Кучи - Владата со месеци не им враќа ДДВ на компаниите

Мендерес Кучи, претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија.

Нашите членки се во дилема дали воопшто да извезуваат, од причина што враќањето на данокот се пролонгира со месеци. Од овие причини компаниите се демотивирани да извезуваат, наместо да бидат мотивирани, вели Мендерес Кучи, претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија.
Дали македонската економија е во рецесија со оглед на некои показатели, како на пример дека 10 месеци има пад на индустриското производство?

Според нас сите услови за рецесија во нашата земја се исполнети така што останува уште истата официјално да се објави. Што се однесува до влијанието на рецесијата врз стопанските движења доволно е да се каже зборот рецесија и да се поттикне песимизам кај компаниите кои имаат активности и планираат нови инвестиции во нашата земја.

Како и во кој степен ова влијае врз стопанските движења во Македонија?

Врз сите активности и компании влијанието од економската состојба е негативно. Самиот економски раст на нашата земја како што е познато произлегува од активностите на компаниите. Економскиот раст е негативен неколку месеци наназад и тоа е податок што зборува сам за себе.

Голем проблем на македонското стопанство е неликвидноста и задолженоста. Каква е состојбата и кој е најголем должник на компаниите кои се членки на Северозападната комора?

Токму проблемот на задолженост на стопанството е и генератор на кризата, каде што во најголема мера учествува самата влада, со тоа што не ги подмирува обврските врз основа на враќање на ДДВ и исплата на заостанатите обврски, кон компаниите кои вршеле услуги за потребите на Владата. Ќе дадеме конкретен пример на нашите членки кои веќе се во дилема дали воопшто да извезуваат, од причина што враќањето на данокот се пролонгира со месеци, а се знае дека нивниот импут е секогаш со вклучено ДДВ во нивната цена. Од овие причини компаниите се демотивирани да извезуваат, наместо да бидат мотивирани, односно стимулирани со дополнителни средства за да бидат присутни на меѓународниот пазар.


Како во време на криза се држат некогаш силните сектори во стопанството. Има ли такви?

Проблемот е уште поизразен кај големите компании, особено кај извозно ориентираните компании, токму од горе наведените причини, покрај и онака присутната стеснетост и прибирливост на пазарите. Добро котираат компаниите кои имаа монополски позиции како Телеком, ЕВН, Окта. Но, оние кои треба да се потпрат на свои нозе едвај се држат.

Во кој степен и како поскапувањето на струјата ќе влијае врз стопанството?

Секое поскапување предизвикува зголемување на кризата, најповеќе поскапувањето на енергенсите, кое се заканува врз стопанството со влегување во спиралата на инфлација. Тоа може да предизвика нестабилност и долгорочни последици кои веќе се видени на нашите простори.

За какви анти-кризни мерки размислувате?

Нашите анти-кризни мерки се насочени кон се што значи влез на свеж капитал во стопанството, односно решавање на општата беспарица. Тоа се работи кои ланчано се врзуваат во некој круг. Ние тргнуваме од она што го слушнавме од вицепремиерот Ставрески. Тој на некој начин ги даде првите знаци дека ни е тешко и кажа дека размислува за мерки кои помодерните земји ги воведуваат. Прво треба да видиме кој е тој обем на пари што и фали на државата. Прво и основно тоа треба да го направи владата . А после според тоа да се однесуваме. Ајде имаме криза, да ја лоцираме, каде е проблемот, што е проблемот и според тоа да се однесуваме. Ако е потребно зголемување на ДДВ тогаш да го зголемиме и да не се фалиме со мерки кои се непродуктивни и кое се само за прокламирање и без ефект. Ние од Владата очекуваме дека покрај ребаланс на буџетот, ќе имаме и тој тип предлог, каде ќе дојде до зголемување на ДДВ, дали по основ на одредени услуги или артикли или севкупно треба допрва да се види.

Колку македонскиот пазар со оглед на политичката состојба, административните процедури и економската состојба е прифатлив за вложување на странски инвеститори?

Има друг елемент, поважен од овој што вие го споменувате, кој ги демотивира не само странските инвеститори, туку и домашните. А, тоа е несигурноста од тоа што нашата земја не е членка на НАТО. Тоа е едното, а другото е честото менување на законите кои и така се со доста правни недостатоци и нивното толкување зависи од тоа кој и како ги чита.

Постојано посочување дека косовскиот пазар е отворен за инвестиции од Македонија. Што покажуваат податоците на вашата комора колку македонски компании се присутни на косовскиот пазар.

Желба на секоја земја е да апсорбира инвестиции, но за привлекување на истите се потребни предуслови. Оти било кој инвеститор се води од мотивот- профит. Но пред да инвестира за него е важна сигурноста на влогот што ќе го вложи во земјата. За жал нашата држава се детектира како ризично подрачје за странските инвестиции и покрај прокламираните даночни олеснувања што ги нуди државата. Додека другите земји може да се пофалат со привлекувањето странски инвестиции и покрај политичките потешкотии низ кои тие минале.

Прашањето ми е колку косовскиот пазар е отворен за инвестиции од Македонија?

Повеќе се нашите компании присутни таму, отколку што се нивните кај нас. Не можам да ви кажам точен број, бидејќи таков податок немам пред мене, но знам дека поголем е бројот на наши што инвестираат во нивната земја.

Контактирате со бизнисмени од Косово, каков е нивниот интерес да инвестираат во Македонија?

Ние водиме активни разговори и имаме средби на кои одблиску ги разгледуваме ресурските и можностите како од регионален аспект, така и од европска перспектива. Од тие средби произлегува констатацијата дека регионот не е доволно консумиран, било од аспект на пазар, било од аспект на природни ресурси. Но, сепак соработката се одвива многу тешко, од причина што за овој вид на соработка има предрасуди, дека нешто се случува само меѓу Алабнците и на тоа би можело да се гледа малку поинаку од страна на неалбанскито дел на ова подрачје.

Сакате да кажете дека политиката влијае на бизнис релациите, какви се односите на вашата комора со другите комори?

Апсолутно политиката има влијание врз се, вклучително и економијата. Меѓутоа ние се држиме до добра соработка со коморите, но што подалеку од било која партија. Но тоа не е случајот со другите две стопански комори и вие знаете дека едната припаѓа на едниот дел, другата на другиот дел, но ние секогаш ги гледаме нашите заеднички допирни точки и во тој правец многу добро сме сихронизирани, соработуваме, дури и некогаш тие ни велет вие имате храброст тоа да го направите и кажете, па повелете заедно да настапуваме со одредени проекти.