Ова е најверојатно без преседен во односите меѓу Америка и Македонија, колку се тие во моментот практично затегнати, оценува поранешниот министер за надворешни работи и професор на Правниот факултет во Скопје Денко Малески во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Професоре Малески во понеделник почнува јавната расправа пред меѓународниот суд во Хаг кој треба да покаже дали Грција ја прекршила Времената спогодба во однос на Македонија или обратно како што тврди Грција. Како овој судски процес може да влијае врз спорот со името?
Овој процес битно нема да измени ништо во она што е суштинско со нашиот спор за името, а имено обврската која Македонија ја зема со Времената спогодба е дека ќе се бара решение со Грција и тоа ќе остане независно од исходот од спорот. Самиот спор кај нас се гледа како прашање на победа или пораз, меѓутоа претпоставувам дека би било подобро ако гледаме на него како процес на учење, а имено во понеделник веќе ќе се објават спротивставените ставови на двете страни каде што и печатот и медиумите тоа веќе ќе го имаат и можеби ќе можеме да научиме нешто од тоа што ги повредува едниот народ, а што другиот во овој веќе дводецениски спор. Ако успееме тоа да го направиме, ако може да научиме нешто од тоа, тоа може евентуално да ни помогне во натамошната расправа, барање на компромисно решение со Грција.
Но, добро што ќе се случи доколку судот донесе заклучоци кои ќе бидат во полза на Македонија или обратно?
Мислам дека судот нема да донесе таква одлука, уште при приемот во ОН суштината на тој проблем беше ставена на политичкиот колосек, значи да се разреши преку дипломатија, а не преку судови, бидејќи преку судови горе-долу работата е јасна, никогаш во историјата на ОН никому не му се оспорувало правото на име и државата која се зачленува ако ги исполнува условите едноставно кажува како се вика, како дете ќе се роди и оди на матичар. Меѓутоа бидејќи станува збор за еден комплексен спор, веќе и со спор за идентитети, веќе и историја измешена, сомнежи од двете страни за намерите, сето тоа ја наведе организацијата, а големите сили имаат главна одлука таму, да го префрлат тој спор на дипломатијата и барање на компромисно решение, така што и судската одлука веројатно ќе биде така некако избалансирана.
Кај нас најверојатно сега ќе има предвремени избори. Што може да се очекува на планот на решавањето на спорот за името од преговарачот Метју Нимиц?
Нимиц е посредник, значи тој навистина доаѓа со идеи, меѓутоа тој посредува помеѓу две страни. Доколку има силна воља кај двете страни проблемот да се реши, тој проблем тогаш и полесно би можел да се реши. По враќањето на нашата делегација од Вашингтон, каде што им беше укажано на повеќе недостатоци на нашата демократија и на нужноста да се реши спорот за Македонија да влезе во НАТО, а вратата САД ја држат сеуште отворена, реакцијата на домашната власт не беше онака како што една рационална политика би постапила, а имено да и се орабти на јавноста и на друтите политички партии и да рече `вака и вака, нашиот голем сојузник инсистира да направиме промена во политиката, ќе мора да се соочиме со тешките решенија, на нас е тоа, дајте да се обединиме да го решиме проблемот, па потоа да одиме после две години и кога ќе ни истече и нам мандатот, да одиме на избори.` Меѓутоа тоа не се случи, инстиктот за одржување на власт и бегање од тешкиот проблем предизвика некој вид двобој меѓу власта и опозицијата кој сега треба да се разреши на избори. Тоа значи, повторно не само одлагање решавање на прашањето, туку се става под знак прашање во каква состојба ќе бидат политичките чинители во Македонија на крајот од изборниот процес.
Сакате да кажете дека е важно сите политички субјекти да ги затворат отворените прашања во овој предизборен процес. Зошто е тоа битно?
