Савески - Партиите неодговорни кон работниците и сиромашните

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Здравко Савески.

Безобразно е еден месец од намалувањето на правата на рабониците кои остануваат технолошки вишок, да се бара зголемување на функционерските плати. На тој начин се поништува вредноста на самиот Устав, кој ја дефинира државата како социјална, вели Здравко Савески, професор, активист за работнички права о автор на неколку трудови за правата на работниците, во интервју за Радио Слободна Европа.
Професоре Савески, во последните три години во Законот за работни односи имаше 8 интервенции. Колку тие допринесоа за подобрување. односно за кратење на работничките права?
Неодговорно се однесуваат политичките партии кон социјалните случаи и кон послабите членови во општеството. Би рекол дури и дека е безобразно во рок од само еден месец кога се намалуваат правата на рабониците кои остануваат технолошки вишок, само по еден месец да се бара зголемување на функционерските плати. Политика која е доста несоцијална наспроти Уставот на Република Макеоднија, кој ја дефинира државата како социјална. Така што, на тој начин се поништува вредноста на самиот Устав.
Здравко Савески, универзитетски професор.

Генерално овие измени на законите одат на намалување на работничките права, значи оние права кои работниците ги имаа, почна да ги снемува. Има одредени позитивни исчекори направено, но кога ќе се сумира, далеку повеќе се намалувањата на работничките права, во однос на зголемувањата. Едно од најголемите зголемувања кое сега е актуелно е законот за минимална плата.

Кога сме веќе кај минималната плата. Ова требаше да биде за гранките кои се најпогодени, каде платите се најмали. Каков ќе биде ефектот ако законот започне да важи за нив за 3 години?

За сите дејности чија просечна плата е 15 илјади денари, сега важи дека минималната плата е околу 6.200 денари. И е договорено, според законот, до 2015-та година да биде нивото на 8.050 денари. Но, далеку поголем проблем поврзан со оваа несомнено позитивна промена на законот е нејзино спроведување на дело. Она што е за поздравување е што Министерството за труд најави контроли во врска со спроведувањето на овој закон и на другите закони, но треба да се види тоа на терен, колку и како ќе биде спроведувано.

Колку во името на подобрување на економијата и создавање позитивна бизнис клима се кршат работничките права?

Кај нас има, да речеме, голема заблуда која може да се види многу лесно на терен, а тоа е дека овие 20 години се намалуваат работничките права, се кршат и оние права кои ги гарантира законот за работниците, а од друга страна економијата не тргнува напред. Она што резултираше за овие 20 години е драстичното раслојување на населението. Интересен е податокот на УЈП, каде во 2010 година највисоката менаџерска плата во Република Македонија изнесувала 61 илјади евра месечно, што значи дека оној што зема мнимална плата треба да работи цели 39 години за да земе една месечна плата на тој менаџер.

Правата им се намалуваат, но некако работниците се тивки, ги нема на протести, штрајковите се ретки. Зошто?

Некако можеби пробелмот е и во менталитетот. За жал, македонскиот граѓанин обично сака да се жали приватно, на свои пријатели, но не презема мерки за подобрување на ситуацијата. Секој работник мора да види колку тој може самиот, заедно со работниците на неговото работно место, да ја подобри ситуацијата на сопствените работнички права.

Стечајците со години бараат пo 100 евра до пензија. Парламентот неколку пати досега им го одби барањето. Од друга страна, пратениците си донесоа закон со кој ја зголемија платата на функционерите. Можеше ли сето ова да се реши поинаку?

Да, и тоа покажува дека кај нас некако неодговорно се однесуваат политичките партии кон социјалните случаи и кон послабите членови во општеството. Би рекол дури и дека е безобразно во рок од само еден месец кога се намалуваат правата на рабониците кои остануваат технолошки вишок, само по еден месец да се бара зголемување на функционерските плати. Политика која е доста несоцијална наспроти Уставот на Република Макеоднија, кој ја дефинира државата како социјална. Така што, на тој начин се поништува вредноста на самиот Устав.

Целиот разговор може да го погледнете на видеото на почетокот на текстот.