Џезот доби свој светски ден

Тони Китановски.

Со учество на музичари како Тони Китановски, Дамир Имери, Оскар Салас на импровизираната сцена на плоштадот Македонија во Скопје ќе биде одбележан 30 април – Меѓународниот ден на џезот.
Помалку или повеќе срамежливо и во Македонија, земјата во која турбо-какофонијата стана доминантна животна идеологија и за настан на сезоната наголемо се најавува концертот на Аркановата вдовица – Цеца во Скопје, ќе се случи и одбележување на 30 април, нововостановениот Меѓународен ден на џезот. За ова ќе се погрижат дузина домашни ентузијасти и џез музичари кои и без добиената помош од институциите ќе организираат хепенинг на импровизираната сцена пред ресторанот „Пелистер“ на плоштадот Македонија.
Република Македонија има долга традиција на музика, вклучувајќи ја џез музиката од доцните 50-ти години на минатиот век па се до денешен ден. И ние ќе се обидеме со еден скромен придонес да го одбележиме светскиот ден на џезот.
Владимир Мандичевски, продуцент.

„Република Македонија има долга традиција на музика, вклучувајќи ја џез музиката од доцните 50-ти години на минатиот век па се до денешен ден. И ние ќе се обидеме со еден скромен придонес да го одбележиме светскиот ден на џезот“, истакнува продуцентот Владимир Мандичевски.

Во пресрет на ова случување кое со универзалниот јазик на џезот само за кратко ќе го обедини светот полека се заокружува и листата на учесниците кои во неколклу часа на локален план ќе ја чествуваат заложбата на големиот музичар и амбасадор на добра волја на УНЕСКО - Херби Хенкок и другите херои на најслободарската музичка мисла.
Џезот навистина е музика на човековиот род. Секаде каде што ќе отидеш ќе најдеш некој џез музичар, доволно луд, со огромна страст. Бидејќи секогаш оваа музика зависела од страста на музичарите, не од пазарот, од политичките влијанија.
Тони Китановски, музичар.

Од оние кои добро ги познава македонската публика, а кои веќе го потврдија своето учество на колективниот џем-сејшн тука се пијанистот Дамир Имери, басистот Оливер Јосифовски, македонскиот Кубанец и виртуоз на ударни инструменти Оскар Салас, Иван Бејков, тапанарот Гоце Стевковски и гитаристот, аранжер и професор на Џез академијата во Штип – Тони Китановски.

„Пак се вративме на прастарата дефиниција на џезот, онаа токму од музичар и тоа не од кој било музичар туку од Дјук Елингтон дека џезот е музика на човечкиот род, значи има една универзална конотација, џезот навистина е музика на човековиот род. Секаде каде што ќе отидеш ќе најдеш некој џез музичар, доволно луд, со огромна страст. Бидејќи секогаш оваа музика зависела од страста на музичарите, не од пазарот, од политичките влијанија. Значи една колективна дружба, нешто што го соединува светот.“

Тој дополнува дека самиот не е љубител на ваквите одбележувања оти како што вели во тие приказни има добра доза на лицемерие, па затоа неговата интенција е нивната дружба да биде што понеформална и во духот на музиката на која и го посветиле животот.

Инаку, не е исклучено листата на учесниците на перформансот во Скопје да биде двојно поголема, најавени се вакви одбележувања на Меѓународниот ден на џезот со локални музичари и во Штип и во Битола, а интересно е и тоа што триото на браќата Тавитјан доби покана да настапи во солунскиот клуб „Милос“ каде цел месец ќе се случуваат концерти во чест на инаугурацијата на Меѓународниот ден на џезот.