Митревски - Не е толку лошо како што се прикажува

Живко Митревски, претседател на ССМ.

ССМ соработува со владата за да бара решенија. Порано за жал тоа не беше присутно и можеби е затоа таа слика дека синдикатот секогаш мора, и да е добро, сепак да изјавува дека не е добро. Мора да ја менуваме таа слика, вели првиот човек на Сојузот на синдикати на Македонија Живко Митревски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Се соочуваме со економска криза. Отпуштања во приватниот сектор веќе има, а се најавуват и нови, а се кратат и платите на работниците. Што синдикатот презема во врска со тоа?

Мислам дека во основа ССМ ваквиот однос кон оваа рецесија и кон она што се случува како рефлексија на светската економска криза го имаше во моментот уште кога своевремено како први од синдикатите можеби и на овие простори излеговме со свој пакет на антикризни мерки во кои фокусот го имавме ставено во четири подрачја и тоа во делот на развојот на социјалниот дијалог, во делот на економијата, во делот на мерките за поттикнување или елиминирање на процесот на невработеност или зголемување на вработувањата и во процесот на интензивирање на колективното преговарање. Станува збор за четири сегменти кои, секој од своја страна, мислам дека со предлозите кои ги дававме влијаеја во Македонија сепак да немаме еден голем бран на масовни отпуштања, значи да немаме намалување на платите во Македонија и она што го ставивме фокусот на социјалниот дијалог мислам и превентивно беше насочено кон тоа да го спречиме и процесот на намалување на работничките права.

Зошто ССМ не се приклучи на протестите на некои јавни претпријатија кои беа организирани во последно време?

Станува збор за протести на поранешните загубари. Во делот на нашиот ангажман, знаете дека ССМ е составен од 18 грански синдикати, а секаде каде што има членство во рамките на гранските синдикати во тој случај и гранските синдикати со својата активност беа вклучени. Тоа значи дека СИЕР од почеток па до крај водеше разговори со сите релевантни фактори, така што ССМ преку гранските синдикати секаде беше присутен, само таму каде што имаме членови, така што во оние претпријатија каде што имаме членови во секој случај бевме инволвирани во тој процес.

Што произлезе од тие разговори?

Факт е дека станува збор за сложен процес, наследени проблеми кои се таложеле многу години и во услови на ваква тешка и економска криза мислам дека премногу оптимистички беше дека може да се решат веднаш и дека ќе се решат на таков начин како што очекувавме. Во секој случај нашиот став останува ист, а тоа е дека при купопродажните договори треба да се обезбеди работно место за сите работници, конкретно зборувам за ОХИС и за другите загубари, и во рамките на таквите купопродажни договори интересот на синдикатот постојано ќе биде насочен да се обезбеди зачувување на работните места и исплаќање на задоцнетите плати и придонеси.

Синдикатот одамна не излегол на протести, дури не излеговте ни на 1 Мај. Дали и вие како министерот за труд и социјална политика сметате дека не се штрајкува и дека не треба да се штрајкува бидејќи се остварува социјален дијалог?

Како ССМ покажавме дека преку еден социјален дијалог и преку превентивно решавање на проблемите можеме да ги избегнеме социјалните конфликти. Мислам дека исто така покажавме преку конкретни кампањи дека патот на прослава, па дури и на такви денови каков што беше 1 Мај, може да ги реализираме со конкретни активности, значи конкретни активности со конкретни резултати.

Колку социјалниот дијалог е доволен за унапредување на работничките права и како се покажа тој процес досега?

Самиот факт што во Македонија не се случија помасовни протести зборува за респектирање на позициите на синдикатот како социјален партнер, а тоа значи укажување на оние превентивни активности кои требаше и ги презема државата значи за спречување на бранот на кризата, бидејќи ако направите една анализа во рамките и на опкружувањето, а да не зборувам за Европа, скоро насекаде има намалување и на работни места, некаде и до 30 отсто, а од прилика меѓу 20 и 30 отсто има намалување и на платите. Значи не дозволивме три многу значајни сегменти да бидат под удар на кризата што е пак резултат на еден добро искреиран социјален дијалог.

Но, може ли да се споредуваме со ситуацијата во европските земји, знаејќи дека Македонија и понатаму е рекордер во невработеност?

Ако направиме повторно една анализа каква била позицијата на работникот претходно, а каква е сега и ако се земе предвид дека во меѓувреме го донесовме и Законот на минималната плата кој сепак обезбеди поголема егзистенција за над 65 илјади работници, и ако имаме предвид дека не дозволивме поголемо нарушување на пензискиот систем, не дозволивме нарушување на платниот систем, па и на водењето на платните политики, тоа доволно зборува дека социјалната сцена сепак не е таква како што се сака да се прикаже. Бидејќи, ако била таква каква што се прикажува или некој се обидува да ја прикаже, сигурно дека немаше да има ваков социјален мир или ваков еден баланс меѓу интересите на трудот и на капиталот што мислам дека е сепак еден правец што доволно зборува дека сме постигнале одреден успех. Јас не велам дека навистина немаме сложена економска состојба, напротив имаме многу сложена економска состојбата, но сепак во рамките на мерките кои се предвидени, вклучително и она што го бараме заедно со социјалните партнери, па и најновите мерки во делот на пласирањето на кредитите, во делот на она што присуствувавме на некои настани за сериозни инвестиции кои се најавуваат, значи 4.000 нови работни места, 2.500 нови други работни места во зоната Жабени и разговорите кои ги водевме веднаш со тие странски партнери дава надеж дека сепак ќе го избегнеме она што значи лоша економска состојба која би можела да биде продлабочена.

Поради вашиот поблизок однос со власта бевте обвинувани дека сте наклонети кон нив. Како ги коментирате тие обвинувања?

ССМ е најрепрезентативен синдикат во Република Македонија. Како социјален партнер, нема друг партнер освен Владата на Република Македонија, немаме ни друг партнер освен репрезентативниот партнер, а тоа е Организацијата на работодавачи на Македонија, што значи дека социјалното партнерство упатува на една заедничка соработка. Начинот на кој ќе се изменаџира таа соработка може да биде поврзан со индустриски конфликти и на тој начин да се решаваат или воопшто да не се решаваат проблемите или, пак, навистина да биде насочен кон креирање механизми преку кои ќе доаѓаме до одредени заеднички решенија. Порано за жал тоа не беше присутно и можеби е затоа таа слика дека синдикатот секогаш мора, и да е добро, сепак да изјавува дека не е добро. Значи мора да ја менуваме таа слика, да ја менуваме таа свест и да бидеме институционално вклучени за разлика од тоа што порано не бевме. Често пати значи отсуствуваше таков пристап на синдикатот и ваквата стратегија која ја реализиравме очигледно дава друга димензија.

Колку сте задоволни од усвојувањето на Законот за минимална плата, бидејќи онаму каде што е најпотребно, во критичните индустрии, минималната плата е пониска од договорениот износ?

Упорно кажуваме дека со тој закон над 65 илјади работнички семејства добија значителен бенефит со оглед на тоа што претходно примаа плата по 4.500 до 5.500 денари, напротив сега примаат далеку повеќе, а анализата уште тогаш, пред да го донесеме Законот за минимална плата и сегашната анализа покажа дека ако се има предвид дека имаме определена структура на работници кои според возрасната структура помножена со коефициентот кој се прима за минат труд, според бројот на годините ангажирани и според она што значи исплата на вообичаена норма, уште тогаш се покажуваше дека во старт 80 отсто и од тие претпријатија кои работат во текстилната или кожарската индустрија дека ќе примаат околу 8.000 до 8.050 денари плата, така што и анализите го потврдија тоа и можам да кажам дека уште во старт, од февруари месец голем дел од тие работници, или над 80 отсто, примаат плата од 8.000 денари.

Дали сметате дека со минималната плата може да се покријат основните трошоци за живот на еден работник?

