓаните и економијата.

„Буџетот за 2013-та година е буџет на кредити и долгови. Ова е буџет за предизборно купување на гласовите на пензионерите, на корисниците на социјална помош. Буџетот за 2013-та година е буџет за сиромашни граѓани и неликвидно стопанство, а богата влада.“

Николов и забележа на владата за се поголемата задолженост и праша за што се трошат тие пари.

„Продложувате опасно и со такво темпо прашање е кога ќе дојде времето кога овие кредити не можат да се отплатат. Само оваа година и наредната година ќе не задолжите за 600 милиони евра.“

Ставрески вели дека владата не се задолжува за да ги исплаќа кредитите.

„Ние ги исплаќаме обврските и голем дел, речиси две-третини од обврските се исплатени заклучно со крајот на октомври и почетокот на ноември. Паѓа во вода вашата теза дека тоа се прави со позајмени средства, тоа воопшто не е точно.

На прашањето на опозицијата колку пари владата му исплатила на стопанството, Ставрески одговори само дека 55 отсто од долгот е вратен.