Матни бизниси го уништуваат преспанското јаболко

Јаболка

Поради матни бизниси со пестицидите потребни за прскање на овошките со цел поголема заработувачка, на преспанското јаболко му се заканува уништување.
Болести се закануваат да го сотрат преспанското јаболко. Нападнато е од пепелница и краставост како никогаш до сега. Иако, овошките годинава се прскани 15 пати, агропрепаратите не дале никаков резултат. Јаболкопроизводителите се сомневаат дека некој прави бизнис на нивна штета.
Фирмите наместо од еден тон концентрат да направат пет тони препарати, прават десет тони. Разблажени се и не делуваат.


„Прво немаат изгледа контрола врз препаратите. Оваа година се планираше во Преспа да се прскаат јаболката 15 пати, а толку пати до сега ги испрскавме, а има уште три месеци до берба. Немаме доволно препарати увезени од надвор. Фирмите наместо од еден тон концентрат да направат пет тони препарати, прават десет тони. Разблажени се и не делуваат. Кога одиме на аптека ни велат ова оди 100 грама препарат на 100 литри вода како што пишува во упатството. Од друга страна ни велат треба да го појачате 200 насто. Тој си го дуплира препаратот и нас ни го дуплира џебот“, обвинува Мензес Решитоглу, еден од најголемите јаболкопроизводители во Преспа
Веќе се земени примероци од препаратите од земјоделските аптеки и се доставени до надлежната лабораторија каде ќе биде испитана активната супстанца, односно нејзината ефикасност.
.

.
Со болестите расте и паниката кај овоштарите. Ако лани вкупните трошоци за производство на јаболка на годишно ниво изнесувале 2 милиони евра, годинава претпоставуваат дека сумата ќе биде двојна - околу 4 милиони евра. По ваквите обвинувања, земјоделскиот инспекторат излезе на терен и ги прочешла земјоделските аптеки во Ресен.

„Во два наврати, во мошне краток период извршивме контрола. Веќе се земени примероци од препаратите од земјоделските аптеки и се доставени до надлежната лабораторија каде ќе биде испитана активната супстанца, односно нејзината ефикасност. Доколку неа ја нема во препаратот, без разлика на рокот на траење, ќе се сносат санкции“, изјави министерот за земјоделство Љупчо Димовски.

Поради неправилности во работењето со пестициди инспекторатот затвори три земјоделски аптеки во Ресен и уште неколку други добија парични казни.