Веб-Хајд парк на слушателите

Денес лизгалиште, утре...?

Искрено зборувајќи, мислев дека проектот ,,Скопје 2014,, повеќе ќе ве инспирира на реакции во нашиот Хајд парк, барем ако се следат веб-страниците на другите медиуми. Не се снебивајте, почитувани, напишете си го она што ви лежи на срцето.
Искрено зборувајќи, мислев дека проектот „Скопје 2014“ повеќе ќе ве инспирира на реакции во нашиот Хајд парк, барем ако се следат веб-страниците на другите медиуми. Не се снебивајте, почитувани, напишете си го она што ви лежи на срцето. Еве, на пример, Ирена од Скопје го пишува следново: „Браќа и сестри, касно се разбудивте. Додека се свестиме, пола центар на Скопје не личи на себе. Веќе голем број од објектите се во градба и се при крај, а сите гледавме и молчевме. Сега кога покажаа се' како замислиле, група деца ни ги отвараат очите, ама касно е???“ завршува со повеќе прашалници Ирена, веројатно мислејќи да стави извичници. Како и да е, Ирена седнала на компјутер и напишала, исто како и Иван од Скопје кој смета дека младите архитекти треба повеќе да се ангажираат, да остварат контакти со наши млади и прогресивни архитекти надвор од Македонија и да обезбедат поддршка против ваквото, како што пишува,блудничење врз градот Скопје.
Додека се свестиме, пола центар на Скопје не личи на себе.


Затоа, пак, нашите слушатели се поагилни за извештаите на новинарите од дописништвото на Радио Слободна Европа во Скопје: На претпоставките дека решението за спорот за името е блиску, некој жител на Валандово потпишан како Џони пишува како што би си разговарал со својот прв другар: „Шо блиску бе до решение каково решение. Гујо името не го дава“. И ни порачува: „Да ви е јасно на сите“. Во врска со извештаите за зачестените посети на странски дипломати и функционери на земјава, покрај другите и на новиот еврокомесар за проширување Штефан Филе, Иван од Скопје жално извикнува: „Кутриот, дојде во Македонија и Грујо го прекрсти…“ Веројатно Иван мисли на тоа што премиерот постојано го ословуваше својот гостин со Фуле.

Некој, пак, скопјанец потпишан како Морис реагира, и тоа мошне остро, а причините самиот си ги знае, на интервјуто со началникот на Генералштабот на АРМ, Мирослав Стојановски, што го подготви новинар на нашево Радио. „Слаби прашања сте му поставиле на кадарот на ЈНА, трансформиран во АРМ офицер“, вели Морис. Тој смета дека Стојановски, за сите досегашни пропусти се криел зад министерот за одбрана, а и дека не се грижел за статусот на Албанците-офицери, подофицери и професионални војници. Кога сме кај генерал Стојановски, неговото интервју, барем до ноќта во неделата кон понеделникот, е најпопуларно според слушаноста, потоа е прегледот на неделниците, па извештајот за престојот на еврокомесарот Штефан Филе на земјава.