Социјален мир поради сивата економија

Сем Потоликио, Советник во Американскиот конгрес и универзитетски професор.

Имате висока стапка на невработеност, но и многу ефективна сива економија и затоа има социјален мир, вели Потоликио за РСЕ.
Професоре, се наоѓате во земја каде стапката на невработеност е висока, а социјалниот мир е сочуван. Како гледате на овој феномен? Што го одржува мирот во земјава?

Тоа е многу добро прашање кое ако можете да го одговорите би станале многу славни во светот на општествените науки. Во нормални услови, кога расте стапката на вработување, се намалуваат шансите за револуција или за протестирање. Сметам дека во оваа земја се случуваат две работи. Прво, имате многу ефективна сива економија. И покрај тоа што имате стапка на невработеност која верувам се движи над 30 проценти, имате голем број луѓе кои реално заработуваат пари, но не се евидентирани. Стапката на невработеност веројатно е пониска од регистрираната. Второ, мислам дека тука имате силен културен идентитет и гордост за земјата. Една од работите кои ги имам забележано во споредба со другите земји кои ги посетив - бев во 25 земји оваа година; е дека овдека има најсилно чувство на културен идентитет. Има многу споменици насекаде... Тоа ми се допаѓа во однос на Соединетите Американски Држави. И ние имаме знамиња насекаде, а имаме и многу споменици на историски херои и тоа е земја која остана обединета 223 години и гледам многу сличности во Македонија.

Дали националната гордост може да придонесе кон создавање на стабилен политички систем? Или може да го влоши политичкиот систем?

И двете работи се можни. Тоа што се гледаше во САД веројатно ќе се случи и во Македонија, а тоа е еден придонес кон единство. Ако сте Американец, не е битно дали сте демократ или републиканец, дали финансиски се мачите - сепак имате гордост за вашата земја. Мислам дека истото се забележува во Република Македонија.

Сепак, ние сме мултиетничко општество. Дали преголемото нагласување на една нација и едно историско потекло може да предизвика немири и незадоволство кај припадниците на другите етнички заедници?

Тоа е многу важно прашање и многу е интересно што прашувате Американец. Нашиот идентитет навистина не е етнички или религиозен. Ние сме нација на имигранти и тоа што ја држи нашата земја сплотена е вербата во филозофијата за еднакви можности за сите. Треба да сфатите дека и покрај тоа што имате мнозинство на одредена етничка група, малцинствата се уште имаат право да учествуваат во владата, да учествуваат во економијата, и да учествуваат во културата. Доколку тоа го постигнете, ќе забележите единство меѓу етничките групи.

Да поразговараме за спорот со името. Секако, не станува збор за до сега невиден спор, но се претвора во уникатен феномен на Балканот.

Треба да нагласам дека би било многу вообразено и снисходливо од моја страна да го презентирам моето мислење, како човек кој не живее во овој регион, некој кој не е ни од Грција, ни од Македонија. Јас имам предавано на 25 студенти од Грција и најмалку 20 студенти од Македонија и можам да кажам дека имам голема верба во младите генерации да изнајдат креативни решенија за ова прашање. Многу луѓе веројатно се загрижени за ефектот од сето ова врз идентитетот и економијата во регионот, но јас имам оптимистички очекувања за решение кое би се случило.

Преку медиумите често се актуелизира загриженост за слободата на изразување и транспарентноста на власта. Вие сте од општество кое во основа ги има надминато овие проблеми. Како сметате дека ова може да се подобри? Дали власта треба да се самокорегира или потребно е и народот да има одредена улога?

Народот мора да ја преземе најважната улога. Во демократско општество, народот одлучува како ќе изгледа владата. Проблемот е во тоа што на луѓето им се потребни комплетирани информации. Од тука, власта има одговорност да биде што потранспарентна, за луѓето да ги имаат вистинските информации, за кога ќе гласаат, да донесат одлуки за поддршка на одредени владини политики или постапки на власта во други земји. Народот го има последниот збор, но власта и медиумите имаат одговорност да бидат транспарентни во врска со тоа што се случува во владата.

Националниот дух кој го забележувате во земјава се создава со народни пари. Во земја каде економскот напредок е многу скромен, дали постои ризик од незадоволство или проблеми доколу народот почне да ги перцепира расходите за националниот дух како непотребни?

Тоа е многу интересно прашање. Мислам дека луѓето во основа не знаат колку пари се алоцираат за одредени расходи, дури и ако им ги дадете тие информации. Има една студија во Соединетите Држави која покажува колку се игнорирачки Американците во врска со трошоците за помош во странство на пример. Американците трошат само еден процент од својот буџет за странска помош, а просечниот Американец смета дека за таа цел се алоцираат 20 проценти. Кога ќе им го кажете вистинскиот процент, нивното мислење за тоа како се однесува власта значајно не се менува. Сметам дека нема да забележите голема промена ако народот знае колку пари се трошат.

Сепак, навидум се чини дека Американците се позаинтересирани за тоа како се трошат нивните пари во споредба со Македонците. Што ја предизвикува ваквата загриженост кај еден народ?

Луѓето сакаат да знаат дека парите кои ги даваат, кои ги одвојуваат од своите паричници, се користат ефикасно и ефективно. Мислам дека една од работите која треба да се знае за Американците е дека ние сме навикнати да имаме демократски систем. Македонија очигледно има пократка историја кога станува збор за ваквите очекувања. Американците се раѓаат и се воспитуваат со очекувањата нивните пари ефикасно да се употребуваат. Веројатно затоа се и малку погласни кога нема ефикасна употреба на парите.