„Окупирај во Волстрит“ и во Скопје

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Дваесетина луѓе се собраа на мирни протести во центарот на Скопје инспирирани од протестите против светските финансиски системи што пред околу еден месец почнаа во Њујорк под називот „Окупирај го Вол Стрит“.

Денеска во Скопје ќе се одржат мирни протести во знак на солидарност со протестите на Волстрит, против глобалниот систем и обид за подобрување на квалитетот на живеење.
„Заземи го скопскиот плоштад“! Под ова мото и во знак на солидарност за обединување со протестите на Волстрит, денеска во центарот на главниот град ќе се одржат мирни протести. Еден од повикувачите на протестите, Предраг Ристиќ вели дека тој и неговите приврзаници се согласуваат со луѓето кои го окупираат Волстрит оти е време кога како што вели мора да се најдат начини за да се подобри квалитетот на живеење.

„Причини за незадоволство има многу. Повеќето работници во Македонија кога ќе влезат во 8 часот на работа тие влегуваат во диктатура, слушаме еден шеф, еден диктарот, тој е господарот. Зошто да не разговараме за алтернативите кои што се појавуваат низ цел свет во кој што многу е похоризонтална структурата и во 8 часот на работа одиме во демократија.“
Зошто да не разговараме за алтернативите кои што се појавуваат низ цел свет во кој што многу е похоризонтална структурата и во 8 часот на работа одиме во демократија
Предраг Ристиќ, еден од организаторите на протестот

Ристиќ уверува дека протестите немаат политичка позадина. Собирот вели Ристиќ не е насочен против одредена политичка партија, личност или организација, туку дека е протест против глобалниот систем и обид на демократски начин истиот да се подобри.

„Нема партија која ќе може да застане позади нас или да не застане позади нас. Едноставно ќе можат нивни членови да сакаат да работат со нас или да не работат со нас. Самата транспаренција може да биде бранител за да неможеме да бидеме водени од некакви задни намери на било кого, не само на некоја политичка партија.“

„Заземи го скопскиот плоштад!“ е мотото на протестите во Скопје



Ристиќ не е сигурен колкава ќе биде бројката на оние што ќе протестираат. Заинтересирани вели има многу, а веќе некое време отворена е и посебна страница која повикува на протести на социјалната мрежа Фејсбук. Се надевам, вели Ристиќ, дека ефектите ќе следуваат по протестите.

„За мене е многу поважно да го формираме тоа генерално собрание и да почнеме да работиме. Доколку успееме да имаме членови кои ќе почнат да работат и ако успееме да поставиме таков транспарентен, отворен и хоризонтален процес ние ќе можеме понатаму да допринесуваме да имаме повеќе и повеќе членови.“
Доколку успееме да имаме членови кои ќе почнат да работат и ако успееме да поставиме таков транспарентен, отворен и хоризонтален процес ние ќе можеме понатаму да допринесуваме да имаме повеќе и повеќе членови.
Предраг Ристиќ, еден од организаторите на протестот.

Протестите во Скопје ќе почнат пред скулптурата на бикот на улица Македонија, како симбол на берзанската моќ, а оттаму учесниците ќе се упатат кон Мекдоналдс или некој друг симбол на глобалниот корпоративизам.

Инаку протестите „Окупирај го Волстрит“ започнаа на 17 септември во Њујорк и брзо се проширија низ Соединетите Држави. На најмасовниот протест учествуваа повеќе од 5000 лица.

Повикот на демонстрантите е да се искористи правото на заземање на јавниот простор како облик на искажување незадоволство и начин да се побара решение за се поголемата економска неизвесност, нестабилни работни места, намалени социјални права и привидна демократија во која јазот меѓу богатите и сиромашните станува се подлабок.