„Охридско лето“ ќе добие и „Охридска зима“

Нoвиот директор на Охридско лето Васко Василески.

Новиот директор на манифестацијата „Охридско лето“ најави дека ќе се заложи градот да добие и „Охридска зима“, со настани од културата вон сезона.
Враќање на стариот сјај и сочувување на долговечноста на фестивалот со низа промени, издигнување на неговиот космополитски дух и високи уметнички вредности по теркот на најголемите мултикултурни збиднувања на планетата, со гостувања на познати и егзотични уметници, вртење кон квалитетниот тренд во културата, но и финансиско опоравување, се главните одредници во менаџерската визија на Васко Василески, новиот директор на „Охридско лето“, манифестација која последниве неколку години од 51-годишното постоење се соочуваше со проблеми во раководењето.
Следи едно програмско освежување на „Охридско лето“, со што ќе се придонесе за неговата долговечност, ќе се воведат нови рекорди на посетеност, со воведување на една доза на модерна урбана, еклектична и традиционална, светска музичка сцена.
Васко Василески, директор на „Охридско лето“.

„Следи едно програмско освежување на „Охридско лето“, со што ќе се придонесе за неговата долговечност, ќе се воведат нови рекорди на посетеност, со воведување на една доза на модерна урбана, еклектична и традиционална, светска музичка сцена. Но, класичната музика и другите класични форми на уметничкото изразување, како операта, балетот и класичниот театар ќе останат традиционален столб на фестивалот“, вели Василески.

Изложба на „Охридско лето“.


Тој најави дека ќе се заложби „Охридското лето“ да добие и „Охридска зима“, со настани од културата во вонсезонскиот мртов период, идеја која неколку институции од културата водени од фестивалот почнаа да ја реализираат со гостување на театарска премиера, а пред новогодишните празници ќе има музички концерт.
Би се залагал за „Охридско лето“ да биде присутно во животот на сите генерации и позитивно да влијае врз формирањето на рафинирани вкусови и естетика кај најмладите.
Васко Василески, директор на „Охридско лето“.

„Ќе има концерти, театарски претстави во затоплени простории, во Центарот за култура, Света Софија или други простории. Целта е да се наметне микс на класична и модерна урбана програма, со уметнички вредности на високо ниво, со што фестивалот би бил регенератор на културата на сите генерации, со посебен акцент на младите, чие културно ниво е многу ниско, што е дури и алармантно. Би се залагал за „Охридско лето“ да биде присутно во животот на сите генерации и позитивно да влијае врз формирањето на рафинирани вкусови и естетика кај најмладите, успешно борејќи се против кичот, кој се повеќе го зема својот данок кај нас и во регионот“, потенцира Василески.

Тој се залага во рамките на фестивалот да се отворат атељеа за актерска игра, сценографија, дизајн, костимографија, балетска режија, различни семинари и клиники за едукација и размена на искуства за тенденциите во класичната и современа уметност кај нас и во светски рамки.

Васко Василески, познат по прекарот Четкар, кој има искуство во приватниот бизнис, што е и блиско до неговото образование, ја менаџирал целата уметничка кариера на неговиот брат, светски познатиот џез музичар, композитор, гитарист и вокалист од Охрид Владимир Василески.

Новиот директор на „Охридско лето“ инсистира на почетокот од 2012-та да се знае новата фестивалска програма и најавува отворање на следното 52-ро издание со спектакл и звучно музичко име, своевидна атракција како спој на класиката со современа изведба.