Македонски суровини за намалување на трговскиот дефицит

За да се намали трговскиот дефицит, странските инвеститори треба да користат македонски суровини за создавање на готови производи кои би се продавале во странство по конкурентни цени, посочуваат економистите.
Рак рана на македонското стопанство е описот кој многумина економисти и медиуми го користат за трговскиот дефицит на земјава. Странските инвеститори неретко се посочувани како потенцијално решение за санирање на малата покриеност на увозот со извоз, но се поставува прашањето колку можат странците да помогнат за санирање на проблемот?
Проблем во целата работа е дека колку повеќе имате разлика, односно дефицит, толку повеќе ви се одлеваат девизи од земјата, а практично се трошат девизните резерви и сите фондови што ги имате. Поинаку кажано, ако немате свои пари ќе мора да позајмувате за да го покривате дефицитот. Затоа е тоа проблематично и незгодно.
Сашо Арсов, универзитетски професор.

Странските инвеститори би требало да употребуваат суровини од Македонија за создавање на готови производи кои би се продавале во странство по конкурентни цени. Во тој случај, би можело да се очекува намалување на трговскиот дефицит, се согласуваат упатените.

Според податоците на Државниот завод за статистика, минусот што Македонија лани го направила во размената со странство се насобрал на 2,55 милијарди американски долари. Растот на трговскиот дефицит подразбира одлив на пари од државата, објаснува професорот Сашо Арсов.

„Проблем во целата работа е дека колку повеќе имате разлика, односно дефицит, толку повеќе ви се одлеваат девизи од земјата, а практично се трошат девизните резерви и сите фондови што ги имате. Поинаку кажано, ако немате свои пари ќе мора да позајмувате за да го покривате дефицитот. Затоа е тоа проблематично и незгодно.“
Наша работа е да продолжиме со промовирање на Република Македонија од тој аспект и да бидеме присутни, да ги информираме потенцијалните инвеститори, па кога ќе донесат одлука да инвестираат да бидеме внимателни.
Висар Фида, директор на Агенцијата за странски инвестиции.

Странските инвеститори неретко се презентираа како потенцијално решение за овој проблем, но во тој поглед економистите имаат две забелешки: првата е дека ги нема толку колку што се најавија. За пример, Шишеџам наместо во Македонија, на големо гради во соседна Бугарија.

Владата оптимистична

Од власта се чини дека се уште се надеваат дека ќе има инвестиции и покрај кризата, барем судејќи по изјавата која за медиумите ја даде директорот на Агенцијата за странски инвестиции Висар Фида.

„Наша работа е да продолжиме со промовирање на Република Македонија од тој аспект и да бидеме присутни, да ги информираме потенцијалните инвеститори, па кога ќе донесат одлука да инвестираат да бидеме внимателни.“
Доколку се работи за зголемување на производството за извоз, тогаш би требало во идниот чекор да дојде до зголемување на извозот и по таа основа да се намали трговскиот дефицит, доколку се работи за производство кое е за домашен пазар, тогаш останува само тој ефект на зголемување на трговскиот дефицит.
Владимир Глигоров, Виенски институт за економски студии.

Втората забелешка на економистите е дека странските инвеститори нема веднаш да придонесат кон намалување на трговскиот дефицит. Доктор Владимир Глигоров од Виенскиот институт за економски студии вели дека во прв момент странците може и да придонесат за раст на минусот во трговијата со странство

„Бидејќи кога во земјата ќе влезат странски пари, тие мора да се стават во девизни резерви или мора да се трошат на увоз, доколку не одат сите во резерви, увозот мора да се зголеми, така да во прв момент странските инвестиции го зголемуваат трговскиот дефицит.“

Понатаму, ефектот на инвеститорот врз дефицитот е условен од видот на инвестиција, додава Глигоров.

„Значи, дали се работи за инвестиција во извозна стока или не, доколку се работи за зголемување на производството за извоз, тогаш би требало во идниот чекор да дојде до зголемување на извозот и по таа основа да се намали трговскиот дефицит, доколку се работи за производство кое е за домашен пазар, тогаш останува само тој ефект на зголемување на трговскиот дефицит.“
Дури и срамно е, го слушав премиерот пред 2-3 недели мислам дека беше во Турција и им објаснува на инвеститорите таму, дојдете да инвестирате во Македонија имаме евтина работна сила. Кога некој ќе ви каже имаме евтина работна сила, тогаш ве сведува на Авганистан, на Пакистан, кај што имате евтина работна сила од која бегате, затоа што евтина значи дека е нестручна, лоша. Работната сила е составен дел на производството и таа е скапа ако е добра.
Никола Поповски, поранешен министер за финансии.

