ЕУ - модел за нестабилниот свет

Добро е познато дека европската должничка криза има импликации за целата светска економија, се наведува во коментарот, објавен во Фајненшал тајмс во кој се додава: Она што е помалку познато е тоа дека сериозната криза во Европската унија има тешки импликации за меѓународната политика.
Европската унија претставува најнапреден светски експеримент во меѓудржавната соработка и во здружувањето на националните суверенитети. Ако Европската унија пропадне, тогаш со неа ќе пропадне и најамбициозниот модел за меѓународна соработка. Судбината на европскиот политички модел е од огромно значење, бидејќи глобализацијата покрена низа прашања од витално значење кои не можат да бидат решени од една држава, без оглед на нејзината големина.

Не постои национално решение за климатските промени, за нуклеарното вооружување, за меѓународната финансиска криза, за нестабилноста на валутите, или за илегалната миграција. Сите овие прашања бараат меѓународна соработка и Европската унија, со сите нејзини недостатоци, има 50 годишно искуство во тешката задача на спојување на националните влади да работат заедно за добро на сите.

Од самиот почеток на европскиот проект, амбициозните лидери се надеваа дека моделот би можело да стане глобален. Францускиот државник и еден од основачите на модерна Европа Жан Моне велеше дека европската соработка не е цел за себе, туку само фаза на патот кон организиран свет на иднината. И не станува збор само за европска суета. Амбициозни лидери од Азија, Африка и Латинска Америка често пати во ЕУ гледаа како на успешен модел за регионална интеграција која ги зголеми мирот и просперитетот во со војни зафатениот континент.

Со почетокот на финансиската криза, се чинеше дека дојде европскиот час. Г20 ги здружи најголемите светски економии во барањето заеднички решенија за кризата. За некои тоа изгледаше како ембрионска форма на глобалната верзија на Европската унија. Но, од тогаш Унијата беше погодена со сопствена должничка криза и престижот на европскиот модел падна. Ако европејците толку лошо се справуваат со нивните проблеми, како можат да аспирираат да бидат светски модел?

Самитот на Г20 во Кан, за кој францускиот претседател Никола Саркози се понадева дека ќе го засени светот, целосно беше засенет од европската финансиска криза. Сепак, Европа се уште може да игра клучна улога во развојот на меѓународната соработка и раководење. Жестоката заложба преку преговори да се дојде до меѓународни договори, без оглед на техничките тешкотии или политичката чувствителност, е карактеристична за Европската унија.

За жал, тоа е случај и со фактот што таквите договори се полни со законски дупки и со нејасна посветеност, откако националните влади ќе ја напуштат конференциската сала и ќе се вратат дома. Лесно е да се потсмеваш со ваквиот вид супернационалзам. Но, алтернативата е да се остават глобалните проблеми да се натрупуваат до моментот кога тие предизвикуваат конфликти меѓу државите. Вреди да се бориме за зачувување на европскиот идеал, не само заради европската судбина, се наведува во коментарот на Фајненшал тајмс.