Сега е тоа единствена шанса да поминеме низ мирни избори и евентуално со не големи рани да се вратиме на решавањето на битните прашања за Македонија, а во меѓунароните односи битното прашање е врзано за Грција, меѓутоа повторно мислам дека приликата е пропуштена и тоа скоро би рекол дефинитивно е пропуштена од страна на владеачката гарнитура која што со прифаќање да оди на избори за да се избегне решение за проблемот, сега ќе предизвика таква фрагментација на политичката сцена на Македонија која што ќе значи дека со ужасни тешкотии ќе може да се изгради консензус, но она што сега ни се случува е да не можеме да произведеме консензус ниту за изборите, и сега тоа не става во една ситуација на она што се нарекува ,,демократија што неможе да функционира."
Некои мислат дека во наредните пет-шест години нема ништо да се смени бидејќи Грција не прифаќа ништо?
Грција не е страната на која и се брза. Грција ги кажа своите ставови, направија еден исчекор од она што беше договор на нивните партии многу години, а тоа е дека ќе ја признаат државата само ако во нејзиното име го нема зборот Македонија, направија тоа што тие сметаат дека е голема отстапка бидејќи на референдум грчкото општество веројатно би отфрлило такво решение компромисно со зборот Македонија и некаква географска одреденица и имам впечаток дека тој ,,фајл" со името го имаат затворено и е ставено на страна бидејќи сега си имаат други проблеми, економски, домашни итн. Така што ако нам ни ,,гори под нозе" ние тоа треба да го правиме на сите можни начини, а пред се преку притисокот којшто ќе го вршиме со соработка со големата сила на денешницата, а тоа се САД и сега повторно се враќаме на почетокот, за жал односите со САД не ни се баш сјајни во последно време заради притисокот кој и тие го вршат врз Македонија за да се изнајде решение и така влегуваме во еден маѓепсан круг.
Што значи тоа што Стејт Департментот изрази загриженост околу судството, улогата на медиумите, политичкиот дијалог?
Велам ова е најверојатно без преседен во односите меѓу Америка и Македонија колку се тие во моментот практично затегнати и секоја паметна власт би заклучила дека станува збор за отстранување на дефектите во македонската демократија и ништо повеќе. Ако тие предлагаат нешто што не е повеќе од поправка на дефект на демократија тоа треба така да се направи, бидејќи сега кога се води општеството во насока на избори, нестабилност и конфронтација кога ќе излеземе од изборниот процес може да се случи да по сите тие точки бидеме во полоша ситуација отколку пред да влеземе во тој изборен процес.
Имаше ли обиди кога Вие бевте министер за надворешни работи и амбасадор на Македонија во ОН да се реши спорот за името уште кога беше на почетокот?
Тоа е една многу долга приказна, неможе во еден кус одговор да се каже, но обиди секогаш постоеле кога со претседателот Глигоров ја водевме надворешната политика во Македонија во 1991-93 година, заложбите беа веднаш да се обидеме да најдеме начин да се отстрани оваа пречка кон нашите стратешки цели, бидејќи ние тогаш прокламиравме дека стратешките цели на Македонија се членство во НАТО и ЕУ, се разбира Грците беа страотно непријателски расположени, имаше еден период кога тие сакаа да не постоиме, се плашеа од новиот национален ентитет кој се јавува на нивните граници, како тоа ќе влијае од другата страна на границата и имаше еден период на жестоки притисоци да не нема. Меѓутоа големите сили, пред се САД, Велика Британија, Скандинавските земји, ни дадоа сериозна помош да опстанеме, макар некогаш и со симболични гестови, да речеме Американците испратија 500 војници во Македонија под баретките на ОН и тие додуша се стационираа на аеродромот да бидат блиску и да можат да си одат ако се влоши ситуацијата, но имавме сериозна поддршка и политиката беше како со нивна помош да се издејствува компромисно решение бидејќи тогаш Грците беа бескомпромисни, сега отприлика влегуваме во ,,филмот" во кој тие беа во 90-тите години и затоа двете надворешни политики неможат да се сретнат.