Сиромашен народ лесно „се пали“

Најавени нови протести на Албанци, па контрапротести на Македонци, поврзани со петкратното убиство и апсењата во операцијата „Монструм“.
Незадоволство од системот, од инстутуциите, сиромаштија, невработеност, причини има многу, протестите се неизбежни и ќе се случат. Се што може да се направи сега е да се превенира да не излезат работите од контрола, коментираат познавачите за најавените протести на Албанците и тие потоа на Македонците.
Дополнителен импакт има и економско-социјалната состојба, затоа што тие луѓе многу лесно можат да бидат потпалени, да не кажам изманипулирани.
Насер Зибери, политички аналитичар.

Незадоволство од неразјаснети убиства, апсења, судски постапки, се собира кај народот без разлика од кој етникум се и револтот мора да се изрази, вели аналитичарот Насер Зибери.

Протест на млади муслимани против апсењата во врска со петкратното убиство кај Смиљковското Езеро. 04 мај 2012


„Дополнителен импакт има и економско-социјалната состојба, затоа што тие луѓе многу лесно можат да бидат потпалени, да не кажам изманипулирани.“

Социјалната несигурност кај поединецот создава напната ситуација и ако му се понуди спас во нешто од пошироко значање ,како во случајов етничкото или религиозното, тој ќе прибегне кон тоа, вели социологот Илија Ацески.

„Тогаш поединецот во тие околности бара вентил, бара начин како да изрази дел од тоа незадоволство и најчесто тоа е во сферата на таа манипулација. Политичките сили кога ќе влезе еден случај во таа сфера на манипулација, тие лесно ги користат тие моменти за свои цели. Во тој контекст тие покажуваат еве ние сме тие кои можат нешто да поправат, да ви помогнеме во вашите проблеми.“

Во земјава има плодна почва протестите да се радикализираат и некој тоа да го злоупотеби, но нашите соговорници се надеваат дека протестите ќе бидат мирни, односно дека ќе нема поголеми инциденти.

„Сега може само да се направи обид последиците од таквите протести да не бидат штетни по безбедноста на луѓето и на имотот“, вели Зибери.

Клучот за решавање на проблемите е кај политичките субјекти, додава Ацески.

„Но она што би рекол дека е противречно во таа ситуација е тоа што најголем дел од партиите ја очекуваа таа ситуација, тие практично печалат на ова состојба условно кажано. Но клучот е кај нив, во тоа што тие мора да се оградат од некои радикални струи, барања, таа ситуација некако да ја чуваат под контрола.“