По две децении Гевгелија доби нов театар

Театарска претстава „Свадбата на Фигаро“.

Со изведба на претставата на МНТ Свадбата на фигаро во режија на Леван Цуладзе, ќе биде отворена новата зграда на Народниот театар Гевгелија.
По цели две децении Гевгелија е на прагот на возобновување на театарскиот живот во градот. Со 500.000 евра помош од Европската комисија во Република Македонија и 150.000 обезбедени од локалната самоуправа, обновена е некогаш репрезентативната зграда на Народниот театар изградена 1955 година кога во градот делувал и полупрофесионален ансамбл.

Зградата на новиот театар во Гевгелија



Во седумдесеттите години на минатиот век во овој објект е формирано КУД Јосиф Јосифовски Свештарот во чии рамки, со помош на познатиот драмски уметник Мите Грозданов се поставуваат претставите Црнила, Вечни студенти, Алат, Јама и други. Освен на матичната сцена овие пиеси биле играни во повеќе градови во Македонија и тогашна Југославија, притоа освојувајќи неколку награди и јавни признанија. Друштвото долго време било носител и на сите други културни активности во градот се до 1995 година кога пожар ја уништува дотогаш убавата зграда на Народниот театар.
Гевгелија за 2011-та е град на културата. Веќе над 130 настани од областа на културата се случија во Гевгелија и тоа е намерата да се продолжи за почеток со гостувања на театри, а понатаму ќе се организираме за почеток можеби аматерски а намерата е да помине во професионален театар.
Иван Франгов, градоначалник на Гевгелија.

„На 13 ноември минатата година, кога со поранешниот амбасадор на Европската унија г-дин Ерван Фуере, ја посетивме Гевгелија во пресрет на започнувањето на работите почувствувавме дека наспроти оштетувањата на објектот духот на театарот сеуште присутен и живее во него“, ќе забележи Ингрид Сагер, втор секретар во Делегацијата на ЕУ во земјава.

Градоначалникот Иван Франгов потенцира дека зградата како зграда не е ништо ако не биде ставена во функција, па затоа во годината кога Гевгелија е град на културата најавува и формирање на професионален театарски ансамбл.

Поранешниот амбасадор на ЕУ Ерван Фуере го читира Хамлет на сцената на театарот, 2010 година.,


„Гевгелија за 2011-та е град на културата. Веќе над 130 настани од областа на културата се случија во Гевгелија и тоа е намерата да се продолжи за почеток со гостувања на театри, а понатаму ќе се организираме за почеток можеби аматерски, а намерата е да помине во професионален театар.“

Во таквите намери од голема помош ќе биде започнатата соработка на локалната самоуправа со Македонскиот народен театар, установа со која што е потпишан двегодишен договор за соработка. За ова уметничкиот директор и режисер Дејан Пројковски со констатација:

„Европската практика вели еден театар да заживее вистиснки потребни се помеѓу 3 и 7 години. Меѓутоа македонскиот народен театар, драмскиот театар и сите театри во Македонија стоиме на располагање во внимателното би рекол создавање и гаење на тој театарски живот во Гевгелија. “

Инаку, по изведбата на Свадбата на Фигаро претставата на МНТ чија премиера беше на манифестацијата Охридско лето и која неодамна со успех беше прикажана во Грузија, во Народниот театар во Гевгелија до крајот на оваа календарска година ќе биде прикажана и Фани-мани на Театар 007 и ќе се одржи вечер посветена на уметникот Илија Џаџев.