Вклучувањето на Македонија во трасата на гасоводот Јужен тек на земјата ќе и донесе уште еден алтернативен и сигурен извор на енергија во иднина, велат експертите. Министерот за финансии, Зоран Ставревски најави дека владата при денешната посета на претставниците на компанијата Газпром ќе се обиде да ги убеди дека на компанијата финансиски ќе и биде исплатливо Македонија да се вклучи во гасоводот како транспортен коридор или пак да биде приклучена во соодветен крак. Професорот и академик, Григор Каневче вели дека преку Јужниот тек е во план да се зголеми протокот на гас во европските земји и во Македонија, што позитивно ќе се одрази врз пазарот со енергија.
Треба да се провери кои се условите и од финансиски аспект и од евентуални други прашања што рускиот партнер може да ги постави ...
,,Реално се очекува зголемено користење на гасот, со што би се овозможило и на домаќинствата и на комерцијалниот сектор и на индустријата низ цела државата, уште еден алтернативен извор на енергија, со тоа секако и поголема конкуренција меѓу снабдувачите со енергија и пониски цени."
И за професорот Атанаско Тунески корисно би било за Македонија приклучувањето во гасоводот за задоволување на енергетските потреби на земјата, но најпрвин треба да се видат условите под кои Газпром би го прифатил договорот.
,,Треба да се провери кои се условите и од финансиски аспект и од евентуални други прашања што рускиот партнер може да ги постави. На пример во случајот со Србија, рускиот партнер бараше да биде стратешки партнер на купувањето на нафтената индустрија на Србија, дали нешто слично овде ќе се случи ќе видиме."
Тунески додава и дека за разлика од проектот за изградба на гасоводот Набуко на Европската унија со цел да се намали руската доминација на пазарот на енергија реализацијата на проектот на Газпром е пореална и поперспективна. Но, според него иако ќе се зголеми влијанието на Русија тоа не треба да ја загрижува Унијата.
,,Западна Европа или воопшто ЕУ нема многу избор тука, нема други шанси за на друг начин да ги реши своите енергетски потреби, така што влијанието ќе се зголеми, но Русија е партнер на ЕУ, не е спротивставена страна."
Гасоводот Јужен тек е предвидено да почне со работа во 2015 година, а целата инвестиција изнесува над осум и пол милијарди евра.