Зоран Ставрески, Министер за финансии

Зоран Ставрески, Министер за финансии

Ребалансите се нормална работа, ги имаше во сите изминати години, кога имавме по еден или два ребаланси и не треба да се прави ,,баук" од тоа, ги има во сите земји. Меѓутоа во оваа фаза е несериозно да се предлага ребаланс кога изминаа само два месеци од годината и кога приходите се во рамките на очекувањата, така што нема никаква причина за тоа.
Г-дине Ставрески, Владата донесе четврт пакет антикризни мерки. Кои од овие мерки се во ингеренции на Министерството за финансии и како ќе помогнат за подобрување на деловната клима за стопанствениците?

Владата донесе 24 мерки во овој последен четври пакет, од кои една четвртина се директно предложени од Министерството за финансии. Јас би ги споменал меѓу позначајните, мерката за намалување на цената на земјиштето за фирмите што сакаат да го откупат, за 30% ја намалуваме цената, што значи дека заедно со оние 35% дисконт што ќе следи доколку се плати во готовина, за околу 65% ќе биде пониска цената во однос на постојните, сегашни цени. Втора значајна мерка што би ја издвоил, посебно како антикризна мерка за помошта за ликвидноста на фирмите е раздојувањето на обврската за плаќање на ДДВ од обврската за плаќање на плати и придонеси. Значи сега ДДВ ќе се плаќа на 25-ти во месецот наместо на 15-ти како што беше досега, со што практично ќе им помогнеме на фирмите да немора во еден ден да ги собираат парите за да ги плаќаат обврските за плати и за даноци туку ќе може на два пати во месец да го направат тоа што значи една помош за ликвидноста на фирмите, да не бидат толку под притисок во еден ден да го исполнат она што им е законска обврска.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Zoran Stavrevski


Опозицијата предложи итен ребаланс, дали е основано ова барање?

Во оваа фаза значи само после два изминати месеци, не би било во ред да се прави тоа и нема потреба да се прави тоа. Ребалансите се нормална работа, ги имаше во сите изминати години, кога имавме по еден или два ребаланси и не треба да се прави ,,баук" од тоа, ги има во сите земји. Меѓутоа во оваа фаза е несериозно да се предлага ребаланс кога изминаа само два месеци од годината и кога приходите се во рамките на очекувањата, така што нема никаква причина за тоа.

Дали оваа година ќе се трага по комерцијални кредити, дали се размислува за аранжман со ММФ, за чии каматни стапки се вели дека се пониски од комерцијалните?

Точно е дека ММФ има пониски каматни стапки, но каматните стапки не се целата приказна, значи има многу други услови кои што следат во аранжманите со ММФ и затоа многу помал број на земји се одлучуваат да склучат аранжман со ММФ, од оние земји кои што немаат големи макроекономски проблеми. Земјите што склучуваат аранжмани со ММФ се всушност оние кои што имаат големи економски проблеми. Македонија нема таква макроекономска слика за да биде принудена да склучи аранжман со ММФ. Како и сите земји во развој бевме погодени од кризата, имаме потреба од дополнителни финансиски средства од надвор, за да го освежиме стопанството и тие средства ќе бидат обезбедни во 2010 година, најверојатно преку издавање на уште една еврообврзница.

Народната Банка ги намали референтните каматни стапки. Дали тоа се случи поради промени во фискалната политика или поради поповлни проекции за раст?

Мислам дека е комбинација од двете. Координацијата на монетарната и фискалната политика во насока да се праќаат исти сигнали кон економијата е потребна и таа се реализира на тој начин што фискалната политика кај државните записи ја намали каматната стапка, значи Министерството за финансии отиде со последната опција од ниска каматна стапка од 4,99% значи историски најниска каматна стапка и второ буџетскиот дефицит е на ниско ниво и тоа и дава сигурност на Централната Банка дека нема да има притисоци врз девизниот курс или други видови на дестабилизација и вкупните околности, порастот на индустриското производство во декември што беше, значи некои знаци, првични знаци на заздравување на економијата кои што сеуште не се дефинитивни, значи во јануари имавме пад на производството меѓутоа сепак веќе е евидентно дека економијата почнува да заздравува и сето тоа вкупно и овозможува на Централната Банка да повлече потези и јас мислам дека во скора иднина Централната Банка би требало да отиде на дополнително намалување на референтната каматна стапка со цел да го поддржи економскиот раст.

По завршувањето на последната аукција на државни записи, власта во стопанството врати околу 20 милиони евра. Дали новото задолжување беше единствениот начин за да се расчистат тековните расходи?

