Дневен печат

Дневен печат

Прегледот на дневниот печат денеска го почнуваме со загрижувачките вести од државните клиники што во изминатава недела ги објави Утрински: За време на викендот на Хируршките клиники, од вкупно 19 оперативни сали, од страна на санитарните инспектори биле затворени дури 11, поради тоа што во воздухот била најдена бактерија. Се оперирале само итни случаи. Исто така, Утрински информира дека се трошеле и последните резерви на игли и на шприцови и дека се во прашање денови, кога поголем број од клиниките може да останат без основниот медицински материјал.

Дневник, Утрински и Време информираат за влегувањето на предлог-ребаласот на буџетот во собраниска процедура и за реакциите на опозицијата на предложените кратења од страна на Владата. Дневник ги извлекува оценките на опозицијата дека тоа не било ребаланс туку полициско-финансиска ујдурма на власта која само гледа како да ги ограби граѓаните. Утрински, дека владата штедела на кибрит, а се вози со пајтон, поточно дека останале мегаломанските трошења и дека кратењето на парите, на пример, за Агенцијата за државни патишта ќе ги дораскопало дупките по нашите патишта.

Време забележува дека „Војничката чорба станува се потенка“ дека со ребалансот се намалуваат парите за обука и за модернизација на АРМ, а се зголемуваат издатоците за плати на администрацијата и за набавки на мебел.

„Гостите од НАТО“ видоа како се фингираат прес-конференциите во Македонија“ пишува Утрински за пресот на генералниот секретар на НАТО Расмусен и премиерот Груевски во Владата, кога портпаролот Мартиновски, без претходен договор, и даде збор на новинарката на Сител ТВ, но таа немаше прашање за ниту еден од двајцата. Мора да нагласам дека Утрински малку го згрешиле името, затоа што се работи за Александар Ѓорѓиев, а не за портпаролот на владата Мартин Мартиновски.

Време, по средбата на Груевски со Штефан Филе во Брисел, информира дека Филе му дал на Груевски нов рок до 26 јули за Македонија да направи видлив напредок во реформите во најпроблематичните области за да се спаси од негативен извештај за напредокот во реформите.

Нова Македонија заклучува дека „Црвенковски сонува за власт со воен преврат“, затоа што договорил политичка коалиција со професионалните војници и изнесува интересна теза дека тој подготвува сценарио како во Киргистан со најавата дека СДСМ со дејствувањето од сега па натаму на Груевски ќе му го направел животот ноќна мора.

Во врска со темата вонредни парламентарни избори ќе има-ќе нема, Време информира дека „Откако Владата сфати дека има многу мртви гласачи, гробари ќе го чистат избирачкиот список“. Поточно, погребните претпријатија ќе биле обврзани да ги пријавуваат умрените граѓани, а ќе се соочеле и со казни доколку погребувале на диво.