Спринг арт фестивал во Штип

Macedonia - Spring art festival, poster - N/A

Замислен како мултимедијално збиднување за будење на културно-уметничката свест, во деновите до недела, во Штип ќе се одржи третиот Спринг арт фестивал.
За почеток на случувањето театарската претстава „Оркестарот Титаник“ во режија на Кристина Атанасова Арсова, а потем и изложба на фотографии на Ладислав Кинг и настап на ДАБСТЕП и АНОМАЛИА НАТИВА.
Повеќето од учесниците се мои лични пријатели коишто се нафаќаат да дојдат што се вика за џабе, во името на уметноста.
Владо Симоновски, организатор на Спринг арт фестивал.

Во преостанатите два дена планирано е и одржувањето на проекција на македонски арт филмови, перформансите „Бели сеќавања“ на Митко Гогов и „Фри јоур мајнд“ - заедничкиот проект на слободни музичари, глумци, жонглери, пантомимичари и други, изложби на Дејан Џолев, Вања Шереметковски, Мила Ивановска и Никола Бојаџиев, презентација на најновата спортска вештина – паркур, реге-ноќ со сетови на диџеите Чарлито и Раста Срна, трибина на тема „Мој избор, моја одлука“, концерти на групите „Ред ратс“ и „Беи д фиш“ и уште многу други случувања.

Сето ова е на програмата на третиот „Спринг арт фестивал“ што до недела ќе се одржува во Дом на млади и НУЦК во Штип.

Станува збор, како што вели Владо Симоновски, еден од неколкумината ентузијасти кој се јавуваат како организатори, за мултимедијално случување со едукативно забавен карактер создадено за будење на културно-уметничката свест преку презентација и афирмација на дела и проекти создадени од анонимни или познати автори. Всушност за манифестација заснована на пријателство, меѓусебно почитување, еднаквост, мир и споделување.

„Повеќето од учесниците се мои лични пријатели коишто се нафаќаат да дојдат што се вика за џабе, во името на уметноста“, вели Симоновски.

На „Спринг арт фестивал“ ќе се одржат и три работилници. Првата е насловена „Тајната на успехот“, ќе се дебатира и за „Пирамидите во Македонија“, а посебно внимание привлекува онаа на која ќе стане збор за превенција од зависностите на денешнината.

„Освен стандардно нели, доктор специјалист, медијатори, некои гости од невладини организации, ќе има двајца поранешни зависници коишто на лице место буквално и реално ќе објаснат некои работи што не ги даваат ни на телевизија, ни на радио, малку пореално ќе опишат колку е сурово сето тоа. Секако целта е превенција нели“, вели Симоновски.

Со оглед на тоа дека фестивалот почива на системот на самофинансирање, влезниците ќе бидат со симболична цена од скромни 50 денари по вечер, сем за концертот на „Беи д фиш“, една од највозбудливите современи балкански арт постави, што ќе се одржи на сцената на Дом на млади и кога за карта ќе треба да се издвои двојно повеќе – 100 денари.

Инаку, организаторите апелираат секој од посетителите со себе да донесе старо парче облека, украс, алатка или било какво материјално добро, а собраните продукти подоцна ќе бидат донирани во хуманитарни цели.