Ќе дискутираме, но ќе инсистирам да престане јавното препукување меѓу новинарите. Ќе понудиме како ново раководство на ЗНМ тие дебати да се водат во рамките на ова здружение.
Селмани, кои ќе бидат приоритетите за време на вашиот мандат како претседател на ЗНМ?
Ќе отвориме дијалог со сите и со секого. Ќе дискутираме, но ќе инсистирам да престане јавното препукување меѓу новинарите. Ќе понудиме како ново раководство на ЗНМ тие дебати да се водат во рамките на ова здружение. Мислам дека вистинското место каде што ќе имаме што да си кажеме меѓу себе ќе биде ЗНМ, а не користењето на медумите за меѓусебно дескридитирање, етикетирање, со што на некој начин ние се дисквалификуваме самите себе и се оневозможуваме да бидеме она што треба да бидеме во ова општество, а тоа е да претставуваме една авангарда.
Поделбата на „реформисти“ и “востаници“ беше евдиентна за време на двата изборни циклуса во ЗНМ. Како овие два табора, условно кажано, ќе ги обединиме?
Тоа ќе биде најлесната работа затоа што мислам дека и во едниот и во другиот табор има добронамерни и разумни луѓе со кои и ќе можеме да соработуваме и заедно да ја утврдиме нашата заедничка агенда и да најдеме начин како да ја оствариме. Мислам дека проблем ќе биде, или подобро рече наш заеднички предизвик, да ги споиме оние екстремни позиции кои ги застапуваат одредени медиуми. Ние нема да преговараме со медиуми ние ќе преговараме со колегите-новинари. Ако успееме во тоа, мислам дека и ЗНМ и ние како еснаф прво ќе го обелиме сопствениот образ. А тоа што се случи на собранието - напуштањето на телевизија А1 и отсуството на Сител и Вечер, мислам дека сега барем за мене е најголем предизвик, но она што јас можам да ветам е дека ќе пружам рака за соработка на секој новинар. Мораме да најдеме минимум консензус од кој ќе тргнеме во решавање на нашите проблеми.
Има се поевидентно мешање на сопствениците во уредувачката политика. Како ги оценувате овие состојби?
Бидејќи сме под притисок на настаните, изгледа дека ќе треба да отвориме дијалог со сите- и со сопствениците, и бизнис заедницата и со политичарите. Она што јас ќе преземам како прв човек на здружението кој ги претставува колегите е искрен, отворен и добронамерен дијалог. Без разлика што застапуваме различни интереси, во суштина ние имаме еден заеднички интерес, а тоа е да создадеме подобра слика за Македонија.
Како ќе ги надминеме како новинарски еснаф политичките притисоци?
Притисоци имало и ќе има. Меѓутоа, она што е важно како наш најсилен аргумент е професионално да си ја извршуваме работата. Да го почитуваме и да се придржуваме на етичкиот кодекс. Тој кодекс не е наша исмислица, тој кодекс е светски стандард затоа што ако ние газиме на принципите врз кои постоиме, тогаш нема да има сила што ќе не заштити.