Рекламата поскапа од доделените субвенции

Министерот за финансии Зоран Ставрески го промовира проектот „Купи куќа, купи стан“.

Министерството за финансии досега одобрило околу 272 илјади евра субвенции за проектот „Купи куќа, купи стан“, а кампањата за проектот чини над 300 илјади евра.
Повеќе пари за реклама, отколку што е вредноста на проектот. Министерството за финансии го продолжи рокот за аплицирање за субвенциониран станбен кредит преку владиниот проект „Купи куќа купи стан“ до крајот на октомври годинава. Целта, како што велат, е да им се излезе во пресрет на граѓаните и градежниците, „кои изразија голем интерес за овој проект“. Проектот почна во јануари годинава, а беше предвидено да трае до почетокот на март. Поради малиот број барања, рокот беше продолжен до крајот на мај, а сега е пролонгиран до крајот на октомври.
Ова е една популистичка иницијатива и интервенција на владата за којашто таа нема претходно направено никакви соодветни анализи, истражувања, која целна група, колкава целна група, може ли таа целна група воопшто да ги плаќа понатаму и тие давачки што произлегуваат од тие кредити. Затоа владата направила лоша проценка или воопшто не направила проценка и очигледно дека интересот не и бил да ги поддржи граѓаните, туку интересот и бил уште малку да ја промовира својата популистичка политика, како еве ние нешто правиме за таа популација.
Слаѓана Тасева, Транспаренси Интернејшнал.

Пред неколку дена министерот за финансии Зоран Ставрески ги додели првите 50 субвенционирани кредити од предвидените 2.500. Министерството за финансии одобрило речиси 272 илјади евра субвенции, а банките одобриле кредити во вредност од 1,4 милиони евра. Кампањата за проектот ја изработи маркетинг агенцијата Република и, како што објави Утрински весник, чини околу 30 илјади евра повеќе од досега доделените субвенции, односно 305 илјади евра.

Може ли проектот да се смета за успешен, ако за кампањата се потрошени повеќе пари од ефектот што тој го има?

Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернејшнал вели дека е очигледно дека проектот е неуспешен. Условите за добивање кредит се тешки и нормално е што има мал интерес, вели таа.

И покрај тоа што владата троши 350 илјади евра за промоција, проектот доживеа фијаско и Министерството за финансии е принудено да го продолжи рокот за поднесување апликации за кредит.
Марјанчо Николов, СДСМ.

„Ова е една популистичка иницијатива и интервенција на владата за којашто таа нема претходно направено никакви соодветни анализи, истражувања, која целна група, колкава целна група, може ли таа целна група воопшто да ги плаќа понатаму и тие давачки што произлегуваат од тие кредити. Затоа владата направила лоша проценка или воопшто не направила проценка и очигледно дека интересот не и бил да ги поддржи граѓаните, туку интересот и бил уште малку да ја промовира својата популистичка политика, како еве ние нешто правиме за таа популација“, вели Тасева.

Опозицискиот СДСМ, уште при првото пролонгирање на рокот за поднесување барања оцени дека проектот доживеал фијаско.

„И покрај тоа што владата троши 350 илјади евра за промоција, проектот доживеа фијаско и Министерството за финансии е принудено да го продолжи рокот за поднесување апликации за кредит“, рече пратеникот Марјанчо Николов од СДСМ.

Министерството за финансии тогаш реагираше дека ова е еден од најпозитивните проекти во програмата на Владата за следните 4 години и оти Владата ќе продолжи со уште поголема мотивација да го реализира во следните 4 години, бидејќи десетици илјади граѓани на тој начин ќе стекнат свој дом.

Во Министерството, до објавувањето на овој текст, не ни одговорија колку пари потрошиле досега за кампањата и како ја оценуваат успешноста на проектот.