Пакистан со остри реакции против НАТО

Пакистан ја затвори границата за НАТО и најостро го осуди хеликоптерскиот напад врз пакистански воен пункт.
Пакистан денеска ја затвори својата граница за снабдувањето на НАТО силите во Авганистан, откако во напад на хеликоптери на НАТО врз еден контролен пункт на пакистанската армија, биле убиени 25-мина пакистански војници, јави државната телевизија во Исламабад. Мутакир Хусаин, висок владин претставник во пограничниот регион, изјавил дека снабдувањето на НАТО преку пакистанска територија е запрено по наредба на федералната влада.

Џон Ален


НАТО потврди дека се случил инцидент и соопшти дека се уште ги собира информациите. Генерал Карстен Јакобсон, портпарол на ИСАФ, за Радио Слободна Европа изјави дека не може да потврди никакви бројки, туку само дека се случил инцидент и оти е покрената истрага. Toj потврди дека бил повикан авион на Aлијансата да им биде подршка на војници за време на инцидентот во близина на границата со Пакистан.
Од НАТО соопштуваат дека „многу веројатно“, авионот е одговорен за
смртта на пакистанските војници , кои загинаа во текот на ноќта.
Генерал Карстен Џејкобсон, портпарол на мисијата ИСАФ изјави дека воздушната подршка што ја имале многу веројатно е виновна за жртвите на пакистанската страна.

Командантот на ИСАФ, генерал Џон Ален изрази сочувство до семејствата на припадниците на пакистанските безбедносни сили кои загинале или се повредени.

Нашите дописници од теренот јавуваат дека голем број пакистански војници биле распоредени во пограничниот реон со Авганистан за справување со талибанските милитанти.

Пакистанскиот премиер Јусуф Раза Гилани најостро го осуди, како што рече, НАТО нападот на пакистанска територија. До инцидентот доаѓа само еден ден откако американскиот генерал Џон Ален и пакистанскиот началник на генералштабот Асфак Первез Кајани разговараа за зајакнување на контролата на пакистанско – авганистанската граница и за поблиска соработка.

Сојузничките сили често-пати преземаат акции на територијата на Пакистан против талибанските милитанти. Американски хеликоптер, минатата година, по грешка уби двајца пакистански војници во близина на границата со Авганистан, поради што и тогаш Пакистан ја затвори границата за снабдување на НАТО силите во Авганистан.