И на суд по работнички права

Целта на книгата е да се охрабрат работниците во иднина да ги тужат работодавачите и да пробаат и по судски пат да си ги остварат своите права, велат од „Ленка“

Движењето за социјална правда „Ленка“ издаде книга со примери од судската пракса на добиени работни спорови со цел да ги охрабри работниците и на суд да ги бараат своите права.
Четириесет и петгодишниот Марјан Ристески бил вработен во Македонски Железници на неопределно време, но поради трансформацијата на компанијата добил отказ. Ристески решил да се жали на суд и го добил спорот, бидејќи бил незаконски отстранет од работното место. Ова е еден случај од книгата работни спорови-позитивни примери од судската пракса, со која движењето за социјална правда Ленка сака да им покаже на работниците дека можат на суд да добијат правда.
Во студијата се работи за добиени работни спорови на работници од повеќе градови ширум земјата, работници и од јавниот и од приватниот сектор. Во студијата има 31 теренско интервју и се работи за спорови за парични и непарични побарувања
Стефан Бошковски, „Ленка“

Еден од креаторите Стефан Бошковски вели дека намерно се решиле во книгата да претстават само позитивни случаи.

„Во студијата се работи за добиени работни спорови на работници од повеќе градови ширум земјата, работници и од јавниот и од приватниот сектор. Во студијата има 31 теренско интервју и се работи за спорови за парични и непарични побарувања.“

Уредникот на книгата Димитар Апасиев вели дека во најголем број од примерите се судски спорови против работодавци кои им останале должни плата на работниците или поради незаконски отпуштања. Целта на книгата е да ја разбуди свеста кај работниците да се борат за своите права, вели тој.
Целта е да се охрабрат работниците во иднина да ги тужат работодавачите и да пробаат и по судски пат да си ги остварат своите права
Драган Апасиев, уредник на книгата

„Целта е да се охрабрат работниците во иднина да ги тужат работодавачите и да пробаат и по судски пат да си ги остварат своите права бидејќи тие им следуваат и од една страна годишно тече процес на намалување на правата, но од друга страна барем тие што ги имаат правата, треба да си ги одбранат пред суд.“

Според Апасиев работниците на кои им биле нарушени правата не сакаат да поднесат тужби, бидејќи судовите се непристапни за нив поради недостиг на пари. Проблем се и судиите кои не ја следат праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Споровите траат долго иако според законот тие треба да бидат решени најдолго за шест месеци, додава тој.

„За жал во праксата не е така, имаме најдолг случај којшто траел девет години и имаме четири до сега изгубени случаи коишто биле покренати пред Европскиот суд за човекови права токму работни спорови кои се изгубени токму поради предолго траење на постапката, меѓутоа имавме и позитивни примери кадешто за само два месеца експресно на едно рочиште се решаваа случаи.“

Според Ленка секој случај е посебен и свој, но работниците мора да се охрабрат, бидејќи единствениот избор им е судот.