Владата троши пари во странство за привлекување на инвеститорите. Таканаречените „роуд шоу“ патувања, промоторите и рекламите во странските медиуми влечат македонски пари кои се трошат надвор од државава. Се поставува прашањето дали ваквите расходи придонесуваат кон растот на трговскиот дефицит. Овие трошоци се незначајни во однос на расходите за увоз на стоки од странство, смета Глигоров.

„Сега, дали тие пари се трошат ефикасно и кои се ефектите од тоа, тоа е друго прашање, но вака начелно не гледам некоја голема причина тоа да се смета за негативна активност.“

Нема фајде од само извоз на евтина работна рака

Македонија не е сама во потрагата по странски инвеститори. Екс–министерот за финансии Никола Поповски вели дека најголемите инвеститори потекнуваат од источна Азија, западна Европа и Северна Америка, но во исто време овие три центри, вели тој, се и најголемите привлекувачи на странски инвестиции. Во продолжение на емисијава проследете го разговорот на оваа тема со професор Поповски.

„Од аспект на трговскиот дефицит, колку сега тие можат да помогнат?“

РСЕ: На нив се гледа како на потенцијално решение.

„Да, затоа што ако донесете странска инвестиција овде, она и ќе увезува, зошто ние немаме импути во нивното производство. Сите странци што дошле во Македонија за сопствено производство, главните импути освен работна сила, им се увоз и грото од произвдството е извоз, тоа е да речеме и со Џонсон Мети и со Џонсон Контрол. Гледате што се случува со Џонсон Контролс? Освен работната сила, комплетниот импут им е увоз и затоа е толку голем увозот на платина и комплетниот извоз на катализатори, меѓутоа што се случи, очекувавме тие да имаат голема додадена вредност во Македонија, разликата помеѓу импутите и аутпутите да е голема и да има во Македонија додадена вредност и трговскиот дефицит да ни се намалува, меѓутоа трговскиот дефицит се зголемува, што значи дека импутите и аутпутите се изедначени кај нив, затоа што, пак, она што домашната економија го нуди е многу мал дел, а тоа е ниско платена работна сила. Дури и срамно е, го слушав премиерот пред 2-3 недели мислам дека беше во Турција и им објаснува на инвеститорите таму, дојдете да инвестирате во Македонија имаме евтина работна сила. Кога некој ќе ви каже имаме евтина работна сила, тогаш ве сведува на Авганистан, на Пакистан, кај што имате евтина работна сила од која бегате, затоа што евтина значи дека е нестручна, лоша. Работната сила е составен дел на производството и таа е скапа ако е добра. Како што не можете да кажете, произведуваме евтини мотори за кола, дојдете кај нас, евтин мотор за кола, значи лоша кола која никој нема да ја купи. Значи мора многу да внимаваме, резултатот е дека трговскиот дефицит со странските инвестиции кои и тие малку кои дојдоа не го подобрија. Од тој агол гледано, од агол на трговскиот дефицит, странските дирекни инвестиции во Македонија се целосно неуспешна приказна. И второто е што странските дирекни инвестиции дојдоа најмногу во сектори што се домашни услуги, на кои извозот им е нула, да речеме Телеком.“

РСЕ: Значи потребно е некој инвеститор кој ќе ги користи не само локалната работна сила, туку и ресурсите?

„Ресурси и други импути освен работна сила, значи импути од капитал, финансиски импути кои тие не ги користат, сопствените банки од сопствените држави ги користат и матријали од Македонија, очигледно тоа не се случува, целото производство им е само дислоцирано тука за евтина работна сила и повторно излез надвор, барем така покажуваат макроекономските податоци, особено кај трговскиот биланс. Да беше обратно, ако имавме увоз 100 и тука произведуваме производ кој се извезува 200, трговскиот биланс ќе биде 100 во плус, меѓутоа тој и понатаму пропаѓа, значи досегашните инвестиции не придонесоа за ништо од тој агол гледано.

РСЕ: Бидејќи не се конкурентни на странските пазари како производ?

„Тие ги извезуваат на странските пазари, меѓутоа мала е додадената вредност во Македонија, што разликата помеѓу увозот и извозот ќе ја направи драстична во Македонија. Елементот на работна сила што овде се плаќа по 300-400 евра месечно е исклучително мал импут во нивното производство.“

Последното „роуд-шоу“ владата го организираше во Турција

Имаат ли домашните фирми капацитет за поголем извоз?

Централизираното производство кое овозможува извоз на само одреден број на готови производи и суровини неретко се издвојува како причина за високиот трговски дефицит. Професор Сашо Арсов вели дека судејќи по бројките и кризата има влијание на извозот.

