Неделен печат

Весници, магазини, неделници...

Убиството на младиот Мартин Нешкоски, главна тема во анализите на повеќето неделни печатени изданија.
Носечката статија во Глобус е посветена на убиството на скопјанецот Мартин Нешкоски од страна на обезбедувачот на владиниот врв, специјалецот Игор Спасов. „Редукција на фактите за редукција на вината на власта“, е насловен прегледот од минатонеделната дебата во клубот на ГЕМ во Скопје на која еминентни правници, политички аналитичари и активисти на невладини организации го искажаа своето мислење во врска со однесувањето на власта во овој случај. Ако може да се извлече поента од текстот во Глобус, тоа е следново: Додека премиерот Груевски безобѕирно и игнорантски фрла лопати за темелници на виртуелни села, некој фрла лопата за гроб, за реалната смрт што власта не успеа да ја прикрие. Операцијата бесчувствителност оди понатаму, завршува Глобус, се' до саботата, кога еден отворено провладин дневен весник навести каде лежи зајакот: Убиецот е можеби член или симпатизер на СДСМ! Какво елегантно решение на кризата на староновата влада! - извикува Глобус.


Откако МВР се обиде да ја скрие вистината, дали постои перфиден план ,,Б“ за намалување на одговорноста за убиството на Мартин Нешкоски? - прашува Фокуској исто така ја разгледува темата убиство и обид за негово забошотување од страна на власта. Јавноста е убедена дека полицијата се обиде да го скрие убиството. Или во најмала рака, дека сакаше да купи време во врска со целиот инцидент, забележува неделникот, па додава дека постапките на полицијата, како и известувањето на провладините медиуми покажуваат дека властите се обидуваат да се исперат, за случајот Нешкоски. Од друга страна, младите преку Твитер и Фејсбук ја избоксуваа вистината, пишува покрај другото во еден од повеќето текстови посветени на бруталото и арогантно однесување на полициските специјалци и на МВР воопшто, неделникот Фокус.

Младоста која подразбира бунтовништво како никогаш досега се обедини за да викне гласно: Стоп за насилството, пишува во уводникот Форум и додава: Тука нема политичка боја, етнички предзнак, класна поделеност затоа што сите се згрозени од убиството на Мартин. Смртта на Мартин за прв пат по дваесет години независна Македонија поттикна изблици на граѓанска свест и протести против полициската бруталност кои партиите веќе десетина дена залудно се трудат да ги оцрнат, обојат, присвојат, пишува во друг текст Форум, за да нагласи дека десетдневните протести на младите во Скопје е еден вид оживување на самостојната граѓанска иницијатива, обид за примена на директна демократија, директно заложување на граѓаните пред институциите за свои одредени права и правдини.