Па мислам дека ние после 20 години за првпат како ССМ не случајно ја активиравме нашата идеја и имаме пресметка која ја правиме секој месец на така наречената прехранбена синдикална кошничка која покажува далеку поголем износ во однос на она што беше креирано порано од Државниот завод за статистика. Тоа значи дека не можеме да очекуваме дека таа синдикална кошничка со ваквите плати кои ги примаме моментално во Македонија ќе го исполни тоа очекувано ниво, но пак ќе кажам дека е значително повеќе од она што претходно беше утврдено. Тоа значи дека сè уште имаме простор за зголемување на платите, а тоа веќе го правиме во колективните договори. Ако имате предвид дека последниот колективен договор кој го потпишавме и го усогласивме согласно Законот за минимална плата, конкретно зборувам за колективниот договор за земјоделие и за прехранбена индустрија, значи веднаш одиме со еден коефициент од 1.30 за земјоделие, каде што веќе платата е зголемена за 10 отсто или, пак, утврдуваме дури и плати каде што порано воопшто не беше утврдено, а тоа е платата за сезонските работници, што значи дека сепак даваме значителен поттик и овозможуваме да се дојде до таа синдикална кошничка.

Во исто време се направија измени во Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност со кој се намалуваат бенефициите на лицата што се прогласени за технолошки вишок. Дали тоа беше цената што требаше да се плати за утврдувањето на минималната плата?

Па мислам дека не е таа цената, имаше и обиди да се зголеми возрасната граница на пензискиот систем, имавме сериозни разговори и со Светска банка каде што се сакаше да се интервенира во пензискиот систем. Ние тоа не го дозволивме. Очигледно дека имавме и еден закон кој влечеше корени и кој беше поврзан со решавање на проблемите на поранешните 25 загубари, така што ние можевме и интервениравме во меѓувреме колку што можевме, но очигледно и времето покажа дека сепак, ако ги направиме пресметките што би се изгубило во делот на пензискиот систем, а што од прилика би изгубиле работниците, сепак мислам дека решението кога го направивме да не дозволиме интервенција во пензискиот систем со зголемување на возрасната граница е далеку попрактично решение во однос на ова друго решение, а од друга страна исто така за жал многу малку се прави анализа што значи тој закон. Значи, ние сме синдикат што води грижа и се грижи за стабилен работен однос. Тоа е закон кој фактички интервенира и влијае да продуцира отпуштање на работници. Тоа значи поттикнување на донесување одлуки за технолошки вишоци. Мислам дека и со интервенции и на Европската конфедерација на синдикати и со она што го имавме како претседателство, таа фама мора да ја разбиеме дека ние како синдикат мора да се бориме и да водиме грижа за закони кои ќе водат кон стабилност на работниот однос, а не за закони кои ќе поттикнуваат отпуштање на работници по пат на технолошки вишок.

Во Македонија сè уште е висока бројката на несреќни и смртни случаи на работното место. Што презема синдикатот во однос на одговорноста на работодавачите и условите за работа?

Вие сте сведоци дека ние имавме интервенции во неколку сегменти во Законот за безбедност и здравје при работа, значи формиран е и тој национален комитет за безбедност и здравје, каде што веќе влегуваме институционално како ССМ. Од друга страна, исто така сведоци сте дека за првпат после долги години во синдикатот формиравме посебни комисии кои директно на терен ја проверуваат и активноста на нашите синдикалци, но и имплементирањето на ваквиот Закон за безбедност и здравје при работа. Исто така водевме низа разговори со Министерството за труд и социјална политиката. Па еве и последните случување во делот на почитување, односно непочитување на работното време, посебно во екстремните услови каде што огромен број казни беа изречени, доволно зборува дека сепак го задвиживме тој процес и дека во една заедничка соработка ќе дојдеме до определени решенија во делот на имплементирање на овој закон кои ќе значат далеку поголема заштита. Исто така во смисла на ова, постојано го поттикнуваме овој процес, правиме и одредени проекти со ЕУ, каде што од наша страна вршиме и едукација на нашите членови, сè со цел и внатре во самите организации и тие да бидат активни чинители во делот на поттикнувањето на овој процес.

Ја споменавте и работата на отворено. Колку се почитуваат забраните, бидејќи и самите кажавте дека има работодавачи кои не ги почитуваат правилата?

Во последните неколку денови беа изречени над 30 казни, што значи дека беше извршена забрана за работа на голем дел фирми, претежно во градежништвото, што значи дека навистина овие наши напори, напорите и на Министерството за труд и нашиот притисок што го правиме секојдневно очигледно даваат резултати.