ЕУ со побрза политика на проширување?

Европската унија, презафатена со сопствените финансиски проблеми, не им дава внимание на земјите од Западен Балкан. Поради тоа го губи кредибилитетот во регионот кој повторно може да стане нестабилен. Ова се наведува во извештајот на Европскиот совет за надворешни односи, во кој се заклучува дека Унијата мора да ја преиспита својата политика на Балканот.
Една од главните забелешки, според експертите, е предолгиот период на преговорите за влез во Европската унија.

Тие, како што наведува Александра Штиглмаер од Иницијативата за европска стабилност во Брисел, не можат да завршат за три до четири, туку ќе траат од осум до десет години, а можеби и подолго:

„Европската унија знае дека без неа нема ни иднина, ни трајна стабилност во земјите на регионот. И покрај тоа, таа им прави големи тешкотии на земјите кандидати да ги минат првите неколку чекори. Им се прават непотребни пречки.“
Во Македонија веќе гледаме враќање на старата националистичка реторика. Значи, во многу земји наместо прогрес имаме регрес, а тоа не би се случило доколку политиката на проширување беше пореална и
поконкретна.

Штиглмаер додава дека со брзото започнување на преговорите и Европската комисија многу побргу и поконкретно би се вклучила во спроведувањето на потребните реформи.

Таа, како пример, ги наведува Босна и Херцеговина, Албанија и Македонија.

Александра Штиглмаер

„Во Македонија веќе гледаме враќање на старата националистичка реторика. Значи, во многу земји наместо прогрес имаме регрес, а тоа не би се случило доколку политиката на проширување беше пореална и поконкретна“, наведува Штиглмаер.

Таа предлага забрзана процедура за поднесување апликација, оценка на Брисел за состојбата и почеток на пристапните преговори.

„Моментално имаме своевиден магичен круг. Властите во земјите од регионот размислуваат приближно вака: Добро, Европската унија не не сака, тамошното јавно мислење не е заинтересирано за проширување, па зошто да преземаме реформи кои ќе бидат болни за граѓаните ако немаме непосредна полза. Тоа за западноевропските земји е добра причина да кажат дека овие земји не работат доволно и не треба да станат членки на Унијата.“

Од ваквиот круг, додава Штиглмаер, мора да да се излезе со позитивна логика. Тоа е можно ако процесот на проширување на Европската унија стане пореален, поконкретен и пократок од сегашниот. Ако не за конечното зачленување, тогаш барем за почетокот на преговорите, вели таа.

„Ние, секако, не очекуваме нашите преопораки, вакви какви што се, да бидат прифатени уште утре, бидејќи постои неподготвеност за продолжување на процесот на проширување. Но, со наредните претседателства на Белгија, Унгарија и Полска кои се многу заинтресирани за овој процес ќе биде успех доколку биде прифатена некоја од нашите препораки“, наведува во интервјуто за Радио Слободна Европа, Александра Штиглмаер од Иницијативата за европска стабилност во Брисел.