Достапни линкови

(Не)зависно судство


Прес конференција на Уставниот суд
Прес конференција на Уставниот суд
Не постои апсолутно независно судство, ослободено од какви било политички притисоци, признава стручната јавност во земјава.Судските завршници на предмети кои се чувале во фиоки многу години повторно го отвораат прашањето за селективност во одлучувањето,велат претставници на судската власт. Иако не се исклучува политичко влијание врз судството, претседателот на Основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев вели дека одговорноста лежи во судската фела..

„Понекогаш ми се чини дека самите колеги кои што носат судски одлуки сакаат да потенцираат дека некој наводно им се јавил од законодавната и од извршната власт, со него комуницирал за одредена судска одлука, сметајки дека на тој начин ќе може да добие самиот тој одредена тежина.“

И адвокатите признаваат дека притисоци во судството има. Самиот факт што политичките партии влијаат врз изборот на судиите, е сигнал дека нема независна судска власт, вели адвокатот Александар Тортевски.

„За некои притисоци за кои јас слушам во кулоарите, јас кога би бил судија би излегол на прес конференција и би ги решил. Најчесто тоа се луѓе кои што се плашат за сопствената егзистенција и подлегнуваат на тие притисоци, а кога еднаш ќе успее тој притисок после е полесно.,“

Секој кој сторил кривично дело треба да одговара за тоа што го направил, објаснува универзитетскиот професор Осман Кадриу. Но, иако уставно-правно сите три видови власт во македонскиот политички систем се одвоени, постојат индикации кои покажуваат дека се вршат притисоци врз донесувањето на судските одлуки ,

„Мошне опасно е ако во сите тие постапки имаме индикации и информации дека се оди по селективен пат, што значи дека само одделни личности од политички причини, политички побуди се поведува постапка да се бара конкретна одговорност.“

За експертите индикативно е и присуството на претставници не само од судската власт туку и од извршната и законодавната власт во составот на највисоките органи на судството.

„Дали можеме да зборуваме за судство кое не е под никакво влијание од политичките партии, доколку една реалност е евидентна, ние во овие органи ги имаме инволвирано сите четири власти,“

вели Кадриу.

Упатените велат дека реформата за модернизација на судството која подразбира инсталирање на нова програма преку која одредени институции ќе имаат директен пристап во судскиот систем и целокупната евиденција на предметите што се работат ќе отвори цвистинската дилема за тоа дали воопшто постои независност во судството.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG