Достапни линкови

Македонија е во рецесија, само треба некој да објави


Сите услови за рецесија се исполнети, велат од Стопанскaта комора на северозападна Македонија. Стопанствениците бараат начин како да се справат со кризата.

Некои од стопанствениците официјално објавуваат дека во Македонија има рецесија, но владата главно се уште го избегнува тој збор. Стопанскaта комора на Северозападна Македонија наведува од пред неколку месеци дека земјава влегува во рецесија. Компаниите не произведуваат зашто немаат нарачки. Индустријата бележи пад во последните 10 месеци, вели Мендерес Кучи, претседател на Стопанскaта комора на северозападна Македонија.
Според нас, сите услови за рецесија се исполнети, само останува истата да се објави.
Мендерес Кучи, Стопанскa комора на северозападна Македонија.

„Според нас, сите услови за рецесија се исполнети, само останува истата да се објави.“

За последиците од економската криза во Сојузот на стопанските комори главно се уште зборуваат спорадично. Мирче Чекреџи прогнозира дека рецесијата е веројатна доколку и вториот квартал е со негативен раст на БДП, но официјалните податоци за последните три месеци се уште не се објавуваат.
Намалени се нарачките од странство, индустриското производство паѓа, бројот на вработени во индустријата паѓа. Значи ова е исклучително тешка година. Се надеваме дека во втората половина ќе се поправат работите.
Мирче Чекреџи, Сојуз на стопански комори на Македонија.

Според Државниот завод за статистика, стапката на раст на бруто-домашниот производ за првото тримесечје од 2012 година изнесува 1,4 насто. Во првото тримесечје од 2012 е забележан пад во секторите - Градежништво од 9.8 проценти, Преработувачка индустрија и Снабдување со електрична енергија, гас и вода од 9,6 проценти и секторот Сообраќај, складирање и врски од 0.1 насто.

„Намалени се нарачките од странство, индустриското производство паѓа, бројот на вработени во индустријата паѓа. Значи ова е исклучително тешка година. Се надеваме дека во втората половина ќе се поправат работите“, вели Чекреџи.

Опозицијата, пак, веќе објави дека Македонија е веќе во рецесија и дека првите два квартали се негативни, а македонската економија се занимава со проблеми на висока невработеност и сиромаштија.

Мендерес Кучи од Стопанската комора на северозападна Македонија, вели дека бизнисмените бараат нови мерки за излез од рецесија.

„Ние очекуваме дека покрај ребалансот на буџетот ќе дојде до зголемување на ДДВ, дали по основ на одредени услуги или артикли ќе треба да се види“, вели Кучи.

За тоа какви треба да бидат мерките за да му се помогне на стопанството во Сојузот на стопански комори имаат понаков став.

„Секакво зголемување даноци во македонската економија која стагнира и не се развива би било катастрофално.Треба да се оди на други радикални мерки, а тоа е намалување на даноците“, вели Чекреџи.

Задача на Владата е да најде начин, да спроведе и донесе мерки кои ќе ја заштитат земјата од рецесија, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески. Во ситуација кога во Европа кризата кулминира никој не може да исклучи ни едно сценарио. Наша улога како Влада е навремено да направиме напор последиците од таа рецесија која не може да се избегне целосно да биде превенирана и да се заштити македонското стопанство, рече неодамна Ставрески.

Ставрески рече дека владата навремено презела мерки како стоте милиони евра кредит за македонските претпријатија, отворање нови работни места, намалување на царини и друго како и дека сега за сега не се планира ребаланс на Буџетот, а доколку се појави потреба за тоа, дополнително ќе се разгледува можноста.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG