Саркози - Приемот на Грција во евро-зоната беше грешка

Францускиот претседател, Никола Саркози.

Францускиот претседател Никола Саркози отворено изјави дека приемот на Грција во еврозоната бил грешка. Во меѓувреме, извршниот директор на Европскиот фонд за финансиска стабилност, Клаус Реглинг, денеска пристигна во Пекинг на разговори за кинеско инвестирање во пакетот за излегување на Европа од должничката криза.
Францускиот претседател Никола Саркози во интервју за француската телевизија изјави дека дозволувањето Грција да биде примена во еврозоната во 2001 година било грешка. Тој додаде дека Грција влегла со лажни економски податоци.
Не смееме да ја загубиме оваа можност. Ова е голема можност. Вакви можности ретко им се даваат на земји со цел драстично да го намалат нивниот фискален долг.
Евангелос Венизелос, министер за финансии на Грција.

„Таа едноставно не беше подготвена“, изјави Саркози, додавајќи дека Грција сега ќе биде спасена благодарение на договорот што евролидерите го постигнаа во Брисел.

Меѓудругото, со договорот се предвидува простување на грчкиот долг за половина, како и финансиска помош од дополнителни над 100 милијарди евра.

„Не смееме да ја загубиме оваа можност. Ова е голема можност. Вакви можности ретко им се даваат на земји со цел драстично да го намалат нивниот фискален долг“, изјави во Атина, министерот за финансии на Грција, Евангелос Венизелос.

Грчкиот министер за финансии Евангелос Венизелос.


Оценувајќи дека тоа ќе претставува нов многу подобар почеток на земјата за продолжување на структурните реформи, Венизелос рече:

„Нема да има нови мерки во однос на платите или пензиите или пак, даноците за оваа и за идната година. Секако доколку го спроведеме сето она што го прифативме.“
Девизните резерви на Кина секој месец се зголемуваат и затоа треба да се инвестираат. Јас сум оптимист дека ќе имаме долготрајна врска, бидејќи Европа ќе продолжи да обезбедува безбедни и атрактивни можности за инвестирање.
Клаус Реглинг, директор на Европскиот фонд за финансиска стабилност.

На кризниот самит во Брисел беше постигната согласност и за зголемување на Европскиот фонд за финансиска стабилност за билион евра со цел да им се помогне на Италија и Шпанија да се заштитат од берзанските притисоци кои ја турнаа Грција во криза.


Притоа, за можни извори за полнење на овој Фонд се спомнуваат земјите со забрзан економски раст како Кина, Русија и Бразил.

Во првите реакции од Пекинг, каде што веќе допатува извршниот директор на Европскиот фонд Клаус Реглинг, е дека Кина е подготвена за тоа, но само доколку европските лидери ја убедат дека таквата инвестиција е сигурна и оти ќе учествуваат и други земји.

„Девизните резерви на Кина секој месец се зголемуваат и затоа треба да се инвестираат. Јас сум оптимист дека ќе имаме долготрајна врска, бидејќи Европа ќе продолжи да обезбедува безбедни и атрактивни можности за инвестирање“, изјави Реглинг на прес-конференција во Пекинг.
Ова е трет ’сеопфатен пакет‘ на еврозоната во оваа година. Тој веројатно нема да биде и последен. Уште еднаш, добрата економија стана жртва на лошата политика.
„Економист“.

Фајненшал тајмс посочува дека Кина ќе бара од евролидерите да престанат да ја критикуваат нејзината девизна политика спрема другите валути.

Весникот притоа го цитира и членот на Кинеската централна банка, Ли Даокуи, кој вели дека Кина има долгорочен и внатрешен интерес да и помогне на Европа.

Во меѓувреме, по првичната еуфорија за договореното во Брисел се појавија и голем број критики колку сето тоа може и да биде спроведено. Планот е конфунзен и неубедлив, пишува весникот Економист, додавајќи:

Конфузен, бидејќи неговиот финансиски инжинеринг е препаметен и ранлив на ненамерни последици. Неубедлив, бидејќи недостигаат премногу детали чија цел е токму зачувување на еврото.

„Ова е трет ’сеопфатен пакет‘ на еврозоната во оваа година. Тој веројатно нема да биде и последен. Уште еднаш, добрата економија стана жртва на лошата политика“, заклучува Економист.