Климатски промени, можеби

Активисти на Гринпис протестираат со маски со ликовите на германската канцеларка Ангела Меркел, американскиот претседател Барак Обама, италијанскиот премиер Силвио Берлускони, британскиот премиер Гордон Браун и францускиот претседател Николас Саркози

Летните горештини го изгореа истокот на Соединетите држави, како и делови од Африка и источна Азија, но и големи делови на Русија. Од друга страна тука се катастрофалните поплави во Пакистан, Кина, Средна Европа. Сето ова повторно го покрена прашањето за глобалното затоплување, односно дали тоа нема да предизвика поекстремни временски ситуации.
Жешкото време и големите поплави однесоа милиони хектари житарици и илјадници животи низ светот.

Дали ова ќе се повторува и во иднина?

Колективниот одговор на научната јавност се сведува само на еден збор: „Можеби“, наведува весникот Њујорк тајмс цитирајќи експерти во оваа сфера.

„Климата се менува“, вели Џеј Лоримор, климатолог, додавајќи дека екстремностите ќе се се случуваат се почесто и со се поглем интензитет.
Глобалното затоплување иронично, ќе ги зголеми снежните врнежи, но затоа ќе го скрати времетраењето на снежната
сезона.

Теориите сугерираат дека глобалното затоплување предизвикано од емисијата на штетни гасови во атмосферата ќе донесат потешки бури на лето, поголеми снежни врнежи на зима, поинтензивни суши и конечно рекордни температури.

Некои научници, повикувајќи се на статистички подотоци, сметаат дека сето тоа веќе почнало да се случува.

Но, повеќето од нив не се осмелуваат ваквите временски услови да ги поврзуваат само со емисијата штетни гасови.

„Ако ме прашате што лично мислам, дали жешкиот бран во Русија е поврзан со климатските промени ќе ви одговорам позитивно. Но, ако ме прашате како научник дали имаме докази за тоа ќе ви кажам не, барем засега.“

Мерењето на температурата покажува дека Земјата досега се стоплила за 1,4 Фаренхајтови степени од Индустриската револуција кога луѓето почнаа да емитуваат енормни количества јаглерод диоксид во атмосферата.

Од јануари до јули годинава, пак, е забележано најжешкото време досега.

Скептиците кои не веруваат во глобалното затоплување велат дека станува збор за вообичена промена на временските периоди во текот на постоењето на Земјата.


Тие цитираат податоци дека слична суша била евидентирана и во триесетите години од минатиот век.

Сепак, според повеќето научници, најновите екстремни температури ќе придонесат за натамошно менување на временските услови.

„Глобалното затоплување иронично, ќе ги зголеми снежните врнежи, но затоа ќе го скрати времетраењето на снежната сезона“, велат научниците.

Како и да е, ќе бидат потребни година или две пред научниците да ги соопштат резултатите од нивната анализа за руските жештини и за пакистанските поплави.

По долготрајниот жежок бран кој во 2003 година во Европа однесе најмалку 50 илјади човечки животи, што беше најлошата таква катастрофа во европската историја, научниците во своите анализи заклучија дека тоа веќе нема да се повтори, барем не со таков интензитет.

Засега се во право. Времето се побрзо и поинтензивно се менува.