Не, ние со тоа ново задолжување повторно вративме 20 милиони евра. Значи вкупно вративме 52 милиони евра, а 32 милиони евра повлековме, значи на нето основа 20 милиони евра вративме во економијата, во стопанството и тоа е едно од барањата што беше на бизнис заедницата, да државата помалку се задолжува во земјата и мислам дека враќањето на 20 милиони евра е исклучителен успех бидејќи на тој начин враќаме пари во банките, а со тоа и во стопанството за да го поддржиме економскиот раст. Вообичаено е државата во одделни периоди да оддржува аукции на записи бидејќи тие се и составен дел на развојот на пазарот на хартии од вредност и тие ги имаше и во добрите економски години, значи пет-шест години наназад и ги има во сите земји, меѓутоа значајно е во вакви околности да оставиме поголем дел од средствата на располагање на банките со цел и надеж дека тие ќе ги пласираат тие средства во стопанството и тоа е тоа што го направивме.

Споменавте дека бизнисмените бараат помалку задолжување дома. Дали тоа значи повеќе ќе се задолжуваме во странство?

Проектирано е оваа година задолжувањето во земјата да биде за 11% помалку од 2009 година и проектирано е вкупниот износ на задолжување надвор да изнесува приближно на нивото што беше минатата година можеби нешто малку над тоа со цел да се донесат свежи финансиски средства од надвор бидејќи тоа е значајно за да се зголеми вкупниот обем на средства во економијата.

Дел од БДП-то го сочинуваат и трансферите од странство. Според некои неофицијални проценки, 20% од БДП се трансакции од надвор. Дали кризата во Грција ќе придонесе за намалување на овие трансфери?

Трансферите од странство се повеќе од земјите од ЕУ кои што се во западна Европа, значи таму каде што имаме наши иселеници, Германија, Франција, Швајцарија, Италија... Значи, многу помал дел се од Грција, така што по тој основ кризата во Грција не би требало да предизвика нарушување на вкупниот обем на трансфери од странство во Македонија. Влијанието на кризата во Грција може да се почувствува во трговските односи каде што доколку дојде до посериозно социјални немири во Грција, затворање на Солунското пристаниште, затварање на границата заради штрајкови и слично, тоа секако ќе влијае врз трговијата меѓу Македонија и Грција, односно врз работењето на нашите фирми. Во делот на инвестициите, јас не очекувам да има последици бидејќи условите за бизнис во Македонија се подобри отколку во Грција, имаме пониски трошоци така што нема причина инвеститорите да реагираат на негативен начин.

Од државната каса се издвојуваат пари и за привлекување на странски инвестиции. Сепак во јавноста се појавија критики дека посебно за 2008 година, парите одвоени за економските промотори биле фрлени во вода. Кога може да се очекува исплатливост на инвестициите за привлекување на странските инвеститори?

Гледајте, зависи како ја мерите исплатливоста. Значи ние овде зборуваме за еден концепт и архитектура како земјата се однесува во привлекувањето на инвестиции. Тој концепт не е само економски концепт, туку е и политички, затоа што зборувањето за Македонија како земја каде што има добри услови за инвестирање е и политичка промоција на земјата. Никој пред две-три години од тие познати инвеститори незнаше каде се наоѓа Македонија, сега врз основа на тоа перманентно наше присуство во весниците, во медиумите во странство и посетите што ги направивме, голем број на стопанственици кои што се влијателни во своите земји и политички влијателни и влијаат врз политичарите, стекнаа подобар впечаток за Македонија. Сето тоа го поправа имиџот на Македонија во светот и помага Македонија да се презентира како една земја која што има добра перспектива, која што е кандидат за членство во НАТО, ЕУ и слично. Вториот сегмент е оној чисто сегментот на привлекување на инвестиции и во тој дел она што е значајна порака што ние сакаме да ја проследиме до инвеститорите е дека ние сме упорни и ќе останеме упорни до крај за да привлечеме инвестиции и тие тоа го ценат. Кога ја посетивме ,,Оракл" во Соединетите Држави, во услови на најголемата криза првиот човек на ,,Оракл" ни рече: ,,Вие имате фанатизам колку сте упорни во привлекување инвестиции штом и во вакви услови доаѓате и зборувате за земјата како дестинација за инвестирање". Но, во тој бизнис нема успех преку ноќ. Тој бара ангажман континуиран, не се знае кога ќе резултира со успех, не се знае кога ќе дојдат инвеститорите, дали во мандатот на оваа влада, дали во мандатот на следната влада, значи ќе има резултат од сето тоа. Ние нормално сакаме што поскоро тоа подобро. Но, сепак објективните околности во светот не ни одат во прилог заради економската криза, но тоа не значи да се откажеме, има многу работи поради кои што треба да останеме ангажирани и тие пари вредат да се потрошат за таа намена бидејќи се трошат за Република Македонија и за економскиот и за политичкиот имиџ на Македонија. Тоа е нашето уверување и тоа е нашата програма и ние остануваме доследни на тоа.