Еврозоната нема должничка, туку политичка криза

Фајненшал Тајмс објави коментар за тајниот состанок во Луксембург на кој се зборувало за начините на решавање на кризата во еврозоната, меѓу нив и можноста за враќање на Грција кон нејзината поранешна валута - драхмата.
Тие не можат да организираат ни приватна средба. Како тогаш ќе може да ја решат должничката криза? Грешката со не толку тајното собирање на министрите за финансии во Луксембург во петокот дава своевидна лекција дека и решавањето на кризата во еврозоната оди погрешно. Германскиот Шпигел Онлајн објави дека Грција разгледувала заминување од еврозоната и оти министрите за финансии одржале таен состанок за да разговараат на таа тема.

Интригирачки детали

Приказната понуди и интригирачки детаљ дека германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле во својата торба носел предупредување колку ќе чини спречувањето на грчкиот излез. Претходно, портпаролот на премиерот на Луксембург Жан Клод Јункер кој е одговорен за финасии демантира дека воопшто имало некаков состанок. Но, демантот очигледно беше лажен. Од средбата потоа беше издадено соопштение дека на неа не се разговарало за грчко напуштање или за грчко реструктуирање. Но, како по се, да му се верува и на ова соопштение, се наведува во текстот објавен во Фајненшал Тајмс, во кој се додава дека на состанокот биле разгледувани низа опции.

„Причината за френетичната дипломатска активност е фактот дека еврозоната ги потроши лесните опции за справување со грчкиот долг“, наведува весникот.

Протести во Атина против мерките за штедење

Постојат валидни пречки за сите предлози, а излезот е премногу ризичен. Проблемот е во тоа што еврозоната е политички непособна да се справи со криза која стана заразна и има потенцијал да предизвика огромна колатерална штета. „Големата зделка“, односно серијата институционални спогодби за долгот во еврозоната што во март ја усвои Европскиот совет не се осврнува и врз решавањето на актуелната криза. Тој процес почнува дури сега. Одговорните сфатија дека, без оглед која мерка ќе ја одберат, тоа даночните обврзници ќе ги чини стотици милијарди долари. Политичката причина за оваа криза која оди од лошо кон полошо е проблемот со недостигот на колективна акција.

Монетарна унија не е одржлива без политичка унија

Португалскиот премиер Жозе Сократес одбра да го одлага спроведувањето на пакетот за финансиски спас се до последен момент. Неговата објава во минатата недела беше трагикомичен врв на кризата. Со земја на работ на финансиско исчезнување, тој се фалеше на националната телевизија дека има обезбедено подобра зделка од Ирска и Грција. Покрај тоа, тој тврдеше дека договорот нема да предизвика многу болка. Но, кога по неколку дена се појавија деталите можевме да видиме дека ништо од тоа не е вистина, наведува весникот, додавајќи дека не може да се води монетарната унија со вакви изјави на Сократес, или со министри за финансии кои шират гласини за распаѓање.

Политичките елити во Европа се плашат да ја кажат вистината која од секогаш им била позната на економските историчари: дека монетарната унија едноставно не е одржлива без политичка унија. Ова не е должничка криза. Ова е политичка криза. Во еврозоната наскоро ќе се соочат со избор меѓу незамислив чекор напред кон политички сојуз или еднакво незамислив чекор наназад. Време е тоа и да се каже, се наведува во коментарот објавен во Фајненшал тајмс.