Новиот Старт потпишан

Обама и Медведев на прес конференцијата во Прага

Американскиот претседател Барак Обама и неговиот руски колега Дмитриј Медведев ја потпишаа новата билатерална спогодба за нуклеарно разоружување. За Обама, тоа е милениумски чекор на долгиот пат кон нуклеарната безбедност во светот, а за Медведев историска победа за целата меѓународна заедница. Двајцата лидери разговараа и за американскиот анти-ракетен план и за Иран.
„Денеска направивме милениумски чекор за нуклеарната безбедност и неширењето на оружјето, како и за американско руските односи. Ги исполнивме заедничките цели за нов стратегиски договор за редукција на нуклеарното оружје.“

Ова беше изјавата на американскиот претседател Барак Обама, по потпишувањето на договорот со неговиот руски колега Дмитриј Медведев во Прага. Според Обама, денешното потпишување е доказ за подобрување на билатералните односи меѓу САД и Русија.
Рускиот претседател Дмитриј Медведев, пак изјави дека денеска во Прага се случил значаен историски настан.

„Ние потпишавме документ кој целосно го одразува балансот на интересите меѓу Русија и САД. Главно е што во оваа игра добиваат сите. Таканаречена Вин – Вин ситуација.“

Овој договор претставува победа за целата меѓународна заедница, додаде Медведев.

Американската анти ракетна одбрана

Размена на потпишаните документи на договорт Старт во Прага

Обама и Медведев инаку се согласија и да ги прошират разговорите за анти-ракетниот штит.

„Претседателот Медведев и јас се договоривме да ги прошириме разговорите за анти-ракетната одбрана. Тоа значи редовна размена на информации за нашите проценки и јас очекувам сериозни разговори за ова прашање“, изјави американскиот претседател.

За Медведев, ова било исклучително тешко прашање пред потпишувањето на новиот Старт. Обама го уверувал рускиот претседател дека анти-ракетниот план не е против балансот меѓу САД и Русија.


Иранската нуклеарна програма


Во врска со Иран, Обама изјави дека Техеран треба да се изолира и да се соочи со последици. Медведев се согласи со Обама и го критикуваше Иран дека не одговорил на многу конструктивни предлози во врска со нуклеарната програма.

„За жал Иран не реагираше на цела низа конструктивни и компромисни предлози и ние не можеме да ги затворме очите кон Иран и отаму не е случајно што Советот за безбедност ќе ги разгледува новите санкции спрема Техеран.“
.
Новиот СТАРТ инаку ги обврзува двете земји да ги намалат боевите глави на 1550 парчиња во секоја земја. Се проценува дека во САД и во Русија се наоѓаат 95 проценти од вкупниот нуклеарен арсенал во светот.

Политичко значење на новиот Старт


Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Обама и Медведев го потпишаа новиот Старт




Договорот, кој мора да биде ратификуван од страна на Сенатот на САД и од рускиот парламент предвидува намалување на бројот на оперативно распоредените нуклеарни боеви глави до 1.550 за двете страни. Сегашниот лимит е 2.200. Со договорот ќе се намали и бројот на таканаречените подвижни проектили кои се испалуваат од возила и тоа до 700 за двете страни. Според аналитичарите, овој договор има повеќе значење за политиката отколку за безбедноста. Воениот експерт Александар Голц вели:

„Тој отвора можност за соработка и за многу други вистински безбедносни прашања, како што се Авганистан или соработка во случајот на Иран или било кој друг вид на соработка што може да биде многу плодно за двете страни.“

Следната недела, Обама во Вашингтон ќе биде домаќин на десетици светски лидери на самит за нуклеарна безбедност во светот.