Интервју - Александар Манев

Александар Манев, претседател на групацијата на друштва за управување со инвестициски фондови.

Интересот за купување на хартии од вредност на македонските компании не е посебно зголемен, се уште постои неатрактивна атмосфера за купување на акции, вели Манев.


Според статистичките податоци, во медиумите се јавија извештаи за раздвижување на берзата, тие информации се случија после неколку блок трансакции кои се случија на берзата. Дали станува збор само за привиден раст кој што го предизвикале неколку големи „играчи“ или пак може да се зборува за реално придвижување на пазарот на хартии од вредност?

Ако ги гледаме сувопарно бројките можеме да извлечеме заклучок дека прометот е зголемен 250%, меѓутоа тоа само би дало погрешна слика и претстава на она што реално секојдневно се случува, а тоа е дека во принцип бројот на дневните трансакции е намален. Така што статистиката е интересна наука и веќе знаете во зависност од тоа низ која призма ја гледаме некогаш може да не доведе и до погрешен заклучок. Меѓутоа тоа е факт, а факт е дека оваа година прометот е зголемен поради блок трансакциите - едната за докупување на акциите од ИК Банка, а втората беше блок трансакцијата на Тутунска банка, вкупно во вредност од некаде 60 милиони евра. И зголемениот промет ако го гледаме еднострано тогаш е резултат на блок трансакциите, но од друга страна обемот на тргувањето со акциите е зголемен за 5% меѓутоа и тоа би го искоментирал, пред се нели се должи на зголемениот број на трансакции туку на зголемување на цената на акциите. Знаеме дека од почетокот на годинава македонскиот берзански индекс на МБИ 10 е зголемен некаде за 10%, така што и тоа е некоја слика за самиот обем на зголемување на вредноста на акциите. Би кажал дека интересот за купување на хартиите од вредност на македонските компании не е ништо посебно зголемен во однос на минатата година, постои се уште онаа неатрактивна атмосфера за купување на акции, се уште оние главни причини за некупување бидејќи цените на акциите се доста ниски, се уште преовладуваат при донесувањето на одлуки иако морам да напоменам дека доста од компаниите подобро работат, 2010 извадија добри биланси, 11 компании дале и добри, атрактивни дивиденди и јас се надевам дека тоа можеби ќе побуди кај инвеститорите, односно кај луѓето поголем интерес да инвестираат во поризични инструменти, оваа година еден дел од своите парични средства да ги инвестираат и во акции.

За блок трансакции се способни поголеми „играчи“ на берзата, помалите инвеститори барем судејќи според податоците не се многу активни. Дали македонската берза се претвори во „игралиште“ за големите, додека малите седат настрана и се воздржани?

Па видете оние блок трансакции кои се направија и минатата и оваа година пред се се сопственички преструктуирања, тоа не се класични купувања со цел да се преземе некоја фирма или пак да се земе доминантен дел во некоја фирма, да се стане стратешки партнер или инвеститор, така што пред се ова се прегрупирања на акциите, преструктуирања, значи не се работи за големи играчи. Еден случај би го издвоил тука, а тоа е јавната понуда на акции на Комерцијална банка каде што се јави еден поголем странски инвестициски фонд кој нели стана еден поголем партнер во Комерцијална банка, и тоа е она што позитивно се случуваше во текот на оваа година.

Значи трансформацијата на капитал како таква, не може да се смета за класичен прилив на пари од странска инвестиција?

Пренос на сопственоста од едни на други сопственици или во рамките на истата групација како што беше случајот со НЛБ Тутунска банка, додека Комерцијална банка, она што позитивно се случи после одбивањето на приватната понуда преку јавна понуда се докапитализира, односно се прибраа средства мислам околу 13 милиони евра од странски инвеститор.

Нема посериозна промена во учеството на странските инвеститори на македонската берза. Сепак што е со нивната активност, дали прават нешто?

Па ако ги гледаме изолирано бројките, странците се присутни во ист оној обем и на страната на купување и на страната на продажба, апсолутно исто како и минатата година. Тука има само некои мали осцилации и варијации, не би рекол дека постои нешто зголемен интерес, не од причина дека акциите се неатрактивни туку од причина што се неликвидни, премногу е мал обемот на нивните тргувања, тоа е главната причина, неликвидноста за слабиот обем на тргување во очите на странските институционални инвеститори.

Ако компаниите покажуваат подобри резултати во споредба со минатата година, зошто нашиве помали инвеститори се повоздржани?

