Клинтон во турнеја на убедување

Американскиот државен секретар Хилари Клинтон ја започнува петдневната турнеја низ земји од Источна Европа и Јужен Кавказ. Предвидени се повеќе разговори со лидерите на тие земји, јавни настапи, средби со невладини организации, меѓу другото, и со цел да се отстранат стравувањата во тие земји дека ресетирањето на односите меѓу Соединетите Држави и Русија, ќе бидат на нивна штета.

Американскиот помошник државен секретар, Филип Гордон изјави дека Соединетите Држави сметаат оти земјите од Источна Европа не треба да избираат дали ќе бидат проруски или проамерикански настроени.

„Мислиме дека некои руски соседи имаат бенефиции кога САД и Русија имаат меѓусебна доверба и добри односи. Сигурен сум дека Полска, Украина, Грузија, Ерменија и Азербејџан ќе го отворат прашањето во врска со Русија и тоа ќе биде добра можност Хилари Клинтон да им објасни што значи ресетирањето, што мислиме за европската и регионалната безбедност.”

Тој додаде дека посетата на повеќе држави има и повеќе цели, но оти заедничка тема е демократијата.

Украина


Хилари Клинтон ја започнува турнејата во Украина, каде што покрај средбите со државниот врв, планирани се разговори и со поранешната премиерка Јулија Тимошенко, како и со претставници на медиуми и невладини организации. Клинтон, во Киев ќе настојува да стави до знаење дека и покрај проруската ориентација на претседателот Виктор Јанукович, треба да биде обновено стратегиското партнерство со Соединетите Држави и со Западот. Филип Гордон додава:

„Таа ќе стави јасно до знаење дека тие две работи не се во судир и се надеваме дека Украина ќе има добри односи со Европа и со САД и покрај блискоста со Русија.”

Но, Клинтон ќе се осврне и на назадувањето на демократијата во некои области, како што е слободата на медиумите и изборниот процес.

Полска

Наредната станица на Хилари Клинтон ќе биде Полска, каде што ќе учествува на прославата на 10-годишнината од основањето на Заедницата на демократиите, а во официјалните раговори ќе доминираат темите како Авганистан, Иран, европската безбедност, економски и енергетски прашања.

Азербејџан
Рускиот претседател Медведев, азербејџанскиот Алиев и ерменскиот Саркасјан

Најголем дипломатски предизвик за Хилари Клинтон се смета посетата на Азербејџан. На САД им е потребено Азербејџан да ја продолжи соработката во врска со транзитот на трупите кон Авганистан и станува се поважен стратегиски партнер, со оглед на проблемите во Киргистан. Од своја страна, Баку бара американска подршка за спорот со Ерменија околу Нагорно-Карабах. Клинтон, меѓу другото, ќе се обиде да ги смири тензиите меѓу Ерменија и Азербејџан. Но американските релации со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев се нарушени поради несогласувањата во врска со нуклеарната безбедност и обидите на Алиев да го попречи обновувањето на ерменско-турските односи. Посебно е проблематично недемократското владеење на Алиев, забрането е емитување на странски програми, независните медиуми се под силен притисок, а невладините организации не можат да се регистрираат.

Ерменија

Слична е агендата на Хилари Клинтон и во Ерменија, средби со државниот врв, но и со опозицијата, а теми се демократизацијата, слободата на медиумите и човековите права и секако спорниот регион Нагорно Карабах. Клинтон ќе настојува да ја помрдне од мртва точка и ратификацијата во врска со нормализацијата на односите меѓу Ерменија и Турција.

Грузија


Последната станица од турнејата на Клинтон е Грузија каде што треба да биде разгледан прогресот на американско-грузиското стратегиско партнерство. Грузија, и натаму ги смета Јужна Осетија и Абхазија за окупирани територии, а по самитот Обама-Медведев во Вашинтон, Клинтон треба да го убеди грузиското раководство дека САД и натаму се на страната на Грузија.