Иванов нема да оди на инагурацијата на Николиќ

Новоизбраниот српски претседател Томислав Николиќ.

Претседателот Ѓорѓе Иванов нема да присуствува на инагурацијата на новоизбраниот српски претседател Томислав Николиќ. Од кабинетот на Иванов нема објаснување за таквата одлука.
Претседателот Ѓорѓе Иванов нема да присуствува на инагурацијата на новоизбраниот српски претседател Томислав Николиќ, иако добил покана, ни потврдија од кабинетот на претседателот. Но оттаму не соопштија зошто е донесена таква одлука. Од Кабинетот на претседателот информираат дека Иванов во петок ќе учествува на конференцијата на Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Белград, при што се очекува да ја оствари и првата билатерална средба со неговиот српски колега Николиќ.
Јас не би очекувал некоја драматична промена освен во вокабуларот на новиот претседател, чија историја ние ја знаеме, којшто ја изненади светската јавноста со некои свои изјави, особено заради фактот што тој бил некогаш доброволец таму во тие поранешни југословенски војни, но што се однесува до Македонија мислам дека работите ќе продолжат како и досега.
Денко Малески, поранешен министер за надворешни работи.

И дел од колегите на Иванов од регионот се изјаснија дека нема да присуствуваат на инaгурацијата. Но, претседателите на Хрватска и Словенија, Иво Јосиповиќ и Данило Тирк, како и претседавачот на претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ изјавија дека нема да присутвуваат затоа што, според нив, Николиќ е човек кој што треба да ги смени своите радикални ставови за да се продолжи процесот на помирување во регионот.

Претседателот Иванов и поранешниот српски претседател Борис Тадиќ, 16 декември, 2011.


Дел од европските дипломати и аналитичарите во светските медиуми искажаа отворена загриженост за радикализација во соседските односи во регионот, веднаш по прогласувањето на изборните резултати од председателските избори во Србија. Тие го опшишуваа Николиќ како националист, десничарски популист и поранешен соработник на Слободан Милошевиќ и дека се очекува неговиот избор да го забави евроинтегрирањето на земјата.
Промената на претседателската функција во Србија мислам дека нема да влијае неповолна на понатамошниот развој на односите, ниту пак ќе го снижи нивото на тие односи.
Димитар Мирчев, универзитетски професор.

Македонските аналитичари не очекуваат промена на надворешната политика на Србија кон Македонија по доаѓањето на Николиќ. Поранешниот министер за надворешни работи Денко Малески вели дека евроатлантската ориентација прилично ги ублажува балканските острици на историските недоразбирања, па така и српската политика ќе се движи во таа насока, а со тоа нема да има драматична промена во односот кон Македонија.

„Јас не би очекувал некоја драматична промена освен во вокабуларот на новиот претседател, чија историја ние ја знаеме, којшто ја изненади светската јавноста со некои свои изјави, особено заради фактот што тој бил некогаш доброволец таму во тие поранешни југословенски војни, но што се однесува до Македонија мислам дека работите ќе продолжат како и досега.“

Професор Димитар Мирчев не очекува промена во веќе воспоставената добрососедска политика меѓу Србија и Македонија, особено не во делот на економската размена.

„Промената на претседателската функција во Србија мислам дека нема да влијае неповолно на понатамошниот развој на односите, ниту пак ќе го снижи нивото на тие односи.“

Се наметнува и прашањето дали српските власти под капата на Николиќ ќе го сменат односот кон земјава и дали воопшто ќе се обидат да најдат заеднички јазик со македонските власти по отворените прашања што Македонија ги има со Србија, како што се непризнавањето на МПЦ, или белградските досиеја на тајните служби. Професор Малески смета дека не може да се очекува отворените прашања брзо да се затварааат.

„Нити политичарите, ниту српската црквата да речеме ќе се смени преку ноќ. Напротив доаѓањето на новиот претседател се смета за еден чекор назад во тие наши релации. Но политичарите изненадуваат, па да видиме!“

Мирчев, пак, вели дека тие прашања ќе може наскоро да се затворат во обострана корист на двете земји.

„Претпоставувам дека можат да се решат. Колку што јас ги гледав неговите настапи и програма, мислам дека се работи за еден реалистичен државник, политичар и мислам дека реализмот ќе преовладува во натамошниот развој на односите и за постапно затварање на отворените прашања што навистина ги имаме.“

Македонските аналитичари се согласни дека Македонија треба да биде отворена за дијалог и разговор со цел развивање на добрососедски односи со Србија.

Во првото обраќање на Николиќ по објавењето на изборните резултати, тој негираше дека радикално ќе ги смени политиките на Србија, или дека ќе ја оттргне од патот кон ЕУ, додавајќи дека ќе прави баланс меѓу ЕУ и Русија.