Нова тужба во Хаг за одложување на решението на спорот за името

Архивска фотографија: Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

Нова тужба против Грција пред меѓународниот суд на правдата во Хаг е само купување време за нерешавање на спорот за името, зашто нема механизам за да се ефектуира ни првата, велат експертите.
Нема образложение кое би приложило доволно аргументи во прилог на уште една тужба пред меѓународниот суд во Хаг. Вака најголем дел од македонските експерти гледаат на изјавите кои можат да навестат дека државниот врв ќе покрене уште еден ваков процес поради тоа што, како што изјави претседателот Иванов, имаме повторно прекршување на привремената спогодба во Чикаго.
Не верувам генерално дека имаме повеќе пријатели од Грција за да можеме да успееме да извадиме ваква резолуција на Советот за безбедност.
Беким Кадриу, универзитетски професор.

Ваков потег би немал никаква смисла вели професор Беким Кадриу потсетувајќи на отсуството на механизми во меѓународното право кои би овозможиле добиената пресуда да добие и ефективна реализација што го покажа и македонското искуство.

Македонската делегација пред почетокот на изложувањето на аргументите во Меѓународниот суд на правдата.


„Значи не е проблемот во тоа. Ние имаме пресуда која е во наша полза. И да добиеме друга пресуда во наша полза, проблемот пак ќе биде во ист момент. Во момент во кој не можеме да ја ефектуираме пресудата, нема механизам кој би ја имплементирал пресудата во практика.“
Сега ова е идеална ситуација која мислам дека власта нема да ја пропушти за да тужи уште еднаш и тогаш веќе целиот мандат ќе биде заокружен. До крајот на мандатот власта нема да мора да се соочува со проблемот затоа што ќе може да покажува со прст на втората тужба.
Денко Малески, универзитетски професор.

Кадриу не верува ниту во можноста да се добие нешто повеќе со ангажирање на Советот за безбедност на ОН од кој би можело да се бара да донесе резолуција за спроведување на хашката пресуда.

„Во Советот за безбедност има 15 членки, 5 се постојани и таму се Русија и САД и ако го знаеме ставот на САД за влез на Македонија во НАТО и не верувам генерално дека имаме повеќе пријатели од Грција за да можеме да успееме да извадиме ваква резолуција на Советот за безбедност.“

Не може да се очекува ниту дека Грција може да понесе некакви последици и по евентуалното завршување на втор спор пред меѓународниот суд, ниту правни, а ниту политички, додава професор Денко Малески, а ниту Македонија би можела да очекува некаква корист. Единствената смисла на ваквата најава е идентична со смислата и на првата тужба, додава Малески - и дава време на власта да не се соочува со сериозниот проблем.

„Сега ова е идеална ситуација која мислам дека власта нема да ја пропушти за да тужи уште еднаш и тогаш веќе целиот мандат ќе биде заокружен. До крајот на мандатот власта нема да мора да се соочува со проблемот затоа што ќе може да покажува со прст на втората тужба.“

Иста е смислата и на постојаните повици дека пресудата мора да се почитува и покрај јасното воочување дека таа не може да придонесе ништо во суровата политичката игра на меѓународен план во која Македонија има еден избор, а тоа е да се соочи со проблемот и да бара негово надминување со политички средства.