Да не беше Грција, сега ќе бевме во ЕУ

Министрите за надворешни работи на Унгарија и Македонија Петер Балаш и Антонио Милошоски

Шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски, по денешната средба со неговиот унгарски колега Петер Балаш во Скопје, изјави дека, да не беа блокадите од Грција, Македонија ќе станеше членка на ЕУ заедно со Романија и со Бугарија. Тој најави дека посредникот на ОН во спорот за името, Метју Нимиц би можел да се сретне со македонските и грчки претставници кон средината на април.
Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски вели дека, доколку Грција не ја попречуваше Македонија во изминативе две децении, земјава во најмала рака ќе станеше членка на ЕУ заедно со Романија и со Бугарија.
Ако Грција навистина сака да го промовира планот за зачленување на Западниот Балкан во Унијата до 2014 година, би требало да го смени својот однос кон прашањето на евроинтеграциите на Македонија, но и да го промени односот кон Косово, вели Милошоски.
Се говори за добрососедство, а се промовираат негативни слогани и емоции. Се говори за интегрирање на Западен Балкан во ЕУ, а оние кои можат да го направат тој исчекор се блокирани.

„Но, како што видовме со инцидентот од пред неколку дена каде што беше промовиран еден таков нетолерантен, милитантен екстремизам, сметам дека често се случува и кај грчката политичка елита, едно да говори, а друго да работи. Се говори за добрососедство, а се промовираат негативни слогани и емоции. Се говори за интегрирање на Западен Балкан во ЕУ, а оние кои можат да го направат тој исчекор се блокирани.“

Милошоски информира дека, според најавите од посредникот на ОН во спорот за името меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, следната средба меѓу него и македонските и грчки претставници може да се очекува кон средината на април.

„Ние сме подготвени за тоа и како и секогаш до сега би зеле конструктивно учество.“

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Антонио Милошоски



Претходно се најавуваше дека средбата меѓу Нимиц и македонскиот и грчкиот преговарач за името Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис ќе се орджи до крајот на месецов.

Меѓународниот фактор постојано повторува дека спорот за името може да се реши до средината на годинава, кога завршува шпанското претседателство со ЕУ. Од друга страна, домашната јавност е се повеќе скептична дека до јуни ќе има решение.

На анкетното прашање, на нашата интернет-страна макденес.орг, „Кој може да го реши спорот за името?“, речиси половина од читателите одговориле дека никој не може да го реши. Секој четврти испитаник смета дека спорот може да го реши актуелната влада, околу 15 отсто сметаат дека решение може да донесе техничка влада, а 10 отсто од читателите што одоговориле на прашањето, сметаат дека опозицијата може да го реши спорот.

Од друга страна, домашните експерти велат дека, без поактивно вклучување на меѓународната заедница, решение е речиси невозможно.
Професор Ивица Јосифовиќ вели дека вклучувањето на ЕУ во решавањето на спорот е побавно, затоа што таму треба да се усогласат 27 држави кои имаат и различни надворешни политики.
На домашен план, тој вели дека можеби е најдобро да се состави техничка влада што ќе треба да го реши спорот, за и власта и опозицијата да ја избегнат одговорноста за решавање на тоа прашање.

Од друга страна, политикологот Хисен Рамадани вели дека проблемот е многу посложен, отколку што се мисли. Тој вели дека решение нема да има, се додека Грција не се согласи да ја прифати двојната формула. Според него, само тоа решение може да донесе мир и стабилност во регионот.