ЕУ не прифаќа нови држави на Балканот

ЕУ комесарот за проширување Штефан Филе

Европската унија нема да прифати создавање нови држави на Балканот. Ова во интервју за Радио Слободна Европа го вели новиот комесар на Европската Унија за проширување Штефан Филе. Според него, Унијата своите односи со соседите ќе продолжи да ги гради врз, како што вели, прагматична основа.
„Поголема координација“ - Вака еврокомесарот за проширување Штефан Филе ја објаснува неговата функција која е дел од новата позиција во Унијата што е востановена со Лисабонскиот договор. Станува збор за високиот претставник за надворешна политика што сега ја извршува Кетрин Ештон.

„Она што е ново е дека ние сега повеќе се координираме. Можете како пример да го земете Западен Балкан. Тука е и Украина каде што за прв пат комбинираме некои мерки што треба да се стори и што нудиме, а потоа нив ги споредуваме. Одговорноста на Ештон е да обезбеди едногласност меѓу Комисијата и Советот на Унијата.“

Запрашан дали постои опасност од поголем индеферентен пристап на Европската унија спрема Источна Европа, бидејќи, според некои аналитичари, Кетрин Ештон немала посебен интерес за регионот, Штефан Филе вели:
Точно е дека во услови на шестмесечно ротирачко претседателство со Европската унија, некои повеќе се интересираа за проширувањето и источното соседство, од другите, но сега имаме можност за покохерентна политика спрема соседите...


„Не постои рамнодушност, затоа што Ештон јасно вели дека таа има три приоритети: првиот е да изгради дипломатски сервис, вториот и е соседството во целост и третиот развој на односите со стратегиските партнери. Точно е дека во услови на шестмесечно ротирачко претседателство со Европската унија, некои повеќе се интересираа за проширувањето и источното соседство, од другите, но сега имаме можност за покохерентна политика спрема соседите.“

Што се однесува до Западен Балкан, посебно за проблемите во Босна и Херцеговина, еврокомесарот Штефан Филе вели дека Европската унија подготвува нов пристап чија цел е таа земја да се приближи кон Унијата. Запрашан дали Европската унија се подготвува да ја прифати поделбата на Босна тој вели:

„Мислам дека она за што сега се подготвуваме не е тоа сценарио. Она што сега го правиме се фокусира врз начините како да и помогнеме на Босна и Херцеговина во овој момент, односно да се избегне таквото сценарио.“

Наведува Филе, додавајќи дека ќе мора да се преземат дополнителни мерки со цел таа земја да биде поставена на постабилни основи. Според него, клучно е продолжувањето на Дејтонскиот договор и уставните промени кои, како што вели, треба да го отвори патот Босна и Херцеговина да биде раководена од стабилна, ефикасна власт. Запрашан конкретно дали може и дефинитивно да ја отфрли можноста дека Европаката унија ќе прифати појава на некоја нова држава во регионот Филе со одговор:

,,Не, ние не сме подготвени да прифатиме зголемување на бројот на земјите во тој регион и правиме се со постоечките земји да ја избегнеме таквата ситуација.,,

Вели новиот комесар на Европската Унија за проширување и за европската политика спрема соседството Штефан Филе во интервјуто за Радио Слободна Европа.