Меѓуетничките односи за партиски интереси

Старата скопска чаршија пример за соживот

Според граѓаните, меѓуетничките односи во Македонија се добри и може да се унапредат, но политичарите се главни кочничари.
Целиот свој работен век, чичко Марко го поминал во старата скопска чаршија. Од утро до вечер е во својата работилница за крзно. Не се сеќава дека некогаш се скарал со некој од своите соседи во чаршијата.
Конкретно за староседелци ако зборуваме, со нив нема шанси да се искараш дури не ги ни интересира политиката, не го интересира кој што е, имаме соживот, овде до мене имаме Македонец, овде е Турчин, па Бошањак, а останатите се претежно Албанци и нема никакви проблеми.
Чичко Марко, занаетчија.

„Секогаш сме тука еден за друг, а за политика најмалку зборуваме. Се почитуваме меѓусебно и си ја гледаме работата“, раскажува стариот скопјанец.

„Конкретно за староседелци ако зборуваме, со нив нема шанси да се искараш дури не ги ни интересира политиката, не го интересира кој што е, имаме соживот, овде до мене имаме Македонец, овде е Турчин, па Бошањак, а останатите се претежно Албанци и нема никакви проблеми.“

Соживот во Старата скопска чаршија

Продолжуваме да шетаме низ старата чаршија. Сите ресторани, кафулиња, слаткарници, дуќанчиња се полни. Мириса на ќебапчиња, на топла симит погача и црн чај. Продавачите се пред своите дуќани. Стрпливо ги чекаат своите муштерии.

Џагор. Се чини дека старата скопска чаршија го враќа својот сјај. Ве плени шаренилото од бои, по излозите на продавниците, по тесните сокачиња... Шаренило од бои и луѓе. Тука среќавате припадници на различни етнички заедници. Ги прашуваме како функционира меѓуетничкиот соживот.

„Односите се супер, сега за сега. Се Македонци ни доаѓаат, во чаршијата немаме никакви проблеми, сега имаме комшии Македонци, јас сум Турчин, со Албанци немаме проблеми, досега не сме имале проблем.“

„Никаков проблем нема овде, јас работам со секаков народ.“

Мислењето на сите со кои разговаравме е дека политичарите се тие кои ги делат луѓето.

„Политиката ги дели, тоа е точно меѓутоа не може да раздели двајца другари со кои од детство сме заедно и не е важно дали е тој Македонец, јас Турчин или Албанец... само им влијае на тие што се во коалиција со партиите, тој ќе расипе и другарство и се само за интереси.“


„Влијае и политиката, етнички прави раздор, прави поделба меѓу самите луѓе.“

„Политичарите што ги прават тие работи, не сме задоволни од тоа, само ги гледаат своите функции.“

Различните ставови на Албанците и Македонците по прашањата за евроинтеграциите, спорот за името, пописот итн. остануваат, но тоа воопшто не влијае на меѓуетничките односи. Тие се релаксирани и добри, велат нашите соговорници.

Искористување на меѓуетничките односи за партиски интереси

Последното истражување на тема меѓуетнички односи покажува дека мнозинството граѓани сметаат дека меѓуетничките односи се подобри од пред 2001 година. Поголемиот дел од граѓаните очекуваат подобрување на истите за пет години. Истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка покажала дека оценката за меѓуетничките односи е позитивна и покрај негативното влијание на случајот Кале и предвремените парламентарни избори. Резултатите меѓудругото покажале дека е забележана најголема недоверба кон етничките Албанци и кон Ромите. Скоро 45 проценти од етничките Македонци најмногу недоверба имаат во етничките Албанци и во Ромите, а најмалку во етничките Бошњаци, во Србите и во Власите.
Политиката ги дели, тоа е точно меѓутоа неможе да раздели двајца другари со кои од детство сме заедно и не е важно дали е тој Македонец, јас Турчин или Албанец... само им влијае на тие што се во коалиција со партиите, тој ќе расипе и другарство и се само за интереси.
Анкетиран граѓанин.

И експертите во оваа област велат дека секојдневните анализи покажуваат дека секоја конфонтација со друга етничка заедница, носи политички поени. Тензиите, сметаат повеќето од нив, намерно се подгреваат само за остварување на партиските цели и интереси.

Универзитетскиот професор Мирјана Малеска вели дека токму политиката е главниот виновник за поделеноста кај заедниците. Ако само за момент ги занемариме политичарите, постои добар капацитет во ова општество да се унапредат меѓуетничките односи.

„Ако се погледнат изборните резултати и ако се доведат во корелација со две прашања едното е надворешното прашање со Грција, а другото е внатрешно прашање важно за нас, тоа е меѓуетничките односи, мислам дека може да се извлече строга корелација помеѓу непопуштањето и политичкиот успех, домашен.“

За разлика од други региони во светот каде што е вообичаено политичките актери да влијаат на хармонизирање на какви било тензии меѓу заедниците, во Македонија е пракса грешките на политичарите да се рефлектираат врз секојдневниот соживот, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

Политичарите создаваат атмосфера за ескалација на меѓуетничките односи, сметаат експертите



„Верувам дека некои традиционално отворени тензични прашања меѓу етничките заедници во Македонија, нема, туку поради слабото менаџирање на политичарите и грешките кои што тие ги прават имаме вакво константно затоплување или заладување на меѓуетничките односи.“

Оценка на Центарот за меѓуетничка толеранција е дека односите се добри. Владее релаксирана атмосфера, покажуваат првичните резултати од нивната теренска анкета, која се работи за потребите на годишниот извештај на центарот. Директорот на оваа институција, Владо Димовски вели дека досегашното искуство покажало дека политичарите се главните виновници за поделбата меѓу граѓаните и влошувањето на меѓуетничките односи.

