Достапни линкови

Стефче Стојковски на културна олимпијада во Лондон


Македонскиот музичар Стефче Стојковски.
Македонскиот музичар Стефче Стојковски.

Со низа од народни песни и ора како дел од нашето национално богатство, од 19 до 25 јули, во рамките на Културната олимпијада што се одржува во Лондон, ќе се претстави и македонскиот виртуоз на кавал и гајда Стефче Стојковски.

Стефче Стојковски, виртуозот на кавал и на други народни инструменти, заедно со пијанистот Симон Трпчевски и актерите на Битолскиот театар, е еден од ретките македонски уметници што ќе настапи на Културната олимпијада што ќе се одржи во Лондон. Тој како член на оркестарот „Река“, составен од деветмина врвни инструменталисти и репрезенти на локалните созвучја од Балканот, ќе музицира во перидот од 19 до 25 јули на една од петте големи сцени што ќе бидат поставени на брегот на реката Темза.
Тоа за мене претставува пред се голема обврска да ја презентирам Република Македонија во најдобро можно светло, но претставува и чест и задоволство да се настапува на таква културна манифестација којашто е во светски рамки да кажеме. Тоа ќе биде секојдневен спектакл на сите музички групи ширум целиот свет каде што ќе можеме да се презентираме и ние. Пет бини има, по пет континенти се поделени и секој континтент е поделен по области. Ние од Балканот настапуваме на една од тие бини.
Стефче Стојковски, музичар.

Поканата за учество на ова глобално случување кое ги следи Летните олимписки игри и на кое е планирано да се одржат над илјада културни настани, македонскиот музичар ја добил минатата година од продуцентската куќа „Сириус“ - една од највлијателните во метрополата и организатор на Лондонскиот џез фестивал.

Регионалниот балкански оркестар досега веќе имаше една работна средба и два концертни настапи во британската престолнина, а нашиот кавалџија вели дека деновиве повторно заминува на Островот каде ќе одржи неколку перформанси со својот ансамбл и ќе биде дефинирана програмата за големото континентално претставување.

„Тоа за мене претставува пред се голема обврска да ја презентирам Република Македонија во најдобро можно светло, но претставува и чест и задоволство да се настапува на таква културна манифестација којашто е во светски рамки да кажеме. Тоа ќе биде секојдневен спектакл на сите музички групи ширум целиот свет каде што ќе можеме да се презентираме и ние. Пет бини има, по пет континенти се поделени и секој континтент е поделен по области. Ние од Балканот настапуваме на една од тие бини“, вели Стојковски.
Во Јапонија имам два концерти и имам неколку семинари кадешто треба да се презентираат традиционалните инструменти, да се покаже начинот на свирење, да се објасни од кога потекнува нашиот фолклор, како се пренесува, како се заштитува. Јас се трудам на некој начин и тоа да го пренесам на младата генерација. Е сега дали тоа го работиме со успех или не, тоа ќе покажат делата што ги оставаме зад себе.
Стефче Стојковски, музичар.

Стојковски со своите музички собеседници, во рамките на чествувањето на Денот на Европа, на 7 мај ја воодушеви и преполната сала на Македонскиот културен центар во Софија, соседна Бугарија.

„Бевме прекрасно примени. Публиката со воодушевување не врати неколку пати на бис. Отпеавме и отсвиривме традиционални песни, традиционални ора, презентиравме и носии од различни делови на Македонија и во репертоарот имаше песни од цела етничка Македонија“, вели Стојковски.

Инаку, во предвечерието на Културната олимпијада овој наш културен амбасадор, уметник и инструктор, со кавалските езгии и со духовното богатство на Република Македонија патува во далечна Јапонија.

„Во Јапонија имам два концерти и имам неколку семинари кадешто треба да се презентираат традиционалните инструменти, да се покаже начинот на свирење, да се објасни од кога потекнува нашиот фолклор, како се пренесува, како се заштитува. Јас се трудам на некој начин и тоа да го пренесам на младата генерација. Е сега дали тоа го работиме со успех или не, тоа ќе покажат делата што ги оставаме зад себе“, вели Стојковски.

Стефче Стојковски е роден 1972 година во Скопје. Неговиот дедо и татко, инаку долгогодишни членови на традиционални фолклорни ансамбли, му ја пренеле љубовта кон народните инструменти. Кавал почнал да свири на седумгодишна возраст и своеверемено бил најмладиот победник на Фестивалот на народни инструменти, песни и игри „Пеце Атанасовски“ што се одржува во село Долнени, во околината на Прилеп. На деветгодишна возраст ја направил првата аудио снимка за Продукцијата на Радио Скопје, а подеднакво добро свири на гајда, зурла и тамбура. Во средината на 1990-тите години се вработува во Народниот оркестар на МРТВ и од тогаш станува независен музички артист и инструктор.

Како солист досега со успех настапувал во Австралија, САД, Канада, Јапонија, Кина, Тајван, Русија, Турција, Шпанија, Италија, Франција, Шведска, Белгија и во сите поранешни балкански држави, а во 1997 година го остварува својот долгогодишен сон – го формира Ансамблот на народни инструменти и песни „Стефче Стојковски“.

Досега има објавено седум носачи на звук и еден видео материјал, а работи и на филмска музика.

ДИСКОГРАФИЈА:

1. Македонска музика на гајда
2. Пееме заедно со изворниот оркестар на Стефче Стојковски
3. Низ македонските шуми
4. Од век за навек
5. Од богатството на Македонија
6. Ансамбл Стефче Стојковски и трио Гавровски
7. Ехо од македонските планини
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG