Изложба во слава на индивидуалноста

Изложба на постери или дигитални графики на уметникот Горан Костовски – Ин.дог.

„Јас, личноста“ е насловена изложбата на постери или дигитални графики на уметникот Горан Костовски – Ин.дог, што од 29 јуни до 5 јули, се одржува во Отвореното графичко студио на Музеј на град Скопје.
Постерите или дигитални графики на Горан Костовски се плод на долгогодишното искуство во доменот на графичкиот дизајн во чии рамки тој има остварено завидни резултати и покрај притисоците на безобразните и неедуцирани клиенти. Најновите дела се ослободени од комерцијалните стеги и компромиси и во нив авторот го има имплементирано својот ликовен сензибилитет и културен багаж акумулиран со години.
Во оваа изложба се сублимирани сите мои дневни ситуации коишто се водени како еден вид на дневник од којшто извадив поука за самиот себе си, некои мои размислувања со кои што сум се соочил во текот на деновите, месеците, но и годините. Размислувајќи за иднината, минатото и сегашноста, навистина сакам да бидам личноста којашто сум. Не сакам да се приспособувам на нечии туѓи приоритети, што воопшто не се ни однесуваат на мене, на околината и на подобрување на светот воопшто.
Горан Костовски – Ин.дог, уметник.

Ова ќе го забележи во текстот за каталогот Атанас Ботев, кураторот на изложбата „Јас, личноста“, што ликовната публика до 5 јули ќе може да ја проследи во Отвореното графичко студио при Музеј на град Скопје.

Авторот, пак, за постановката на која ќе бидат изложени 20 дигитални графики во слава на индивидуалноста, а за кои се забележува дека носат печат на јапонската графика, супрематизмот, минимализмот, поп-артот и стрип-артот, вели дека е експресија на неговите лични доживувања.

„Во оваа изложба се сублимирани сите мои дневни ситуации коишто се водени како еден вид на дневник од којшто извадив поука за самиот себе си, некои мои размислувања со кои што сум се соочил во текот на деновите, месеците, но и годините. Размислувајќи за иднината, минатото и сегашноста, навистина сакам да бидам личноста којашто сум. Не сакам да се приспособувам на нечии туѓи приоритети, што воопшто не се ни однесуваат на мене, на околината и на подобрување на светот воопшто.“

Тој дополнува дека иако живееме во многу турбулентно време гневот, омразата и фрустрациите се сосема непотребни особини за сите нас.

„Нема потреба никој од нас да носи фрустрации во себе. Ние сме сите луѓе, никој од нас не е совршен и верувам дека можеме многу, многу да се подобриме во поглед на сè.“

Роден 1983 година во Скопје, Горан Костовски – Ин.дог е графички дизајнер и видео-уметник. Зад себе има бројни самостојни и групни презентации и видео-перформанси, а минатата година беше автор на визуелизацијата за гала-отворањето на јубилејното издание на фестивалот „Охридско лето“. Изложувал во културниот центар „Точка“, Младинскиот културен центар, Мала станица, а на фестивалот „Кока-кола саундвејв“ во 2005 година одржа перформанс инспириран од музиката.

Авторот е убеден дека наскоро неговата постановка „Јас, личноста“ ќе има можност да им ја понуди на љубителите на уметноста и во другите градови во земјава, веќе остварил контакти за нејзино претставување во Словенија, а дотогаш, како што вели, ќе се фокусира на својата лимитирана серија на маици со јасни пораки за индивидуалноста и славењето на животот.