САД и Русија со нов договор за контрола на оружјето?

Русија и Соединетите Држави, според некои наводи, ги надминале сите разлики за новиот договор за контрола на вооружувањето. Историскиот договор за намалување на нуклеарното оружје, би требало да биде потпишан за помалку од две недели во Прага.
Новинските агенции, цитирајќи висок претставник на Кремљ, јавија дека биле договорени сите документи потребни за да се потпише договорот кој ќе го наследи претходниот, за намалување на стратегиското оружје, познат како СТАРТ од 1991 година. Агенцијата Асошиетед прес исто така цитираше висок американски официјален претставник кој изјавил дека в петок би требало да биде објавено дека договорот бил постигнат. Сепак, портпаролот на Белата Куќа Роберт Гибс вели дека преговорите се уште не биле завршени:

„Ние, мислам, сме многу блиску до постигнување договор за СТАРТ договорот. Но, нема да го имаме се додека претседателот Обама и неговиот колега Медведев нема да имаат шанса уште еднаш да разговараат.“

Потпишаната спогодбата ќе биде врвот на скоро едногодишните преговорите меѓу руските и американските претставници. Првично се чинеше дека тие би можело да завршат до декември минатата година кога всушност и истече важноста на договорот СТАРТ.
Ние, мислам, сме многу блиску до постигнување договор за СТАРТ договорот. Но, нема да го имаме се додека претседателот Обама и неговиот колега Медведев нема да имаат шанса уште еднаш да разговараат.

На новиот договор се гледа и како на клучен момент во ресетирањето на односите меѓу Москва и Вашингтон, на што претседателот Обама и државниот секретар Хилари Клинтон инсистираат, откако Обама ја презеде функцијата во јануари минатата година. Овие односи го достигнаа најниското ниво по руско-грузиската војна во август 2008 година. Барак Обама и рускиот претседател Дмитриј Медведев во април минатата година се согласија да преговараат за наследник на СТАРТ, а неколку месеци потоа се договорија да направат и значајни намалувања на нуклеарните арсенали.

Секоја страна се согласи да го намали бројот на распоредени нуклеарни боеви глави за една четвртина: од 2.200 на 1.600 и да го преполоват бројот на стратегиските проектили: од 1.600 на 800. Тоа следеше откако во април лани во Прага, претседателот Обама ја претстави својата визија за свет без нуклеарно оружје.

„Како единствената нуклеарна сила која употреби нуклеарно оружје, Соединетите Држави имаат морална одговорност да дејствуваат. Во тој зафат ние не можеме да успееме сами, но можеме да го водиме и да го започнеме. Така денеска, јасно и со уверување ви велам: Америка има обврска за мирот и безбедноста во свет без нуклеарно оружје.“

Токму Прага, според информациите, била одбрана од Обама и Медведев за место каде што ќе го потпишат новиот договор. Тоа најверојатно би се случило на 8 април. Медведев претходно ќе престојува во дводневна посета на Словачка. На 11 и 12 април пак, Обама во Вашингтон ќе биде домаќин на самитот на 44 земји, посветен на нуклеарната безбедност.

Потпишаниот договор со Русија до тој датум ќе биде моќен симбол за неговата посветеност за намалување и евентуално елиминирање на светските залихи на нуклеарно оружје. Сепак, пред да стапи во сила, овој договор ќе мора да биде ратификуван од парламентите на двете земји. Процес што, според аналитичарите, би можело да потрае и неколку месеци.