Гоце Димовски ја објави „Потковица“

Гоце Димовски.

„Потковица“ е насловен првиот солистички албум на виртуозот на кавал, гајда и зурла Гоце Димовски, инаку член на познатиот македонски етно состав СИНТЕЗИС.
Нецела недела по промоцијата на албумот „СИНТЕЗИС и Наум Петрески“, обнароден е и „Потковица“, првиот солистички албум на Гоце Димовски, виртуозот на кавал, зурла и гајда и момчето кое во 1999 година имаше смелост да го замени големиот Драган Даутовски како најистурен во славниот македонски етно-состав со тогаш веќе одредено искуство на интернационалната сцена.
Мислам дека одамна требаше тоа да го направам, ама со оглед на тие обврски што ги имав и со Синтезис, значи и времето малку не дозволуваше да се работи, ама ете кога се сака се се може.
Гоце Димовски, музичар.

Се работи за остварување на кое се забележани два подолги сплета на кавал и гајда и осум ора во кои тој се претставува не само како врвен солист на уште неколку дувачки инструменти туку и како автор и композитор кој интуитивно го следи кодот на народниот гениј.

„Мислам дека одамна требаше тоа да го направам, ама со оглед на тие обврски што ги имав и со Синтезис, значи и времето малку не дозволуваше да се работи, ама ете кога се сака се се може.“
Едно, нели викаат носи среќа, а од друга страна, пак, велат кога некој човек е добро поткован мора да оди како што треба. Тоа искуство што сум го стекнал и дома од татко ми, од фамилијата, од оркестарот на изворни инструменти, значи сето тоа искуство што сум го примил од луѓе што се мајстори на своите инструменти едноставно мислам дека е доволно за да направам еден ваков албум.
Гоце Димовски, музичар.

Роден 1975 година во Скопје, Гоце народните инструменти започнал да ги изучува во кругот на семејството. Првиот учител му бил татко му Ангеле Димовски, уметникот чиј кавал извонредно многу придонесе „Свјат Dreams“ на МИЗАР да стане едно од класичните дела во историјата на современата македонска музика. Растен во опркужување во кое музиката се живее со полн здив, по завршувањето на средното училиште, младиот инструменталист цели седум години ќе го пече занаетот во Оркестарот на изворни народни инструменти на МРТВ. Потем со СИНТЕЗИС ќе сними шест албуми и го ќе пропатува светот, наедно често пренесувајќи им го своето знаење на вљубениците во македонската изворна музика и на љубопитните во етно-камповите организирани во САД и во голем број европски земји.

Паралелно, неговата изведба е бележита за изданијата на скоро сите познати и квалитетни исполнители на традиционалната македонска песна, а во последниве неколку години моеме да го сретнеме и на европските сцени заедно со Кирил Џајковски.

За идејата, своето првенче да го именува „Потковица“ на Димовски и не му требало долго да размислува.

„Едно, нели викаат носи среќа, а од друга страна, пак, велат кога некој човек е добро поткован мора да оди како што треба. Тоа искуство што сум го стекнал и дома од татко ми, од фамилијата, од оркестарот на изворни инструменти, значи сето тоа искуство што сум го примил од луѓе што се мајстори на своите инструменти едноставно мислам дека е доволно за да направам еден ваков албум.“

Материјалот за албумот е сниман во студиото „Подрумот“ на Ангел Ќосев, кој заедно со басистот Никола Митровиќ се јавува и како копродуцент на изданието, а во неговата реализација од драгоцена помош било присуството на соработниците како Бобан Силјановски - клавијатури, Марјан Јовановски - тамбура, Гоце Узунски и Орце Димовски на тапани, Душко Божиновски – хармоника и Илија Манасков – гитара.

Гоце Димовски, во очекување на промотивните активност за ова издание планирани за почетокот на април, вели дека овде нема да запре и оти има уште многу музика што би сакал да и ја претстави на публиката. Тој додава дека во догледен период нема да форсира потрага по средства за својот солистички концерт, туку дека сепак ќе се фокусира на подготовките за претстојната голема турнеја на СИНТЕЗИС во Австралија.