Достапни линкови

ЛДП бара интерпелација на Ставревски


Лош ребаланс и катастрофален буџет за 2010 година и неодговорно задолжување во странство. Ова се само дел од причините на опозициската ЛДП поради кои бара интерпелација на министерот за финансии Зоран Ставрески. Експертите во одбрана на министерот. Тие велат – нема основа за интерпелација.

Пратеничката на ЛДП Роза Топузовска каревска ги наведува останатите причини за поднесената интерпелација

„Агресивно, и во спротивно со донесениот буџет задолжување на земјата на домашниот пазар. Исто се забележува катастрофална реализација на обезбедените донации коишто ги имаме, непочитување на Собранието на Република Македонија и надлежните собраниски тела, како и континуирани притисоци и нарушување на независноста на НБМ.“

Опозицијата бара ребаланс, министерот одговара - рано е

Од опозициските партии, меѓу другото, се бара и итен ребаланс на овогодинешниот Буџет. Од Министерството за финансии, посочуваат дека буџетот за 2010 за сега нема да се преправа. Министерот за финансии Зоран Ставрески во неделното интервју за Радио Слободна Европа додава дека ребалансите се вообичаена постапка во располагањето со парите на народот
Министерот за финансии Зоран Ставревски

„Во оваа фаза, значи само после два изминати месеци не би било во ред да се прави ребаланс, и нема потреба од тоа. Ребалансите се нормална работа, ги имаше во изминатите години, еднаш два пати и не треба од тоа да се прави баук и ги има во сите земји. Но, во оваа фаза е несериозно да се предлага ребаланс, кога изминаа само два месеци од годината и кога приходите се во рамките на очекувањата, така што нема причина за тоа.“

Експерти: Интерпелацијата неоснована

Покренатата интерпелација е неоснована бидејки одговорноста за кроење на Буџетот не е само кај Министерот, смета екс - министерот за финансии Џевдет Хајредини

„Поводот за евентуална интерпелација на Министерот за финансии е формулирано воопштено, значи, тешката финансиска, економската состојба во државата, кризата во буџетот, не можат да се припишат само на еден член на владата, па макар бил тоа и Министерот за финансии.“

Многу фактори имаат придонесено за актуелната економска состојба и не може само Министерот за финансии да се товари за сегашната состојба во економијата вели професорот Мирољуб Шукаров:

„Јас лично сметам дека нема елементи коишто би можеле да товарат министер за финансии во ова бурно време, кога се измешани сите оние лоши економски насилства од минатото. Економската криза, тековните проблеми, проблемите во структурата на економијата кои се долгороични, кои не можат да се променат за време на една владина гарнитура.“

Буџетот, задолжувањето дома и во странство, антикризните мерки и расходите за привлекување странски инвестиции се теми за кои збортува Министерот Ставрески во неделното интервју на Радио Слободна Европа кое ќе се емитува во недела.
XS
SM
MD
LG