Шансата против Доминиканците е во добрата одбрана

Македонските кошаркари по натпреварот со Шпанија во полуфиналето на ЕП во Литванија, 2011

Победата против Доминиканската Република ја води кошаркарската репрезентација чекор поблиску до Олимпијадата во Лондон.
Македонската кошаркарска репрезентација го исполни првиот од трите услова за пласман на ОИ во Лондон. Иако потешко од очекувањата (со стартен пораз од Ангола и победа над Нов Зеланд), избраниците на селекторот Марјан Лазовски, во осминафиналната група на квалификацискиот турнир во Венецуела го освоија првото место и се изборија за (посакуваниот) 1/4финален дуел со Доминиканската Република.
Нападот е посилна страна на Доминиканската Република. Така да нашата шанса треба да ја бараме во добра одбрана, да го исконтролираме нивниот скок, бидејќи имаат 3-4 играчи што се исклучително добри на скок. А, во напад најмногу и ќе зависи од тоа каква вечер ќе имаме.
Александар Тодоров, тренер на кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје.

Тој меч ќе се одигра вечерва (од 23.30 часот), кога, под услов да не го потцениме незгодниот противник, не би требало да имаме посериозен проблем за победа и пласман во полуфиналето. Покрај на љубителите на спортот, тоа е мислење и на речиси сите домашни кошаркарски стручњаци, вклучувајќи го и тренерот на шампионот МЗТ Скопје, Александар Тодоров. Според него, наш адут за победа вечерва треба да биде агресивната игра во одбраната.

Македонската кошаркарска репрезентација на ЕП во кошарка во Литванија.


„Нападот е посилна страна на Доминиканската Република. Така да нашата шанса треба да ја бараме во добра одбрана, да го исконтролираме нивниот скок, бидејќи имаат 3-4 играчи што се исклучително добри на скок. А, во напад најмногу и ќе зависи од тоа каква вечер ќе имаме. Мислам дека во натпревар каде што би имале добра шутерска вечер, ние сме апсолутни фаворити“, изјави Тодоров.
Јас би посакал да ја повторат онаа нивна игра, мотивација во одбрана што беше на ЕП во Литванија. Доколку така се однесуваат постојат шанси да се победи.
Благоја Георгиевски Буштур, поранешен кошаркар.

Слично размислува и Благоја Георгиевски, единствениот македонски кошаркар кој настапил на ОИ (со репрезентацијата на СФРЈ во 1972 година во Минхен и во 1976 година во Монтреал), од кои има и еден сребрен медал (на Олимпијадата во Монтреал). Тој од своето огромно искуство, најдобро знае како во моментов се чувствуваат и што треба да направат нашите репрезентативци.

Марјан Лазовски, селектор на македонската кошаркарска репрезентација.


„Тоа е природно. Играчи кои што се во ваква ситуација, се на прагот до ОИ што е сон на секој спортист, дека мора да постои и трема, меѓутоа мора да постои и мотивација. Значи таа трема е позитивна во смисол дека таа е само пред натпревар, штом почне мечот да мотивирано влезат и смислено го спроведат она за што ќе се договорат. Така да очекувам дека тие ќе ја сознаат важноста на овој натпревар и дека апсолутно ќе бидат доста мотивирани. Јас би посакал да ја повторат онаа нивна игра, мотивација во одбрана што беше на ЕП во Литванија. Доколку така се однесуваат постојат шанси да се победи“, рече популарниот Буштур, кој не сака да се впушта во прогнози околу конечниот расплет на битката за Лондон.

За разлика од него, Тодоров порачува:

„Веќе не сме аутсајдер кошаркарски. Веќе сме репрезентација која котира добро на мапата и на Европа и на свет. Така да верувам дека ќе ја поминеме Доминиканската Република и понатаму верувам дека Македонија ќе игра на Олимписките игри во Лондон“.

За таков подвиг, треба да се освои едно од првите три места на турнирот во Каракас. Тоа значи дека покрај победа вечерва, за пат во Лондон ќе треба да се триумфира и во утрешното полуфинале (каде што противник би ни бил подобриот од вечерашниот меч Литванија - Порторико), или во неделниот дуел за третото место.