„Ние со нашите активности работиме исклучиво во мешани етнички средини и тоа покажува дека граѓаните засега соработуваат, но под притисок на своите политичките партии или своите политички претставници секој пат тие или се затвораат во себе или предизвикуваат одредени недоразбирања.“
Верувам дека некои традиционално отворени тензични прашања меѓу етничките заедници во Македонија, нема, туку поради слабото менаџирање на политичарите и грешките кои што тие ги прават имаме вакво константно затоплување или заладување на меѓуетничките односи.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

Во меѓувреме, не е новина тврдењето дека мнозинството етнички Албанци имаат различни ставови по прашањето за името. За нив тоа ја нема тежината која ја чувствуваат етничките Македонци. За разлика од Албанците за кои приоритет е влезот на земјава во Европската унија и НАТО, па и по цена на каква било промена на името, последните истражувања покажале дека голем дел од етничките Македонци не би прифатиле промена на името, дури и по цена на економски и евроатлански застој. Таквата поделеност може да се рефлектира и врз односите во владејачката коалиција, смета политичкиот аналитичар Ризван Сулејмани.

„Тоа како ќе се рефлектира понатаму во политиката ќе видиме дали може тоа да се одрази на односите во коалицијата, затоа што ДУИ е поврзана со тој електорат кој бара промена на името, а таа мора да ја почитува и да издејствува некакво решение во врска со таа политичка волја, а од друга страна премногу е тесен патот во коалицијата за да се издејствува нешто такво, така што тоа може да има и одредени последици по владата.“

Се уште отворени прашања меѓу етничките заедници

Неуспешниот попис кој почна со извесни недоразбирања меѓу Албанците и Македонците продолжи со технички проблеми, а заврши со негово стопирање, покажа дека меѓу заедниците постојат уште отворени прашања. Сепак, аналитичарите се согласни дека стопирањето на пописот нема да ги влоши моменталните односи меѓу етничките заедници.

„Дури ни пописот нема да ги влоши бидејќи тие проблеми за неуспешниот попис треба да се бараат во коалицијата, не треба да се бара на улица, не треба да се бара во комшилукот туку треба да се бара исклучиво во владата и во коалициските партнери“, изјави политикологот Соња Стојадиновиќ.


И таа како и претходните соговорници вели дека политичарите создаваат атмосфера и плодна почва за ескалација на меѓуетничките односи.

Но, како е возможна таквата поделеност кај граѓаните во однос на суштински прашања за државата, ако се земе предвид дека во новата коалициона влада покрај македонскиот политички субјект, седи и албански? Еве како тоа го објаснува професорката Малеска.

„Тие не се потполно рамноправни партнери во владата и не можат да бидат со оглед на бројот на парламентарци кои ги имаат, во поглед на бројот на гласачи.“
Комуникацијата е супер, комуникацијата е стабилна, можеме како пример да ја замеме Старата скопска чаршија, сите националности и сите религии ќе ги најдете навечер во петок или во сабота во чаршијата.
Соња Стојадиновиќ, политиколог.

Непостоењето на заедничка владина програма која ќе ги опфати програмите на секоја партија во владата, е причината поради која се јавува различноста во ставовите кај етничките заедници, посочува Муслиу.

„За жал не гледам дека програмите на политичките партии се сплотени во една владина програма и тоа секако дека се рефлектира и врз работењето на владата.“

Сепак, генерална оценка на експертите е дека меѓуетничките односи во земјава се добри и дека имаат потенцијал да се подобрат. Меѓуетничкиот соживот е сосема нормален и стабилен.

„Комуникацијата е супер, комуникацијата е стабилна, можеме како пример да ја замеме Старата скопска чаршија, сите националности и сите религии ќе ги најдете навечер во петок или во сабота во чаршијата“, вели Стојадиновиќ.

„Нас ни требаат едуцирани граѓани, нас ни требаат толерантни граѓани, преку образованието тоа може да се постигне и ние не треба овој капитал што досега го имаме стекнато да го растуриме, да го расипеме, туку треба да што повеќе да настојуваме такви односи на мултиетничност да се негуваат“, изјави професор Малеска.

„Периодично се влошуваат, се подобруваат, во зависност од моментот и актуелните теми“, вели Муслиу.

Досегашното искуство покажува дека секогаш кога Македонија се соочува со чувствителни прашања за кои има поделеност меѓу граѓаните, во јавноста се добива впечаток дека меѓуетничките односи се влошени. Референдумот за територијалната поделба, хашките случаи, да се признае или не независноста на Косово, проектот интегрирано образование се само дел од прашањата кои во минатото ги разгоруваа тензиите и поделеноста кај припадниците на различните етнички заедници.
Сепак, повеќето од меѓународните претставници во земјава позитивно го оценуваат развојот на меѓуетничкиот соживот во Македонија.

Во неодамнешното интервју за радио Слободна Европа, францускиот амбасадор во земјава, Жан Клод Шлумберже изјави дека десетгодишнината од Охридскиот рамковен договор го покажува добриот пат којшто го презела Македонија во 2001 година.

„Ако тоа го споредиме со меѓуетничките односи во земјите од регионот и блиските соседски земји ќе видиме која беше добродетта од направениот избор. Тоа е навистина извонреден напредок, значи да си честитаме за тој позитивен развој на нештата којшто треба да продолжи без да ги заборавиме и помалите заедници“, рече Шлумберже.

Политичарите мора да престанат да го користат јазикот на етничката омраза. Експертите предупрдуваат дека таквиот говор кој вообичаено се користи за зголемување на партиските рејтинзи, може да поттикне омраза, која останува всадена кај луѓето.