Русите омекнуваат во однос на САД

Најновите истражувања покажуваат дека расположението на русите спрема Соединетите Држави е подобрено откако Барак Обама е американски претседател. Новинарот на Радио Слободна Европа, Кевин О Флин, низ улиците на Москва разговараше со обичните руси за нивните мислења во однос на американците.

Студената војна можеби е завршена, но во изминатите неколку декади, русите сеуште имаа екстремно резервиран став спрема Соединетите Држави. Со изборот на Обама, кој вети нов почеток во односите со Русија, и расположението е подобрено. Во анкетата што ја спроведе Левада Центарот во јануари, 54 насто од русите одговориле дека им се допаѓаат американците, во споредба со 34 насто во ноември 2008-ма. Михаил Леонов, 37 годишен инжинер, смета дека Русија и Соединетите Држави стануваат поблиски.

“Односите со Соединетите Држави се подобрени од изборот на Обама. Постои надеж, има разлика. Иако и Путин одржуваше коректни релации со Буш, политиката на Обама носи поголем оптимизам”.

Одлуката на Обама за откажување од анти-ракетниот штит во Полска и во Чешка, беше поздравена од многумина руси. Леонид Василев, пензиониран професор, за Обама оценува


“Тој ја доби Нобеловата награда за мир, можеби за она што има намера да го направи во иднина, но ја заслужи. Во неговата програма е зацртано да шири оптимизам, верба и надеж”.

27-годишната Наталија Логинова, уредник на финансиска интернет страница, вели дека таа немала негативно мислење за Соединетите Држави и пред изборот на Обама, но оти посебен впечаток и оставило тоа што американците избрале црн претседател.

“Да бидам искрена, тоа го смени моето мислење. Не мислев дека ќе биде избран црн претседател. Тоа го подобри моето мислење за американскиот политички систем и за американците”.

Сепак, Ирина Неман, 73-годишна пензионирана иниженрка, смета дека американско – руските односи се премногу комплицирани.

“Русија никогаш не ги сакала Соединетите Држави и нема ни да ги сака, поради завист. Русија знае дека заостанува, а тоа не и се допаѓа. На индивидуално ниво, нема проблеми, но владите на двете големи сили не можат да ги надминат разликите”.