Интервју - Теута Арифи

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Потпретседател на ДУИ и претседател на собраниската комисија за надворешна политика

Мислиме дека е потребна една интервентна дипломатија на многу високо ниво, но сепак да биде интервентна, која ќе биде од помош за изнаоѓање на решение за името, вели потпретседателката на ДУИ и претседател на собраниската комисија за надворешна политика Теута Арифи во неделното интервју на Радио Слободна Европа.



Една од последните идеи на вашата партија беше да се ангажираат меѓународни претставници во градењето државна стратегија за името. Која е смислата на оваа идеа кога ОН продолжуваат да ги поддржуваат двете земји во обидите да се најде решение?

Фактот дека спорот со името трае многу долго време и фактот дека поради тој спор или не наоѓањето решение за тој спор, се рефлектира со блокирање на евроатлантските процеси кои имаат многу последици за внатрешниот развој на нашата земја, фактични зборува дека уште долго нема да има решение. Токму поради тоа мислиме дека е потребна една интервентна дипломатија на многу високо ниво, но сепак да биде интервентна која ќе биде од помош за изнаоѓање на решение.

Има ли контакти со меѓународни посредници кои се поканети за ангажирање за градење на државна стратегија со оглед дека и кај меѓународниот фактор постои резервираност да се вклучат во оваа тема надвор од ОН?

Ние неможеме како политичка партија да ги поканиме, но секако сме во процес на нивно информирање со нашата инцијатива, идеја, значи со нивните претставници тука и во самите центри, затоа што сметаме дека без нивна ангажираност, навистина не ќе има решение на проблемот.

И американскиот амбасадор Рикер го повтори ставот на САД дека ги поддржуваат двете земји, но дека решението зависи и од лидерите на двете земји?

Мислам дека меѓународните претставници, особено на САД и на ЕУ, докажале дека се големи пријатели на Балканот и нашата земја и исто така имаат докажано дека во клучните моменти знаат да помагаат и да бидат од помош и да бидат присутни во многу дилеми и проблеми што сме ги имале како земја. Токму поради тоа јас ја поздравувам нивната подготвеност за да помогнат во решение и на овој проблем.

Со вакви идеи не се ставаме ли во ситуација да испраќаме сигнали на слабост како држава, неможевте ли да излезете со поконструктивна идеја?

Проблемот на лидери или на политиките на овие земји, особено балканските земји, е тенденцијата да се продаваат како многу силни, а во суштина не мислам дека се некои силни фактори на меѓународната сцена. Значи, и да ги признаете сопствените слабости, а јас мислам дека е голема слабост фактот дека не се изнајде добар внатрешен, домашен консензус во однос на името, тогаш тоа треба да си го признаете и да барате решенија и мислам дека ова е едно коректно решение што ќе им помогне на граѓаните на Македонија.

Дали оваа идеја е показател за односите во коалицијата со ВМРО ДПМНЕ?

Па ние секако дека имаме една коалиција што функционира, но во однос на прашањето за името на државата ние исто така сме високо заинтересирани ова прашање да го решиме, но не сме заинтересирани ова прашање да биде прашање кое се злоупотребува за домашни политички цели затоа што последната и крајната цена ја плаќаат сите граѓани без разлика дали се гласачи на ДУИ, на ВМРО ДПМНЕ или на СДСМ.

Меѓутоа секогаш ги оценувате како добри односите во коалицијата, на кој начин ги усогласувате ставовите?

Јас би рекла, коректни. Тоа се усогласувања кои се вршат на лидерско ниво меѓу лидерите на двете политички партии и после тоа тоа се срочува во рамките на владината активност или парламентатната активност.

Дали во членството постои поделеност или барања за излегување од коалицијата?

Тие барања, тој процес беше поактивен во изминатата година, кога јас мислам дека имавме можност со еден таков чекор навистина да дадеме придонес во забрзување на процесите во однос на решение за името. Сега како последна година на владеење, не мислам дека можеме да дадеме некаков особен придонес со излегување од владата, но во принцип дилемите не само мои туку и на многу мои колеги во однос на функционирањето или начинот како ги градиме односите секако дека остануваат отворени како политички ставови коишто се искажуваат во рамките на партијата.

Како гледате на барањата на опозицијата за состојбите во надворешната политика да се расправа на собраниска седница и за критиките дека на дипломатски позиции се поставуваат анонимни луѓе или дека се вработуваат во МНР членови на поширокото семејство на ВМРО ДПМНЕ?

Секогаш е добро да се има дебата за состојба во секое министерство, вклучително и во МНР и меѓудругото да се дебати за сите овие дилеми кои што ги искажавте и во вашето прашање во однос на тоа дали се направи најдобриот избор на амбасадори, дали неможевме и подобори, кои се пораките што сакаме да ги испратиме и дали навистина сакаме да градиме една ефективна и ефикасна меѓународна активност, за која што јас сум повеќе од сигурна дека неможе да биде ефикасна доколку немате резултати дома што треба да ги промовирите и доколку немате добар избор на луѓе преку кои сакате да ги промовирате тие односи.

Опозицијата во воспоставувањето на дипломатски односи со некои африкански земји го претстави како дипломатски пораз. Гледате ли вие некаква полза од воспоставувањето на односи со Зимбабве и Боливија или ова ве разочара?

Не гледам некоја полза од воспоставувањето на дипломатски односи со Зимбабве, сме живелее и без тие дипломатски односи. Мислам дека приоритет на Македонија е градење на високо ниво и силни пријателски односи со НАТО, ЕУ, САД, нормално и со членките на Советот за безбедност како што се Кина, Русија и Индија, значи тоа се приоритетите на Македонија и секој ангажман од овој тип ни губи време, ни троши непотребно пари и не ни помага ништо во тој процес што е клучен за нас, а тоа е процес на решение на спорот за името.

Вие сте претседател на собраниската комисија за надворешна политика. Која е моќта на ова собраниско тело затоа што се добива впечаток дека сите поважни договори се постигнуваат на лидерските средби?

Ова не е мој прв мандат како претседател на комисијата за надворешни работи, и сум постигнала колку што тоа било можно и порано и сега, за да направам комисијата да биде едно респектирано тело, да биде авангарда во многу идеи што мислам дека сме ги промовирале, и на крајот на краиштата ние сме првата комисија што организираше расправа за еден меѓународен догвор како што е договорот меѓу Македонија и САД каде што присуствуваа и когресмени од конгресот од САД. Значи не дека нема простор туку едноставно треба да верувате во демократијата како принцип, да се ангажирате таа да профункцинира низ институциите како што е и комисијата за надворешна политика и да не прифатите да ве третираат како не битна карика во целиот тој процес на правење држава.

Кои се вашите очекувања од унгарското претседателствување со ЕУ, за Македонија?

Претседавањето со ЕУ се битни, но сите знаеме дека претседавачите неможат да сменат став на ЕУ бидејќи тоа е колективна организација каде што колективно се одлучува. Се знае што се очекува од нас, тоа е решение по однос на спорот за името, а потоа воопшто нема да биде битно кој е претседавач со ЕУ или со друга организација.

Како гледате на средбата со Нимиц која доаѓа по подолго време?

Па, прво добро е да има средба затоа што имаше еден предолг период без средба, без никакво помрднување во однос на таа точка и очекуваме кои ќе бидат идеите што ќе произлезат од таа средба, но јас секогаш велам дека секоја средба што може да дојде каде и да е во Њујорк или од други места, неможе да биде замена за тоа што ние треба да го направиме дома, а дома се знае што се очекува од нас.