Тутунарите најавуваат граѓанска непослушност

Од вчерашните протести на тутунарите пред Собранието

Тутунарите изразуваат разочараност што нивната мака се исполитизира. Најавуваат нови протести и граѓанска непослушност.
Разочарани и незадоволни, се уште неосвестени од вчерашниот шок тутунарите најавија нови протести и граѓанска непослушност. Тие велат дека не можат да разбераат како после неколкудневното протестирање не наидоа на разбирање од парламентарното мнозинство и решение за нивниот проблем.

Одлука за натамошни протести и граѓанска непослушност


Штрајкувачкиот одбор на тутунопроизводителите денеска на состанок ќе одлучува за наредните мерки кои ќе ги преземат. Членот на штрајкувачкиот одбор Менде Стомнаровски вели дека во едно е сигурен, наредните протести нема да бидат насилни, а граѓанската непослушност ќе ја изразат преку неплаќање на давачките кон државата.

Тутунари пред Собранието

„Тоа подразбира дека доколку да речеме дојде ’нож до коска‘, тутунот ако дојде под 100 денари, има семејства кои не можат и сега да преживеат, а не пак цела година да се прехранат со тие пари и од каде ќе ги плаќаат сметките и давачките кон државата.“

Расправата во Собранието за проблемите на тутунарите заврши без конкретни заклучоци кои би придонеле да се решат проблемите на тутунарите. Собранието го усвои предлогот на ВМРО-ДПМНЕ откупот на тутун да продолжи според веќе предвиденото темпо, а дури за догодина да се менува Законот за тутун.

Тутунарите велат дека се разочарани што во целата мака тие стана инструмент само за политичка борба. Стомнаровски се жали дека се неправедно етикетирани како опозициски активисти.

„Тие не дискриминираат, тие во сите нивни медиуми, со сите нивни напади велат дека ние не сме тутунопроизводители. Затоа ги повикувам лично кај мене нека дојдат, да видат дали имам или немам тутун. Ние не бараме да си одите од власт, туку да го решите нашиот проблем, а пак останете си на власт.“

Политизацијата зазема драматични размери

Вчера бевме сведоци на два паралени протести еден пред Собрание и еден пред седиштето на опозициската партија СДСМ.

Експертите велат дека политизацијата зазема драматични и сериозни размери иако ова не е прв пат да се злоупотребува граѓанската мака за политички поени. Комуникологот Сеад Џигал вели дека ваквата ситуација ја отсликува политичката борба која од Собранието сега се префрла на улицата.

Тутунарите пред Собранието

„Пресликување на политичка борба и одземање на легитимни социјални инструменти за борба за своите легитимни права од страна на политичките субјекти. Ова за нас можеби во последниов период се чувствува почесто, но го имаме гледано тоа во соседните земји во текот на 90-тите години. Тоа е навистина тажна слика.“

Џигал додава дека се`политичката присутност е негативна појава која во последно време е во пораст.

„Значи кога ќе се измешаат лончињата и капачињата, кога политичката борба толку ќе се интензивира и ќе ги окупира другите сфери, тогаш буквално не постои разлика, измешани се сликите за тоа, кој за што протестира. Мора да се каже дека тоа негативен тренд или негативна појава која што е далеку од демократски зрела земја.“

Правото на протест е легитимно право во секоја земја, тоа е манифестација на незадоволство, но во состојба на атрофија на граѓанскиот сектор, незадоволните граѓани се нејмногу подложни на политички маркетинг и манипулација.