Па видете берзата се уште се сваќа како место каде што се очекуваат премногу големи добивки, навикнати се на она што остана од некои минати добри времиња, експанзијата од 2005 до 2007 година кога навистина добро се заработуваше. Берзата за жал веќе не е атрактивна, не е реално ниту во иднина, меѓутоа сепак се едно паметно, интелегентно однесување на инвеститорите, берзата повторно иако неликвидна и можеби неатрактивна за пошироката маса на луѓе, сепак берзата е место каде што со паметни инвестиции во текот на годината сигурно може да се заработи неколку пати повеќе од класичните банкарски депозити или другите инструменти со фиксен принос, така што има компании кои даваат атрактивна дивидента, така што јас секако би ги советувал клиентите и пошироката народна маса која има слободни парични средства за пласирање, дека со добра инвестиција, нормално во консултација со инвестициски советници да вложат еден дел од своите парични средства и на берза.

Сведоци сме дека во странство луѓето имаат доверба не само во банките, ставајќи ги своите средства и пензиските фондови итн, туку и во инвестициските фондови очекувајќи добивка на подолг рок. Но, сепак тоа кај нас се чини не е нешто многу атрактивно. Дали тоа можеби е резултат на неедуцираност на граѓаните на крајот на краиштата?

Па видете ако тргнеме дека оваа индрустија се уште е млада, функцинира околу четири години, потребен е подолг временски рок да помине за луѓето да станат свесни дека постојат и алтернативни облици на штедење и инвестирање. Мислам дека со тек на време тоа ниво на едуцираност на луѓето ќе се зголеми, меѓутоа тука сепак е битен општо стандардот на луѓето, потребен е еден дел од парите што ги заработуваат да им остануваат, а не само да им служат само за основните прехрамбени потребни за живеење, така што јас сум оптимист дека на еден среден рок како ќе се зголемува стандардот на населението, доколку се зголемува, а тоа зависи од креаторите на економската политика, на луѓето се повеќе еден дел од паричните средства ќе им останува и ќе наоѓаат начини да ги оплодуваат.

Во секоја земја берзата се смета за репрезент на реалната економија, дали нашата берза реално ја отсликува економијата во Македонија?

Па видете, ако го гледаме случајот со македонската берза не би можеле да кажеме дека е реална слика на она што се случува во економијата. Македонската берза во принцип не се води од економските перформанси на компаниите и затоа не би можел да кажам дека го отсликува во принцип она што се случува во економијата. Повеќе се води од некои други фактори, психологија, страв кај инвеститорите, криза, меѓутоа потребна е сепак повисока едуцираност на луѓето, поголема свесност за другите алтернативни инструменти и нормално поголема свесност и давање на значење и кај креаторите на економските политики, меѓутоа тука е голема одговорноста за работењето на компаниите првенствено кај менаџерите, односно и кај нив е потребна поголема свесност дека работењето на компаниите и цената на акциите е слика и за самите компании, така што и тука треба поголема инволвираност и на самите менаџери кои ги водат компаниите.

Додека кај нас на берзата се гледа на тргување на акции во светот се поатрактивно е инвестирање во злато. Кај нас тоа законот не го дозволува. Дали имате некакво објаснување зошто таа одредба во законот не е променета и покрај тоа што секако имаше иницијативи за промена?

Изминативе две-три години од кога е светската финансиска криза, златото е еден од оние основни инструменти што го бараат сите инвеститори бидејќи е сигурно, ја чува својата вредност и последните неколку години има драстичен пораст, за жал некоја лоша одредба на законот за девизно работење кој бил донесен во минатото ги ограничува македонските граѓани да имаат странски акции, депозити и да инвестираат во благородни метали. Искрено минатата година се актуелизираше ова прашање, имаше некои најави од министерството за финансии дека ќе дојде до промена на законот, меѓутоа мислам дека тоа е врзано со интегрирањето на Македонија во ЕУ, така што во одредена фаза ќе биде неминовно тој да се смени. Жал ми е што морам да кажам дека македонските граѓани пропуштија можност да заработат од порастот на цената на златото, за разлика од сите околни земји, да не зборувам и за Европа и развиениот свет. Златото и нашата прогноза е дека се уште ќе биде инструмент кој и понатаму ќе се бара, и сите анализи прогнозираат дека цената на златото до крајот на годинава може да достигне цена можеби дури и до 2000 долари.