„Она што го знам најново од проекции од Народна банка, тоа е дека во последниов квартал имавме зголемување на дефицитот и тоа е пред се резултат, имавме иста таква ситуација и во 2008-та година, кога пред да почне кризата, имавме се уште значаен увоз на матријали, суровини и слично, а извозот веќе почна да се намалува.“

Извесно е дека за намалување на дефицитот потребно е извоз од земјава. Но дали странските инвеститори се единствените кои можат да организираат успешен излез и пласман на македонски услуги и производи во странство, имено, што е со македонските компании? Економскиот аналитичар Висар Адеми вели дека во услови на економска криза и кога власта бара странски инвестиции, надежта за економски раст лежи во домашните компании.

„Таму каде што имаме компаративна и конкурентна предност да им се даде помош преку субвенции за да може да бидат поизвозно ориентирани, затоа што странските инвестиции навистина се добри за отварање на работни места, но тие што сега моментално ги носи владата се фокусирани во економска зона и се за извоз во трети пазари и ништо од тоа не гледам реално како импакт или како резултат во Макеоднија.“

Се поставува прашањето дали строгата политика на власта и високите казни може да ги попречи потенцијалните извозници во успешниот пласман на нивните производи надвор од земјава, со што би се зголемил приливот на пари и би се намалило топењето на девизни резерви?

„Па секако дека влијае, мислам дека сега државата поради кризата повеќе се врти кон анализирање и кон казнување на домашниот сектор, сега при тоа да не давам некои политички изјави дека тоа се прави слективно, но се гледа дека се прави селективно и мислам дека тоа не влијае позитивно на пораката која треба секоја сериозна влада која е свртена кон економски раст да ја спроведе.“

Во овој контекст вреди да се спомене дека кон крајот на минатата година од Агенцијата за странски инвестиции најавија дека ќе се прошири промоцијата на македонските производи во странство, кон земји како Казахстан и Узбекистан, бидејќи имаат голем економски раст, но и потенцијал за извоз на наши производи.

Мал број производи за извоз

Кои компании ќе се промовираат како извозници во земјите кои брзо растат останува да се види. Останува фактот дека македонското производство е мошне централизирано и во извозот учествуваат производи од прехранбената индустрија, метали и текстил.

На домашните медиуми во тек е кампањата со која се охрабруваат потенцијалните претприемачи да го направат првиот чекор и да започнат сопствен бизнис. Но дали во Македонија има материјал за создавање на извозно ориентирани компании чија работа би придонела кон лечење на таканречената рак рана на стопанството, имено дефицитот. На оваа тема следи разговорот со извршниот директор на „ПСМ Јес“ бизнис инкубаторот Љупчо Деспотовски.

РСЕ: Дали во Македонија има потенцијал „старт-ап” бизнисите и младите претприемачи да се активираат во извозниот сектор?

„Апсолутно, барем нашето искуство е дека повеќето од компаниите, значи повеќе од пола, тоа значи 60 проценти од компаниите тука, во моментов има 18 компании, и уште некои десетина за кој сум сигурен значи што веќе поминале низ инкубаторот, значи работат исклучиво извоз. Е, сега можеби бидејќи речиси сите се од информатичко-комуникациската бранша, така да од тој аспект работат извоз. Значи повеќето, зборуваме за класичен аутсорсинг, ретко кој од нив извезува или продава сопствени производи или услуги на светскиот пазар, вообичаено се ангажирани од странски компании за да произведат дали код, да направат дадена апликација, да направат веб портал, или што и да е, меѓутоа некои од нив почнуваат да размислуваат и во насока на развивање на сопствени производи и услуги, што е веќе чекор напред. Во овој сектор поедноставно е, за жал нема многу што го прават тоа во Македонија, меѓутоа мислам дека се повеќе и повеќе ќе се зголемува тој број.“

РСЕ: Има ли поддршка за нив од страна на институциите?

„За жал, конкретно економија и буџетот што се издвојува за подршка на претпиемништво или за сектор на мали и средни претпријатија, мислам е смешно, навистина цифрите се никакви, 100 илјади евра или не знам колку издвојуваат на годишна основа, уште посмешно е што во реалноста не ги ни трошат тие пари, тоа е само на хартија, колку од тие пари ќе се лоцираат понатаму за поддршка на мали и средни претпријатија, уште помалку најверојатно од таа цифра што ја буџетираат. Мислам дека државата не прави апсолутно ништо. Е, сега зошто е тоа така треба да си кажат тие.“

Според статистиките кои покажуваат дека во земјава повеќе се увезува отколку што се извезува, во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите-членки на ЕУ со 54,3 отсто и земјите во развој со 26,8 отсто.