Монодрама „Јас, Илија Димоски - Шаторо“

Првиот градоначалник на Прилеп по осамостојувањето Илија Димоски Шаторо и актерот Трајче Иваноски.

Во театарот „Војдан Чернодрински“ поставена монодрама за првиот градоначалник на Прилеп по осамостојувањето, Илија Димоски - Шаторо.
Прилепската општествено-политичка реалност во првите години по осамостојувањето на Македонија низ призмата на тогашниот претседател на градот, Илија Димоски, викан Шаторо. Ова е темата на монодрамата „Јас, Илија Димоски-Шаторо“, чиј автор е прилепскиот писател Петар Петрески, а во режија на актерот Кире Трпечески која премиерно ја изведе доајенот на театарот „Војдан Чернодрински“, Трајче Иваноски.
Многу слободен, многу народен човек е, и со едни многу убави муабети прилепски, таков Илија е една наша легенда, таков го сакам, и реков за ова му правам монодрама и му се оддолжив на Илија.
Трајче Иваноски, актер.

Сите згоди и незгоди, сите приказни врзани за Прилеп од бегалската криза во Босна, крајно тешките години на економска криза, недостиг на вода, проблеми на граѓаните, политичките интриги, приказните од кулоарите... се на едно место со автентичен прилепски дијалект, кој што уште пооригинално звучи низ актерската игра на Иваноски.

„Многу слободен, многу народен човек е, и со едни многу убави муабети прилепски, таков Илија е една наша легенда, таков го сакам, и реков за ова му правам монодрама и му се оддолжив на Илија“, вели актерот Иваноски, кој е и негов школски другар.

А, прилепската публика остана воодушевена, колку од актерската игра, толку и поради фактот зашто прв пат им се случува на сцена да биде поставено дело од нивното блиско минато, од времето чии спомени толку свежо ги носат со себе.
Претставата беше прекрасна, многу оригинална, посебно и самата изведба на актерот и комплетно не врати во времето кога беше точно градоначалник Шаторот.
Гледач.

„Претставата беше прекрасна, многу оригинална, посебно и самата изведба на актерот и комплетно не врати во времето кога беше точно градоначалник Шаторот.“

„Во секој случај презентацијата на настаните што биле во тој период можеби за нас, некоја генерација што сме биле актери-учесници се појасни. Меѓутоа и за останатите гледачи ќе биде јасно, она што се случувало во тој период“, велат Снежана и Живко Јакимоски, кои се вљубеници и на театарската ​уметност.

Авторот на монодрамата објаснувајќи ги мотивите за делото, вели дека бил инспириран од Димоски, зашто како поранешен градоначалник бил и останал лика и прилика, чиста рефлекција на упорноста, борбеноста во остварување на целите, одликите на колективниот прилепски дух.

„Јас сакав преку ликот на Илија Димоски да прозборам за прилепскиот дух, за прилепскиот непокор, карактер на луѓето, за прилепчани. А, Илија Димоски –Шаторо е еклатантен пример на прилепскиот карактер“, потенцира Петрески.

Импресиониран од изведбата е и самиот Димоски. Вели необично е чуството да гледаш како некој ја толкува твојата личност, постапки, манири, говор... И тврди сите факти изнесени во монодрамата се вистини.

„Се ова што беше кажано, се е вистинито. Има многу работи, што тогаш јас како претседател сум мислел дека се најдобри и сум постапил така... тврдам дека сум постапил исправно, ама сега по 20 години излегува дека можело да биде поинаку, поубаво решение да биде.“

И актуелниот градоначалник Марјан Ристески со свое видување за монодрамата посветена на својот претходник, а сегашен негов советник.

„Неговата големина како личност, како градоначалник на сите граѓани остана позитивно запамтена. Сметам дека со оваа монодрама и голем број луѓе на тогашни функции можат да се пронајдат и од една временска дистанца гледано тоа навистина изгледа интересно. Така да на моменти во монодрамата со сите оние лични победи кои ги имал Илија, а значеле победи на градот, нам на прилепчани некогаш ни навираат и солзи.“

Монодрамата Јас, Илија Димоски Шаторо ќе се прикажува на сцената од народниот театар „Војдан Черодрински“ се додека има интерес од публиката. По оваа монодрама се разбранува јавноста и веќе се раѓаат идеи за нови пишани дела, чиј што лајт мотив се приказните од прилепското секојдневие.