Уставни измени?

Дали уставните измени ќе се најдат пред пратениците?

Во ВМРО ДПМНЕ велат дека зголемувањето на бројот на членови на Судскиот совет што се бираат директно од судиите ќе ја зајане независноста на ова тело. Опозицијата обвинува дека целта на уставните измени е дополнителна партизираност на судството, а експертите повикуваат на претпазливост.
Во владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска брифираат дека со иницијативата за уставни измени во делот на изборот на членовите на Судскиот совет сакаат да ја зајакнат независноста на ова тело. Тие велат дека сакаат да се зголеми бројот на членови на Советот кои се избираат директно од судиите. Се уште, не се знае дали тоа ќе придонесе за зголемување на бројот на членови во Советот или пак ќе се намали бројот на членови од други предлагачи.

Судскиот совет сега има 15 члена. Осум од нив се избрани од судиите, тројца од Собранието, двајца судии членуваат во Советот по предлог на Претседателот на државата, а по функција во советот членуваат министерот за правда и претседателот на Врховниот суд.

Во ВМРО-ДПМНЕ информираат дека измените предвидуваат, министерот за правда веќе да не членува во Советот, по функција. Тие тврдат дека измените имаат подршка од меѓународната заеедница.
Во канцеларријата на ЕК во Скопје велат дека не се информирани, ниту пак од нив е побарано мислење за предвидените измени.
Во ДУИ објаснуваат дека се во тек со планираните измени. Пратеникот Аднан Јашари од ДУИ вели дека промените одат во две насоки – зголемување на бројот на членови на Советот и зголемување на бројот на членови што се избираат директно од судиите.

„Додека не се утврди точно на кој начин ќе се реализираат овие две измени што ги споменав, нама да соопштиме став, дали овие измени се прифатливи за нас.“
Додека не се утврди точно на кој начин ќе се реализираат овие две измени што ги споменав, нама да соопштиме став, дали овие измени се прифатливи за нас.


Јашари вели дека нема да има други измени освен тие за составот и начинот на избор на Републичкиот судски совет.

Опозициската СДСМ вчера реагираше дека целта на измените е дополнителна партизираност на судството. Пратеникот Стојан Андов од Либералната партија, пак, предупреди дека уставните измени ќе предизвикаат домино ефект и ќе има барања за нови измени. Нова демократија веднаш најави дека е подготвена на уставни измени, но во делот на употребата на албанскиот јазик. Тие, исто така бараат уставните судии да гласаат со бадентерово мнозинство.

Експертите по уставно право велат дека секоја промена на Уставот може да предизвика дополнително затегнување на политичката состојба. Тие велат дека уставните измени треба да се прават многу внимателно и со поголема претходна анализа и подготовка, затоа што може да се одразат и на други членови од Уставот ила пак на цели закони.
Професор Саво Климовски смета дека неминовно ќе дојде до проширувања на листата на барања за уставни измени. Тој оценува дека Уставот е многу порозен, неконзистентен и оти одредени одредби се неусогласени. Попаметно е да се отвори процедура за донесување нов Устав и да се направи еден меѓусебно усогласен текст, па макар и тоа да трае два години, вели Климовски.
Ќе внесе политички раслојувања, конфликти итн, што нам во моментов не ни се потребни, освен ако некој сака да го одвлече вниманието на јавноста и да скрие некои поголеми цели кои не сака да ги проголта.


„Со отворањето и на најмали измени во Уставот, вие ќе повлечете несогледливи последици и на други места. Уставот е акт, којшто, ако да речеме во првиот член промените една запирка, веќе во 130 член може да има огромни последици и да го смени значењето на уставната одредба.“


Климовски смета дека делумните промени на Уставот ќе доведат до големи политички судири.

„Секое парцијално менување на Уставот неминовно ќе има лавина на барања, ќе биде предмет на меѓусебни пазарења и отстапки и ќе внесе политички раслојувања, конфликти итн, што нам во моментов не ни се потребни, освен ако некој сака да го одвлече вниманието на јавноста и да скрие некои поголеми цели кои не сака да ги проголта.“

Професор Осман Кадриу, пак вели дека Уставот не може да се менува набрзина и оти мора да има цврсто образложение зошто се прави тоа.

„Прашањето е доста деликатно, сложено и треба да се има стручна, професионална, уставна анализа ако се оди на такви измени.“