Што мора да решат лидерите на ЕУ?

Лидерите на Европската унија денеска во Брисел треба да финализираат сеопфатна стратегија за финансиските проблеми. Откако на првиот дел од самитот во неделата постигнаа начелна согласност за банките, тие денеска мора да донесат конкретни одлуки за справување со веќе двегодишната криза која и се заканува и на светската економија.
Земјите на Европската унија се согласија за рекапитализација на банките, односно дека е потребен фонд за нивна финансиска поддршка од околу 100 милијарди евра. Со тоа банките ќе бидат заштитени од загубите од грчката криза. Парите треба да бидат обезбедни од приватни инвеститори.

Но, ако се покаже дека тоа не е доволно, тогаш влегуваат во игра националните влади. Пакетот за спасување познат како Европски фонд за финансиска стабилност ќе биде употребен како последен потег.


Евролидерите се согласија на построги правила за националните финансиски трошоци, односно должничкиот лимит да биде 60 отсто, а буџетскиот дефицит 3 проценти од бруто домашниот производ.

Ќе има и построга контрола на буџетските планови за подобро да се координираат макроекономските политики. Два пати годишно ќе има и самити на еврозоната.
Имаше мал обид по 2008 година да се реформира финансиското регулирање, но на тоа се спротивставија банките и не дозволија суштински промени. Сегашните мерки за штедење го спречија економскиот раст.
Џозеф Штиглиц, нобеловец за економија, поранешен главен економист на Светска Банка.

Се разгледуваат и промени на европскиот договор по што ќе бидат можни интервенции во некоја земја која на го спроведува договореното.

„Имаше мал обид по 2008 година да се реформира финансиското регулирање, но на тоа се спротивставија банките и не дозволија суштински промени. Сегашните мерки за штедење го спречија економскиот раст“, вели за Радио Слободна Европа, поранешниот главен економист на Светска Банка, нобеловецот Џозеф Штиглиц.

Со него се согласува и професорката Анке Хасел од Берлин која додава:

„Очигледно е дека европската економија е во кризна и пресвртна точка и ни требаат нови начини за справување со тоа.“


Пакетот за европска финансиска стабилност кој досега беше употребен за Португалија и за Ирска има фонд од 440 милијарди евра и, според експертите, нема да биде доволен за решавање на проблемите во Италија и Шпанија. Лидерите сега ги разгледуваат можностите како да го направат посоодветен за натамошниот развој на кризата.
Очигледно е дека европската економија е во кризна и пресвртна точка и ни требаат нови начини за справување со тоа.
Анке Хасел, професор по економија од Берлин.

Конечно на денешниот самит лидерите ќе се обидат да постигнат согласност за нов пакет на помош за Грција, која веќе прими 110 милијарди евра заем од Европската унија и од Меѓународниот монетарен фонд. Вториот спасувачки пакет најпрвин требаше да изнесува околу 109 милијарди евра, но изгледа дека ќе биде поголем.

Владите го притискаат приватниот сектор да прифати доброволно отпишување на околу 60 отсто од грчкиот долг, но банките се неволни бидејќи со тоа би забележале големи загуби.

Од друга страна, и Меѓународниот монетарен фонд е поскептичен околу тоа дали ваквото доброволно фризирање на долгот на Грција ќе биде доволно.

Инаку, пред самитот, Брисел побара од Италија да ги продолжи реформите и да прифати покачување на возрасната граница за пензионирање од 65 на 67 години.

Евролидерите велат дека само во таков случај ќе го спроводат нивниот пакет за спасување од должничката криза. Но, италијанскиот премиер Силвио Берлускони изјави дека никој не може да и држи лекции на Италија.